03.01.2023

Мицкоски: Од нив самите зависи дали крајот ќе биде безбеден или ќе биде пеколен

Оваа владеачка коалиција е целосно корумпирана, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во новогодишното интервју за Вечер.мк и ексклузивно ги открива деталите од пресудата за случајот Талир.

СДСМ е комплетно поданик на ДУИ. Ако во СДСМ не смогнат сили за избори, партијата ќе се фрагменмтира, нивните гласачи ќе се прелеат во други политички субјекти, вели Мицкоски.

Тој наведува дека за да запре политичкиот прогон на новинарите и медиумите, треба системско решение и треба поинакви луѓе кои не се плашат да слушнат различно мислење.

Само еден тендер помалку за ископ во РЕК Битола, ете ги парите за студентите, вели Мицкоски и надополнува дека оваа власт не е партнер на ЕУ, тие се одличен партнер за евроскептици.

Вели дека борбата му е да се напише историја која што ќе значи – шампиони, да запре уништувањето на Македонија и егзодусот на населението.

Господине Мицкоски заврши 2022 година, во која што партијата која ја предводите има највисок рејтинг од сите политички партии во Македонија. Вие како лидер имате повисок личен рејтинг од Вашите политички конкуренти и сето тоа најавува можност за политичка промена на сцената во Македонија и институционални промени кои што насушно се потребни за да заживее и народот и фирмите во државава. Можеме ли да очекуваме вонредни парламентарни избори во 2023-та година како одговор на сите овие политички рејтинзи и зошто сега ги немаме?

-Јас мислам дека најдоцна во јануари треба да има разврска ова сценарио за потенцијални предвремени парламентарни избори. Ако ме прашате зошто, затоа што ценам дека предвремените парламентарни избори би требало да се случат некаде во мај месец односно оваа пролет.

За тоа да се случи потребно е во јануари да имаме политички и општествен консензус, веќе во февруари техничка Влада таму некаде средината на февруари. Потоа влегуваме во два периода кои што се поврзани со големи верски празници, тоа е Рамазан и Велигден. И потоа по завршување на овие големи верски празници да отпочне процесот на кампања, тоа би значело крајот на април почеток на мај, и таму некаде во средината или втората половина на мај да имаме предвремени парламентарни избори.

Затоа реков дека е потребен политички консензус бидејќи општествениот и граѓанскиот постојат. Кога велам дека постојат тоа може да се види на сите анкети многу јасно. Граѓаните велат дека оваа Влада е неуспешна, дека оваа Влада ја води Македонија во погрешна насока и дека оваа Влада треба да си замине.

Едноцифрени се бројките, кои што се позитивни за институциите кои што ги менаџира оваа Влада и сето тоа кога ќе се собере можам да заклучам и дека императив треба да ни бидат предвремени парламентарни избори кои што би се одржале најдоцна до средината на мај или втората половина на мај.

Дали верувате дека таков политички консензус може да биде постигнат со оглед на фактот дека не постои волја од актуелната владејачка коалиција за предвремени парламентарни избори? Тие, во овие околности со вакви рејтинзи, сепак би сакале да го довршат мандатот до 2024-та, без оглед на девастација на општеството по сите основи.

Јас знам кому најмногу не му одговара, тоа е Демократската унија за интеграција (ДУИ), бидејќи раководството на оваа партија е свесно дека во оваа ситуација во која што тие функционираат во Владата никогаш понатаму нема да се има.

Денеска СДСМ е комплетно поданик на ДУИ и на политиките на ДУИ кои што во овој момент можам да заклучам се сѐ само не се државни, народни, и политики кои што ќе значат прогрес, просперитет и на државата како што Вие кажавте и на граѓаните и на компаниите во Вашиот вовед. И ценам дека колку побргу пратениците на СДСМ ќе бидат свесни во каква ситуација ги туркаат политички неискусното дуо Зечевиќ – Ковачевски во прегратките на ДУИ да бидат нивен сервис во исполнување на нивните политики и замисли толку потешко ќе биде за државата.

