09.06.2023

Мицкоски со две вести од Охрид: СДС е развластена, ДУИ оди во опозиција

Добра вечер Охрид!
Добра вечер за нашиот Ерусалим, градот на многу дејци, историја и премрежја.
Многу ми е драго што вечерва имам можност да се обратам и да ви
соопштам две важни вести по лидерската средба.
Првата е СДС е развластена.
Ковачевски за брзо ќе си оди од премиерката фотелја. Дури денес
свикува некои органи и тела во партијата да ги разгледа идеите на
лидерската средба кои веќе еднаш ги одби. Но народот вели подобро
некогаш да се сети, отколку никогаш.
Втората вест е дека ДУИ е детронизирана и прашање на миг е, час
поскоро, по 20 години власт, 20 години за злоупотреби и криминал да
одат во опозиција.
Доста беше, им се гледа крајот.
И навистина ми е драго што со еден чекор, со само една средба се видоа
вистинските лица на многумина. И можам да кажам дека долго, навистина
макотрпно разботев јас и моите луѓе да ги извадиме на чистина.
И сите еден по еден, едно цело купче се собраа во клопчето од
стратегијата која ја имав и каде успешно загризаа на темите, и еве
денес сите збориме за тоа кога ДУИ ќе биде опозиција, а власта на СДС
да биде детронизирана.
Тргнете ги на страна оние еуфорични соопштенија на СДС, оние вештачки
гушкања на темата уставни измени и изнасилени радости на партијата на
власт која панично ја шират лагата дека ВМРО-ДПМНЕ наводно им ги
прифатила уставните измени кои се последица на бугарскиот диктат.
Сосема свесно ги оставив да го дуваат балонот, затоа што веднаш зад
аголот се гледа дека ја промашија работата и како меур од сапунуца им
се распрсна оваа лага.
Ако навистина им ги прифативме тие уставни измени како што сега тврдат
во средата ќе отвореа шампанско и ќе славеа, а во четвртокот ќе ставеа
точка на дневен ред во Собранието за уставни измени. И наместо сето
ова тие денес држат состанок за тоа како да му кажат на членството
дека ја губат власта.
Знам дека им е тешко, им се стега душата, на лажичка ја губат власта
која долго ја злоупотребуваат, на рати доаѓа времето кога ќе треба да
се соочат со одговорност за сите постапки и грешки. Ама од тоа бегање
нема.
И сосема видливо е дека немаат мнозинство за уставни измени кои ги
туркаат под бугарски диктат, и дека цела година лажеа дека ќе
обезбедат пратеници, па кодошеа по светот и пред амбасадори каде ги
молеа да превземат чекори и направат притисок, но се им падна во вода.
И она што најасно се виде од лидерската средба е тоа што сепак може
подобар договор и фер шанса за Македонија. Сепак не мора и не смее да
се прифати бугарскиот диктат и сепак може да се сменат околностите и
да се има ново решение како предлагаме.

Суштината е што СДСМ и ДУИ ни велат дека можна е интеграција само
преку уставни измени кои ќе бидат под бугарски диктат национално
посрамотени без гаранција дека во некоја наредна прилика Македонија ќе
биде повторно закочена.
А суштината на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ дека можна е интеграција во
Европската унија и зачувување на националното достоинство, јазик и
посебност. И тоа го нудам.
И затоа на маса ставив две понуди. Првата е формирање на преодна влада
на сите партии, без ДУИ во нејзе. Влада под наши услови без
криминализираниот дел од сегашната гарнитура кога ќе треба да донесе
измени на Уставот со одложено дејство кои ќе стапат на сила со
членството на Македонија во ЕУ. Така добиваме гаранција дека
Македонија ќе биде на брза патека за Европската унија, и кочничарите на
нашата интеграција Бугарија да станат активна заинтересирана стана за
побрза европеизација на државава.
