27.02.2024

Мицкоски: Силјановска ќе води со над 100 илјади гласови пред Пендаровски во првиот изборен круг, таа е професионалец со интегритет

Зад кандидатурата на Силјановска Давкова застанаа неколку десетици членови на Конвенцијата, врвното раководство на партијата со тоа недвосмислено ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ. И ние сме убедени дека таа ќе биде избрана како претседател на 8 мај кога се очекува исто голема победа на ВМРО-ДПМНЕ, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашното гостување во Тема на денот што се емитува во рамки на централниот Дневник на телевизија Сител.
„Изминативе пет години имам можност да соработувам со неа директно на прва линија и можам да кажам дека воспоставивме начин на соработка што се темели на принципи што ми е многу важно, важно ми е што заклучокот од дебатата се темели на аргументите“, вели Мискоски.
Мицкоски оцени дека професорката е исклучителни харизматична личност, личност со богато професионално портфолио, професионалец со интегритет.
„Според она што го знам омилена е помеѓу студентите на Правниот факултет, и мислам дека во рамки на ингеренциите што ќе ги има како претседател ќе има само додадена вредност, бидејќи таа има и исклучително големо искуство во меѓународни институции“, кажа Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски оцени дека Македонија многу ќе добие споредено со другите кандидати посебно со Пендаровски.
„Тука би го издвоил актуелниот Претседател Стево Пендаровски и ценам дека тука треба да се бара името за вториот круг. Иако мислам дека според сите оние анкети кои ги имаме и анализи предноста на Силјановска ќе биде повеќе од 100 илјади гласови во однос на Пендаровски најмалку 100 илјади гласа разлика во првиот круг и ценам дека тоа ќе даде озбилна порака кон гласачите како да се мобилизираат за вториот изборен круг претседателски избори, како и за парламентарните на 8 мај“, рече Мицкоски.