Затоа тие треба да се одважат, да се охрабрат и во рамките на партијата на СДСМ да издејствуваат предвремени парламентарни избори, кои што би се случиле оваа пролет. Затоа што ценам дека тоа е единствениот начин, не за ВМРО да победи, не за ВМРО да дојде да формира Влада и да биде власт, туку тоа е единствениот начин на држaвава да и се спречи слободното паѓање, Македонија да почне прво да се стабилизира па потоа да има и некаков раст, а граѓаните да престанат да ја напуштаат сопствената држава во очај, во недоверба, во незадоволство, во разочараност, резигнираност.

Ова е единствениот начин. Според мене, не постои друг начин. Инаку ќе продолжи егзодусот, јас не гледам стратегија, уште помалку ја гледам таа стратегија во Буџетот кој што беше усвоен во Парламентот. Можеби ова е единствениот Буџет кој што е усвоен и кој што се темели на закони кои што не се донесени. Има неизвесност дали тие воопшто ќе се донесат. И ова е можеби единствениот Буџет во независна Македонија кој што се темели, односно неговото полнење се темели на инфлација и на нереален економски раст.

Замислете богата Влада, сиромашен граѓанин. На тој начин Владата планира да ја развива Македонија. Ова ќе се изучува како негативен пример во книгите за макроекономија, но и ќе биде можеби една од најлошите економски години за нашата Македонија и ќе биде пример како не треба некоја идна политичка гарнитура да практикува власт.

Ќе се вратиме на темата за Буџетот набрзо. Слични оценки за уништување на општеството, фирмите, граѓаните, егзодусот кој што ни се случува, за ниво на корупција делат и меѓународните претставниците во земјава. Знаете дека дојде еден специјален американски тим кој што ќе помага во откривање на високата корупција во општеството, оценките за корупцијата одеднаш почнаа да ги делат и Соединетите Држави и Европската Унија, кои што увидоа дека постои во Македонија, но сепак критиките изостануваат од нивна страна за разлика од некои други периоди и претходни состојби кои што сме ги имале во земјава кога СДСМ беа во опозиција. Дали реално можеме да очекуваме борба против високата корупција во Македонија.

-Да бидеме реални и искрени корупција постои во Македонија многу одамна. И некако таа корупција да се засилува во периодов, Вие претпоставувам правите реминисценција за времиња кога одредени амбасадори држeа прес конференции пред Влада.

И тоа со остри критики.

-Да и тоа беше факт. Но, тогаш покрај дијагностицираната корупција имаше и политички причини. Односно повеќе би рекол геостратешки.

Ако денеска е споредиме состојбата на перцепцијата за корупција и криминал во државата со тоа време ќе видите дека денеска Македонија се наоѓа на истата таа ранг листа која што ја публикува Транспарентност Интернационал секоја година за 40 места на полошо од тоа што било тогаш. Ако тогаш Македонија била да речеме меѓу 60-тото и 65-тото место, сега е меѓу 90-тото и 100 и, мислам дека 2020-тата година ја завршивме 111, ако не се лажам. Со што сме го допреле дното. Или двојно послабо пласирани според корупција односно двојно повеќе имало перцепција за криминал и корупција споредено со тој период.

И добро е што еве излегува овој заклучок во јавноста иако ние како ВМРО-ДПМНЕ за ова зборуваме неколку години и даваме примери, обелоденуваме афери, и тоа е она што може опозицијата да го направи како опозиција, бидејќи нема друг начин. Не постои друг начин вие како опозиција да се борите против криминалот и корупцијата.

Има два начина, едниот начин е додека сте опозиција да го објавувате тоа, да го публикувате и да барате јавност, и да се борите за таа јавност и да барате од истражните органи да постапат по тоа што вие го објавувате бидејќи тоа е нели допрен глас.

И второ е, ако добиете можност како што ВМРО-ДПМНЕ после големите две победи во првиот и вториот круг на локалните избори доби можност да менаџира мнозинство општини во Македонија и да го покажете тоа на дело.

Ние како ВМРО-ДПМНЕ тоа го правиме и преку првиот метод односно објавуваме, јавно обелоденуваме докази. И преку работата на нашите градоначалници и локални функционери кои што еве повеќе од година дена можам да кажам и да заклучам дека нема некој посериозен, позначаен скандал каде што имаме забележано криминал и корупција.

И тоа мене лично ме прави задоволен, тоа мене ме прави горд бидејќи тие луѓе го прифатиле менталитетот на работа за кој што континуирано сум зборувал. А, тоа е чесно, одговорно, посветено и храбро работење.