Втората понуда е избори сега, обезбедување на гаранции од европски
институции за зашптита на националните и државни интереси како и
економски пакет за подобар живот во државата по повеќе основи, па
потоа носење на измени на уставот со обврска опозицијата да го
поддржува процесот како би се гарантирало националното единство кога е
во прашање гарантирање заштитата на државните и национални интереси.
И овие два пакети опфаќаат детронизирање на сериозното диво месо кое
го гуши системот со криминал и неспособност ДУИ.
И поаѓам од појдовната вистина дека Македонците 32 губат на своја
штета без да се обединат во име на подобрата иднина и потребата да се
зачуваме себе си како народ.
Јас цврсто верувам дека е можна европска интеграција и заштитен
идентитет, а без да се случи тоа јасно е како бел ден дека уставни
измени нема. Прашањето е што ќе добие Македонија од оваа остапка, а
еднаш треба да се постапиме поинаку и помудро од се досега.
Македонците треба да се обединат и мене ми е навистина жал што и
социјалдемократите тоа не го гледаат. Што таа партија стана заложник
на кариерите на неколкумина кои владеат и се водат политика исклучиво
водени од лични интереси и за сметка на личните кариери.
Погледнете имаме една парадоксална ситуација, ДУИ е подготвена да оди
во опозиција, ама Ковачевски не дава. А не дава зошто тоа се врзани
крвни садови кои се во живот поради криминал и пари на гребот на
чесниот народ.
И нормално во целата оваа ситуација најгласни се оној платениот
елемент на СДС во десницата оние чии чевли се преголеми и целиот свој
живот сонувале да бидат ВМРО-ДПМНЕ, а никако не стигнуваат ниту до
првата буква.
Оние кои имаат една две скопски јавни институции и се оќореа од
привилегии и од таа малку власт што ја имаат, и кои само пари ги
интересира. Е тие кои имаат задача да глумат ВМРО-ДПМНЕ, а немаат
снага ниту името да го изговорат, знајте дека имаат за цел не да ја
спасат Македонија туку да си изградат лични кариери и да обезбедат за
себе пари. И таа партија чии перјаници од шарена револуција и
криминалното СЈО, во скутот на Заев, па сега Ковачевски лажни
солзи ронат за името, знамето, историјата и уставните измени знаеме
дека одработуваат нарачки и работат против својот народ. Не верувајте
на овие патриоти на батерии кои се околу себе мразат, и кои работат
директно за СДС, а така и за ДУИ.
А ним еве од Охрид ви кажувам броено ви е времето. Уште малку остана,
спремајте се за долга опозиција и одговорност. Ќе се соочите со правда
и тука бегање нема. Правда и одговорност.
Драги пријатели,
Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата, се првите
зборови на нашата химна, но и зборовите на голема надеж, голем сон и
иднина каква сакавме да имаме и епизодата по која копнеевме, а сè
помалку гледаме дека ја добиваме овие 32 години од независното
постоење на нашата татковина.
Денес од таа Македонија за која сонувавме сме подалеку од тогаш кога
ја создававме. Се изгуби таа енергија, се загуби тој копнеж. Луѓето се
отуѓија, им се одзема правото на колективното сонување, правото на
заедничка среќа.
Кога една нација нема сон, знајте дека веќе е одземено правото да се
борите за иднината во која сте верувале. И таа нација не е среќна,
туку длабоко разочарана, апатична, со чувство дека е отфрлена од
синовите и ќерките кои требало да донесат надеж и среќа, а донеле
беда, разочарување и кражба на колективната радост. Затоа е и
разочарувањето кон политичарите, и затоа е чувството дека сите се
исти, па колку и да сме различни.
