15.02.2024

Мицкоски: Седењето дома на овие избори е поддршка за Груби, ДУИ и СДС, важно е масовно да се излезе на гласање

Наша проценка од тоа што го анализираме во мерењата е дека неопределените се многу повеќе од 100 илјади гласа. Нашите детални анализи велат дека од четири гласа кај неопределените сигурно два доколку излезат би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, а останатите два би делеле другите опозициски условно кажано политички партии вклучително и оние кои се во условно кажано албанскиот блок, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашното гостување на телевизија 21 во емисијата Клик плус.
Мицкоски додаде дека ќе се стави акцент да се убедат неопределените да излезат на избори и да гласаат.
„Убеден сум дека од сите оние условно кажано неопределени гласови најмалку половината доколку одлучат да излезат да гласаат, а ние ќе сториме се бидејќи тоа ќе ни биде главната кампања, нормално користејќи ги демократските методи да ги убедиме дека е потребно да се излезе и да се гласа“, рече Мицкоски.
Мицкоски кажа дека седењето дома на овие избори е поддршка за ДУИ и СДС и токму поради тоа важно е масовно да се излезе на гласање.
„Граѓаните мора да знаат дека седењето дома и на тој начин искажување револт, или негласањето е во суштина гласање. Само во тој случај гласате за Артан Груби, Али Ахмети, Зечевиќ, Маричиќ и останатите. Затоа е многу важно да имаме масовна мобилизација која ќе се случи и луѓето ќе излезат да гласаат на изборите“, заклучи Мицкоски.