Само со реализација на ветеното и на проектите вие можете да покажете и докажете дека не се сите исти. Во спротивно ќе биде потврдена тезата дека сите се исти и тогаш ќе се појавуваат некои трети политички опции кои што се со егзибиционизам, со вулгарности, ќе се обидуваат да го провлечат вниманието во јавноста без никаква понуда, без никаква политика.

Ние како ВМРО-ДПМНЕ мора да се бориме со овие две појави, првата е да ја победиме оваа корумпирана Влада, која што е инволвирана длабоко во криминал и корупција преку овие два метода со објавување и работа.

И втората е да ги победиме овие би рекол структури кои што се обидуваат да стават знак на равенство помеѓу едните и другите, помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и власта, и преку вулганости, преку егзибиции да привлечат внимание на јавноста која што можеби би им донела некој политички бенефит, неколку илјади гласови итн. А, тоа се на штета на македонскиот народ и македонската држава.

Јавноста го дели мислењето дека во овие изминати неколку години во Македонија се случува историски грабеж која што никогаш се нема случено во изминатите 30 години, истовремено анкетите на ИРИ за довербата во правосудството од минималната доверба 8 проценти минатата година сега се паднати на 4 проценти. Мислите ли дека со овој процент на доверба да се очекува реална борба против корупцијата наспроти историскиот грабеж?

-Не мислам, и тоа сме го зборувале многу пати во јавноста. Ако овие бројки се споредат кога се држеа прес конференции пред владата ќе видите дека тие бројки се подобри, односно довербата е неколкукратно подобра, не велам дека била идеална.

Но, ако ја споредиме со сега е неколкукратно подобра во тогашното обвинителство и судство.

Еве ексклузивно за ова интервју, да ви откријам дека јас ја добив пресудата која судијата ја донесе против ВМРО-ДПМНЕ во случајот Талир. За вашите читатели да објасниме, Талир е случај каде ВМРО-ДПМНЕ е обвинето од страна на државата иако државата не е оштетена, а тој кој би требало да биде оштетен тоа е компанијата која склучила јавно приватно партнерство со ВМРО-ДПМНЕ за изградба на штабот, а вели дека не е оштетена, ВМРО-ДПМНЕ во тој политички монтиран процес од страна на ова обвинителство и судство е обвинета како заинтересирана страна.

Значи ние не сме ни дел од процесот како обвинета страна, туку обвинети сме затоа што сме заинтересирана страна и заклучокот на судијата врз основа на доказите кои се приложени е дека сме виновни иако јавниот обвинител во случајот кој нема надлежност, тоа е предмет на нашата жалба, констатира дека првичното побарување за отштета повеќе од 400 милиони денари го менува во завршниот збор пред носење на пресудата и го намалува на 100 и нешто милиони денари.

Но, интересно е што целокупниот имот на ВМРО-ДПМНЕ повторно си останува заробен од страна на судот и е дел од пресудата дека целосно треба да се конфискува иако е неколкукратно поголем од тоа кое што претставува отштетно условно кажано побарување кое што самиот обвинител го корегира.

Ова што вие го објаснувате е правното толкување, политичката одлука е намерата за гасење на ВМРО-ДПМНЕ, тоа го слушнавме и од вашата партија?

-Апсолутно да, јас тоа сум го кажувал еве повторно ќе го кажам . Но, ова е сега бидејќи имаме комплетно партизирано обвинителство и судство со правни аргументи да докажеме дека тоа што се прави е политички монтиран случај и има друга цел. Дека не е целта да докаже криминал туку има цел да направи притисок врз ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е суштината исто како што тоа го прави ова обвинителство и судство преку вршење притисок преку многубројни активисти, поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ.

Истото го правеше преку монтираниот процес за 27 април кога луѓето самите велат дека направиле грешка, дека не требало да го направат тоа но далеку од тоа дека се терористи. Тие се судени за тероризам и пратени во затвор и отслужуваат казна повеќе од една деценија во најдобар случај, а во некој и по две децении затвор. Мислам дека таква земја во Европа со толкав број осудени наводни терористи не постои. Тоа само ја потврдува тезата дека имаме партизирано обвинителство и судство и затоа довербата е едноцифрен процент.