И работите никогаш не биле толку драматични како во последните 6
години кога немаме само лошо владеење, не самоуправување кое е
навреда на интелигенцијата на народот, туку масовен удар по нашето
постоење, рекомпонирање на погрешни и новосоздадени основи кои никогаш
не биле дел од нашиот код, нашиот идентитет. И кога крадците не само
на државното богатство, туку и на колективната среќа ни велат дека нè
спасуваат за да ни донесат иднина, знајте дека тоа се миговите кога
најмногу нè предаваат и миговите кога Македонија се уништува повеќе од
кога било порано.
Колку и да го прикажуваат тоа како некакво си спасување за некаква
иднина каква немаме почувствувано ниту секунда, вистината говори дека
Македонија ја губиме на рати, полека и болно пред нашите очи.
Македонците премногу губат овие 32 години независност. Дел по дел
поради луѓето што ја злоупотребуваат вашата доверба толку многу
години, се создава чувство на неправда, на постојани откажувања, без
да има возвратено добро.
Неспособност и запрепастувачка леснотија на уништување на сè што
досега е направенo, но и крадење не само на нашата држава, институции,
министерства, претпријатиjа, туку и крадење на соновите, иднината и
правото да се бориме за заедничката среќа.
Нам апатијата ни ја произведуваат да се откажеме од борбата, за
полесно да им поминува богатењето на грбот на народот.

Шест години е кулминацијата на сите несреќи на сите луѓе на оваа држава.
Македонија има премиер кој е киднапиран од ДУИ, и министер за
здравство кој се однесува како министер за здравство на Косово.
Замислете вчера се пофали со тоа што ги изедначил цените за лекување
во Македонија со тие на Косово за тамошните државјани. Демек
македонскиот здравствен систем е совршен па може и да извезуваме
здравство, и тоа по исти цени како и за македонските граѓани.Свесно ја
осиромашуваат државата. А шест години една шајка не заковаа во било која
болница. Немам јас против да се помага, и тоа на било која држава, но
имам против кога се дерогира системот, а министерот треба да научи што
значи суверенитет, устав и закони, а пред се заштита на државни
интереси.
Зошто несреќата во Македонија не познава ниту вера, или припадност кон
нација, туку таа е колективна и заедничка.
10 000 загубени жртви од ковид, тоа е цел еден град кој престанал да постои.
Изгорена ковид болница, автобуски несреќа кои покажуваат дека системот
не само што не функционира, туку и престанува да постои. Милионски
отштети за клинички центар кој не само што не го изградија, туку
наследениот не го отпочнаа.
Автопатишта кои ги заглавија и од кои дебело печалат. Црни тендери
кои завршуваат во приватни џебови. Премиер и министри со семејства кои
се бизнисмени, и сиромашен и гладен народ. Инфлација која силно удира
по стандардот и сè повеќе граѓани кои се сиромашни. Колективна
сиромаштија за сметка на нивната индивидуална среќа со нашите пари.
Иселување кое одново го згаснува животот во нови домови, нови градови.
И кога ќе ви речат воздржете се и вкусете уште една голема кнедла,
уште едно ново самопорекнување, останете неми на уште едно големо
предавство на своето постоење, треба да знаете две работи: дека тоа не
е последното што го подготвуваат и дека среќата и сонот што ги
ветуваат нема никогаш да дојдат со овие луѓе.
Обландата дека се европски ориентирани е само завесата со која се
покриваат за да им поминуваат криминалот и предавствата.
Нивната среќа за народот значи несреќа.
Нивните пари за народот значат празни џебови.
Власта е готова, и единственото бегство од соочување со правдата и
народот, им е се функциите како место кое им нуди засолниште од
народот. Но, тоа можеби им купува време, но не ги спасува од судот на
народот.
И затоа ние остануваме со народот и заедно ќе сме се до конечната победа.
Го видоив видеото на Марија Раткушиновска Бимбилоски од Охрид. И кога
ќе ја превзземеме централната власт посебен фокус ќе ставиме на развој
на културата и туризмот. Нашата сила и силата на малите народи е во
културното богаство. Ќе инвестираме во културата. Ќе овозможиме
делегиран буџет за културните установи каде тие ќе одлучуваат за
приоритетите.