Според сегашните рејтинзи, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните без разлика дали ќе се предвремени или редовни, дури и во ситуација на предизборна коалиција која СДСМ-ДУИ ја најавуваат. Фактот дека тие ќе се здружуваат значи дека сакаат да ја одбранат корупцијата. Какви се вашите планови во врска со тоа?

-Тоа е само потврда на нашата теза дека ДУИ сака да го проголта СДСМ. Не е далеку од вистината тоа да се случи. Но, тоа ќе значи само дополнително фрагментирање на СДСМ, иако изгубија многу во изминатиов поред посебно последната година по локалните избори.

Таму има многу членови кои не се гледаат себе си во политичка коалиција со ДУИ. И тоа ќе значи природно создавање на некоја друга опција, а таму ќе останат малку, претпоставувам актуелното раководство на СДСМ, Зечевиќ и Ковачевски кои што ќе продолжат да бидат во скутот на ДУИ бидејќи ќе бидат малцински партнер.

Тие ќе имаат неколку десетици илјади гласови кои ќе ги додадат на гласовите на ДУИ во една таква коалиција. Дел од гласачите во таква ситуација ќе се деполизизираат, дел ќе дојдат кај нас, дел во некои од актуелните политички партии, дел пак кај некои кои можеби допрва ќе се појават. И на тој начин СДСМ ќе се соочи со еден навистина голем предизвик, а тоа е да продолжат да бидат алатка на ДУИ или пак да престанат да постојат во оваа форма. И тоа ќе биде погрешен чекор, но тоа е нивна одлука како мислат да настапат.

Ние го гледаме интересот на нашата држава. Ние ќе освоиме огромно мнозинство гласови ќе имаме најголем број пратеници, се бориме за мнозинство во парламентот и цениме дека не е невозможно да го постигнеме.

Фабриката за лажни вести на СДСМ и ДУИ континуирано употребуваат лични напади кон политички неистомисленици, но и кон нивните семејства исто како и кон вас и вашето семејство. Како се справувате со ова, како вашите го доживуваат?

-Не можам да кажам дека им е сеедно имајќи во предвид дека речиси 100 проценти тие напади се лични, ниски страсти, лаги, конструкции, омаловажувања доаѓаат од различни центри кои имаат за цел да го нападнат ВМРО-ДПМНЕ и мене лично.

Но, од друга страна знаете кога сето тоа со кое ве напаѓаат е на едно ниско, примитивно ниво е со многу лаги, конструкции, омаловажувања, а вие знаете дека не е вистина, ве прави мирен и спокоен и нема од што да се вознемирувам и затоа сум секогаш во одговорите кон луѓето кога ми велат како издржуваш, ние мораме со многу чесна работа и многу испорачани резултати да го победиме ова нивно нечесно однесување.

Не можете да се спуштите на истото ниво и да водите таква кампања, прво тоа не одговара на мојот карактер, второ не одговара на моето политичко делување кое сум го замислил како такво.

Од друга страна, реков дека не е пријатно семејството да биде жртва на сето ова но тоа е очигледно цената која мора да ја платиме како семејство за да направиме нешто за Македонија бидејќи секој еден човек мора да остави општествена трага посебно кога се занимава со оваа работа. Посебно кога се занимава со оваа работа

Јас сум од една страна универзитетски професор, од друга страна претседател на најголемата политичка партија. Значи човек кој има можност да остави некаква историја, таа историја ќе зборува после тоа за нас. И таа историја ќе даде одговор на многу од овие денеска растурени пердуви кои ги прават неколку центри, власта, некои незадоволни структури од ВМРО-ДПМНЕ, некои луѓе од меѓународната заедница итн.

Да заклучам, тоа ме прави важен. Да сте центарот, оската на ротација, ве прави важен бидејќи сите ротираат околу вас, сите светла се вперени кон вас. И тоа е добро. Затоа што кога не сте важен тогаш нема што да бидете во фокусот, нема да сте оска на ротација. Така што ќе продолжат овие напади од нашиот политички противник, ќе продолжат овие напади од некои поранешни структури во рамките на ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжат нападите од овие условно кажано некои трети опции кои се профилираат и кои мислат дека со лаги и навреди ќе привлечат некое внимание ние на јавноста.

Ќе продолжат и нападите на некои луѓе од меѓународната заедница коишто нормално немаат консензус со нас за важни национални теми, бидејќи за нас е емоција, за нив рацио, и тоа е различно. Тогаш веќе нема политика. Јас сум свесен за тоа, но и и не импонира бидејќи не прави важни, во фокусот, центарот на една ротација и само тоа докажува дека го газиме вистинскиот пат и веќе можам да кажам дека појасно се гледа светлото на крајот од тунелот.

Фактички сега го одговоривте и прашањето кое сакав да го поставам, тоа се однесува на обидите за воспоставување фракционерство во ВМРО-ДПМНЕ и разрушување на концептот за единство и од владејачката гарнитура и од некои поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои во изминатиот период особено активно работат на тој план – уривање на идеологијата и планот за реформи кои треба да се спроведат во државата.

-Тоа се незначителни структури. Но јас сум бил секогаш промотор на идејата „секое зрно во амбарот“. И сум се трудел така да функционирам, доколку амбарот ги обединува сите тие зрна за некаква крајна цел која има за цел да направи подобро место за живеење.

За жал има некои зрна коишто се во тој амбар во определен период кои имаат свои амбиции, лични и бизнис. Порано или подоцна тие амбиции излегуваат на површина. Ако тие амбиции на тие зрна во одредени моменти не им се реализираат, тие персонифицирани личности сега во зрната од амбарот излегуваат јавно и измислуваат, кажуваат полувистини, шпекулации. А некои центри веруваат бидејќи тие знаат дека овие луѓе незадоволници во одреден период орбитрирале околу ВМРО-ДПМНЕ и си викаат „тие беа таму, штом тие тоа го зборуваат, значи има нешто вистина“. Тоа е комплетно лага, измислица, конструкција. Тоа го прават за да наштетат пред се на мене, мислат дека така мене ми штетат, а индиректно му штетат и на ВМРО-ДПМНЕ имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија на Македонија.

Не им ги реализирате нивните лични кариеристички или бизнис амбиции, и тогаш излегуваат и тогаш почнуваат со кампања, со хајка со навреди. Честопати тоа во минатото, па и денес, некои политички партии го менаџираат со задоволување на тие нереализирани амбиции, ги викаат на разговор, да видиме се договараме, а тоа е состојба доколку вашата политичка филозофија е на ниво на пазар.

Ако вашата политичка филозофија е на ниво на пазар тогаш кога ќе видите дека некој таков се појавува, го викате и на тоа популарно го нарекуваме менаџирање, ќе работиме сега, да видиме што може да реализираме од тоа што тебе те прави незадоволен. Но, тоа е лош пример. Ако еднаш, двапати влезете во еден таков политички пазар, тоа потоа ќе биде принцип на работа и секој кој е незадоволен, без разлика со какви компетенции располага, со какви квалитети, ќе излезе во јавност и ќе критикува, ќе треба да го викате и да го решавате на ист таков начин тој проблем.

Најчесто тоа се луѓе кои се преценуваат, многу се преценуваат и поради тоа нивно преценување тие имаат такви амбиции кои не им се реализирани. Не велам дека тоа ќе престане, ќе продолжи и во иднина, сигурно ќе има такви, но мојот принцип на работа е дека под уцена не преговарам и никогаш нема да ми се случи да се доведам во ситуација да преговарам со такви луѓе кои поради нереализирани лични и бизнис интереси, навредуваат и се обидуваат да создадат проблем онаму каде што го нема.

На крајот на денот ВМРО-ДПМНЕ е здрава и јака средина, многу кохезивна средина од различни карактери, но на крајот од денот таа сама ги исфрла овие како лошо ткиво, како организмот сам што исфрла такви лоши ткива и тие во одреден момент ќе бидат сами, ќе видат дека погрешиле, ќе бараат повторно прошка и тоа обично така функционира, тоа е еден круг. Некои од тие луѓе навистина се преценија и го поминаа рубиконот и добро е што се покажаа, затоа што можеа да бидат оние трули зрна во амбарот, да зафатат и други зрна а потоа целиот амбар да ни се расипе. Вака со време се покажаа и јас сум среќен што успеавме да ги препознаеме и да ги отфрлиме.