Ќе стимулираме на инвестициите на приватните иницијативи во културата,
преку изградба на театри и кина. Државата ќе направо изградба на нови
театри во Прилеп, Охрид и Скопје.

Ќе направиме намалување на ДДВ од 18 на 5% во културата и ќе
спроведеме организирана акција и чекори за унапредување на
македонскиот јазик како наше идентитеско обележје. Ќе вложиме во
инфраструктурата, спортот и туризмот. Турзимот ќе го развиваме преку
подобра инфраструктура, подобра понуда и подобро преставување пред
светот. Потребни се инвестиции и знаење за ова. Ќе се бориме за
промени кои мора да се случат.
Затоа мораме да направиме три важни работи.
Прво, најважно од се е да излезете на избори. Да се вклучите во
политиката затоа што само така од внатре, лично со вашиот глас и со
вашата рака ќе ги менувате работите. Одѕивот мора да биде голем,
разликата да биде што поголема и јасна. Седењето дома и прифаќањето на
тезата сите се исти или нека излезат другите јасно е дека ќе се смени
власта само им го ублажува поразот, што секако одзема од енергијата на
промени која мора да биде голема за да бидат и промените ефикасни.
Второ, важно е да излезете на изборите и одѕивот да биде голем за да
ДУИ ја пратиме во опозиција, а Ахмети во политичка пензија, а Груби
да се соочи со одговорност. Да го поразиме поголемиот брат од истата
оваа коалиција која толку многу ја криминализира државата веќе 20 и 2
години по ред.
Трето, не верувајте на оние кои имаат задача да имаат цврста ретрика
ида бидат платена опозиција. Секогаш кога ќе оди ВМРО-ДПМНЕ по десно или по
остро, тие само на зборови да одат подесно или поостро. Секогаш без
дела да го разјадуваат националното ткиво или слабеат нашата борба
бивајќи спотери, спаринг партнери во битката на СДС ио ДУИ против
ВМРО-ДПМНЕ. Таквите инсталации се заинтересирани за својот комодитет и
личлна кариера, а најмалку за Македонија.
Обединети, сложни да излеземе и го кренеме нашиот глас за промени,
иднина и подобра Македонија.
Само така ќе имаме чиста и јасна победа и енергија за градба на
Македонија во која веруваме.
Заедничкиот патриотизам е и надежта и сонот за држава која ќе обезбеди
еднакви можности секој да се развива според своите квалификации и
способности. Држава која ќе обезбеди работа за невработените,
сигурност за оние кои се на удар од предизвиците на сегашноста,
закрила за слабите. Солидарност во која мораме да веруваме.
Заедничкиот патриотизам ги руши зидовите на омраза и побделби. Ги
остава зад нас оние прашања кои толку многу не мачат и делат овие 32
години независност од кој видовме само болка и страдања и заедничкиот
патриотизам е борбата за убав живот, живот на институции кои
функционираат за сите, систем кој нуди шанса за сите. Држава која нуди
заштита за сите.
Македонија на заеднички победи, реформи. Македонија на големи чекори
напред и големи промени. Македонија која дава сигурност, дава
перспективна шанса за секого. Македонија во која одлучувате вие.
Македонија која ја победува апатијата, која ја менува грдата реалност.
Која дава рака на секој еден кого системот го оттурнал и го ставил на
страна.
Македонија на работниците, на невработените кои мора да се вработат,
на докторите, на професорите. Македонија на умните и мудрите.
Ова е Македонија на народот кој знае кој е. Кој знае што е и каде треба да биде.
Македонија на народот кој е посилен од секоја елита, клика и група
која нè влечела надолу.
Нашата борба е вредности, идеал и кауза.
Нашата борба е да ја обновиме Македонија.
Промените да победат, за заедничка иднина!
Ова е незапирливата сила на народот.
Ова е Македонија! Македонија за сите!