Многу беше тешко во опозиција на почеток пред 5 години кога почнавме да го одиме овој тежок пат, историски можеби најтежок. И кога велат секоја генерација си има своја битка, ако ги прашате моите претходници и тие ќе ви кажат дека во нивно време било најтешко, јас зборувам во ова време. Беше тешко, но како одминува времето, мислам дека се поблиску сме до реализирање на крајната цел и пораз на таквите структури кои сакаат да внесат немир и да го ослабат ланецот кој секој ден е се појак и тоа ќе се покаже многу скоро на следните избори.

Нападите од власта се синхронизирани преку дел од невладиниот сектор контролиран и финансиран од СДСМ и ДУИ кои во Буџетот за 2023 година за нив изгласаа рекордни 20 милиони евра годишно, тоа се големи пари. Да направиме една компарација: за околу 5000 студенти во домовите се троши по 120 денари дневно, годишно за студентите се трошат 3,5 милиони евра, а невладиниот сектор добива 20 милиони евра. Како ВМРО-ДПМНЕ смета дека ќе се одвива 2023 година со вака донесениот буџет, што им порачувате на граѓаните, како да преживеат во 2023 година?

-Прво ќе почнам со првиот дел од вашето прашање за невладиниот сектор. Добро е да има невладин сектор, здрав невладин сектор кој што ќе биде коректив на власта. Но, проблемот е тоа што овде тоа се злоупотребува и се користи во политички цели и оваа сума на пари служи за условно кажано поткуп на тој невладин сектор кој што јас не сум го видел критички да се барем до сега со мали исклучоци кои што пак без исклучок не се корисници на тие средства од владата.

Значи сите оние кои се корисници на овие средства јас не сум ги видел да излезат и да бидат коректив на власта што би требало да биде нивна основна задача, да речат ние сме коректив на власта и да ја прават владата подобра. Но, тоа не го прават. Тие се нивни партнери и тоа партнерство се купува преку овие пари. И затоа велам од една страна е добро да имаме здрав невладин сектор, но за жал кај нас овој сектор кој е корисник на тие средства е партнер на владата, што би требало да биде спротивно од тоа.

Инаку, ги споменавте студентите. Само еден тендер помалку за ископ во РЕК Битола, ете ги парите. Толку се краде, само што сега торбарот не е во југоистокот на Македонија, сега торбарот шета тука или во локални меани таму во околината на Битола. Се смени торбарот практично, иначе процентите и парите останаа исти. Само тука да се поведе сметка и не треба ништо повеќе. Ете ги парите за студентите и уште многу други такви проекти.

Буџетот за 2023 година е катастрофален и не само што е катастрофален и инфлаторен, туку е и практично е буџет кој што не носи развој. Ќе кажам зошто не носи развој.

Имаше едно златно правило што го кажуваат владините министри, вели буџетскиот дефицит ќе биде помал од капиталните инвестиции. И го слушав вицепремиерот за економски прашања на една дебата со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ кога му рече набројте една година кога во владата на ВМРО-ДПМНЕ ова се случило. И му наброја он, но проблемот е што сега не се случува.

Ќе ви кажам и зошто. На само една недела пред крајот на оваа фискална година буџетскиот дефицит е околу 550 милиони, а капиталните инвестиции се 385 милиона. Значи, тоа е да речеме за отприлика 35 проценти поголем од капиталните инвестиции. И тоа е навистина катастрофално.

Но, од друга страна, јас мразам да споредувам со минатото но морам некогаш и да направам таква споредба за да ги демантираме лагите кои што ги кажуваат.

Ако го споредите периодот на ВМРО-ДПМНЕ од 1 јануари 2007 година до би рекол 31 декември 2016-тата година, тоа е период од 10-тина години, и ако го споредите периодот на СДСМ од 1.1.2018-тата, ајде 2017-та беше техничка влада па не е целосно СДСМ, значи од 1.1.2018 до 31.12.2021 година, бидејќи оваа година уште не е завршена, тоа се 4 години. Ќе видите дека јавниот долг на владата на ВМРО-ДПМНЕ постои, се случува и се зголемува, но во исто времено се зголемува и БДП, односно разликата колку што е зголемен БДП со јавниот долг е од прилика за околу 120 до 130 милиони евра годишно. Тоа е некаде околу милијарда и 300, милијарда и 400 плус.

4 милијарди и 100 е зголемен БДП, а 2 милијарди и 700 е зголемен јавниот долг. Или годишно просечно околу 130, 140 милиони евра подобрување на економската состојба.

За разлика од тој период, во владата на СДСМ имаме одземена, намалена вредност, односно БДП се зголемил, но помалку споредено со јавниот долг. И тоа намалување е помалку околу 160, 170 милиони евра.

Ваму имаме зголемување плус од 140 милиони годишно, а таму имаме намалување за 160 милиони евра годишно. Еве како функционира СДСМ, а како функционира ВМРО-ДПМНЕ од макроекономски аспект.

Е сега тие ќе речат ама имаше Ковид, да добро имаше Ковид, но во време на власта на ВМРО ДПМНЕ имаше две економски кризи кои што според параметрите на сите светски економисти биле многу потешки за премостување отколку ова со ковидот, зборам за финансиската и за должничката криза кои се случија 2008-2009 година, односно 2011 година.

Така што и тука имаме едно големо економско цунами и сега тоа економско цунами се рефлектира буквално на буџетот предвиден за следната година со фамозни 5 милијарди и 300 милиони евра, што навистина е нешто што претставува алармантна бројка.

И ќе повторам, полнењето на буџетот се темели на инфлацијата, односно колку посиромашни граѓани, толку повеќе пари за владата и повеќе пари за тендери во четири очи бидејќи се докажани дека се навлечени во корупција и криминал.

Очекувате ли социјални тензии оваа пролет со оглед на фактот дека Македонија има највисока стапка на инфлација во регионот? Европската просешна стапка е до 11-12 проценти, а во Македонија инфлацијата е 20 проценти, и расте и понатаму. И сето тоа е едно заради увозната зависност, а второто е заради недоволното домашно производство на енергија односно енергетската зависност од надвор.

Тоа е така. Но, тука испуштаме и еден фактор а тоа е закаснетата реакција на владата и на останатите институции кои се значајни за макроекономската стабилност. Вие самите рековте, да, имаме ние влијание од инфлацијата на Европско ниво, но тоа е до пола. А оваа втората половина? Затоа што инфлацијата и во Германија се создава поради тоа што имаат енергетска увозна зависност, и таму цената на електричната енергија е зголемена неколкукратно и тие имаат поскап гас, имаат поскап јаглен и мазут итн. Така што енергетската зависност би ја ставил во оваа прва половина, а тоа е инфлацијата која е создадена, и втората половина е неспособноста на оваа влада и задоцнетата реакција со мерки.

Иако ние се сеќавате уште пролета оваа година, алармиравме дека ќе се случуваат овие работи и повикувавме на мерки и предлагавме мерки. Но, за жал од оваа влада добивавме континуирано игнорирање, самобендисаност, итн.

Но, тоа е што е. Сега ние можеме да се бориме против тоа, да понудиме програма. Ќе биде многу тешко, потоа секоја следна влада ова дно кое сега го допираме да го поткрене, овој слободен пад да го сопре, а потоа и да тргнеме нагоре. Но, ќе се бориме, не е ништо изгубено, мотивирани сме.

Не беше лесно и оние година дена во општините, а сепак не се малку ќе кажам, повеќе од половина во Македонија во услови на притисок од страна на централната влада, во услови на кратење на дотации, во услови на блокирање на проекти, на блокирање на обврзници, блокирање на можноста да се задолжат некои општини, во услови на економска и енергетска криза, сепак да испорачаат најголемиот дел од градоначалниците повеќе од 70, 80 проценти од тоа што било зацртано за оваа фискална календарска година 2022 година.

Некои од општините излегоа од блокада, успееја да го изменаџираат тој процес, некои од јавните претпријатија да изменаџираат од тој процес и излегоа од блокада. Така што со таа динамика ќе продолжиме по преземањето на владата и формирањето на новата влада.

Не ми одговоривте, дали очекувате социјални тензии, бидејќи во народот владее мислење дека кога ја слушаат владата како зборува и со какви розови наочари ја гледа состојбата, исто како Бранко кога ветуваше дека ќе се справи со октоподот во државата. Граѓаните се се посиромашни, го чувствувате и вие тоа кога одите на терен, гледате, извршители им тропаат на врата, банките им ги зголемија каматите, радикално порасна цената на струјата, храната е поскапена? За едно четворочлено семејство секој ден да јаде по еден леб и да пие јогурт месечно се потребни 600 евра, а просечната нето плата е околу 30.000 денари, едвај 500 евра, ако цените на услугите и производите пораснале каде отишле парите ако не пораснале и платите на оние кои произведуваат и даваат услуги?

Така е, се слагам еве мојот одговор ќе го поделам во 2 дела.

Првиот е очекувам социјален бунт и немири, бидејќи незадоволството е големо, животот е тежок и станува се потежок да се преживее, за квалитет на живот веќе никој не зборува, но од друга страна еве вториот дел од мојот одговор.

Ние го мериме јавното мислење. Можам со жалење да констатирам дека во моментот бројките кои ги добиваме се во насока на тоа дека нема помеѓу народот критична маса за ваков тип на протести кои вие ги кажувате и исто така како дополнително прашање кое го мериме секој месец кој да ги предводи тие протести доколку евентуално би се случиле, логично е опозицијата да ги предводи.

Тој процент кај народот е уште помал дека би излегле на такви протести ако опозицијата ги организира, тие бројки се многу мали кога велам многу мали зборуваме за 10, 15 проценти од граѓаните кои би поддржале таков тип на протести кои би ги организирала опозицијата или би ги предводела.

Затоа веднаш не сакав да дадам прецизен одговор на ова ваше прашање, но веќе кога инсистирате еве, тоа е. Сакам да се случат од една страна и подготвен сум да застанам во првите редови, да предводам едни такви протести се до паѓање на оваа Влада, но за жал ценам дека во овој момент бројките се на ниво кое не гарантира масовност, а доколку немате масовност тоа може да биде злоупотребено од оваа криминална Влада и да каже гледате нема масовност на протестите значи добро тераме и да продолжат уште полошо да прават.

Прашање поврзано со медиумите: како што членовите на опозицијата се предмет на политички прогон така се и новинарите и медиумите кои не се под контрола на власта, предмет се на прогон. Како ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја заштити слободата на говорот и слободно известување на јавноста за фактите бидејќи власта спроведува прогон кога се однесува до слободата на медиумите. Разговарате ли со преставници на меѓународната заедница? Дали ги известувате вашите европски партнери за состојбата со медиумите во Македонија, дали некој од вас побарал правна помош во таа смисла на зборот?

-Апсолутно да, и тоа е она што ВМРО-ДПМНЕ може да го прави од позиција на опозиција. Јас на секој состанок со претставници од меѓународната заедница зборувам за политичкиот прогон кој се прави врз луѓето кои се неистомисленици на оваа власт, тука мислам не само на активните политичари туку и на новинари кои се жртва на ова насилничко однесување на оваа власт или тоа е принципот – ако не си со мене тогаш си против мене и тогаш ќе ги искористам сите алатки кои ми стојат на располагање да те замолчам и тоа нема никаква врска со демократијата и тоа само уште еднаш го покажува лажливиот карактер на оваа Влада.

За тоа треба системско решение и треба поинакви луѓе кои не се плашат да слушнат различно мислење. Овие луѓе на власт се плашат да слушнат различно мислење, затоа велам се политички незрели и кога ќе слушнат различно мислење, тоа кај нив наместо да предизвика чувство да се корегираат, тоа предизвикува чувство на гнев омраза и тогаш тие преземаат мерки кои значат политички прогон.

Информирани се претставници од меѓународната заедница информирани се луѓе од нашата сестринска партија, семејството на ЕНП ( Европските народни партии ) зборуваме честопати за сето ова и ќе продолжиме да зборуваме, но повторно ќе кажам за сето ова потребно е системско решение и луѓе кои немаат лична фрустрација да слушнат различно мислење.

Во истиот овој концепт кој мислите дека ја има власта во Македонија? СДСМ дефинитивно ја нема, дали е тоа ДУИ? Дали е тоа подземјето, дали се наркокартелите и другите криминалци ? Кој ја има власта во Македонија ?

-Во политичка смисла ДУИ е апсолутен владетел, во политичка смисла. Ако збориме во општествена политичка смисла тоа е една криминална коалиција помеѓу одредени бизнис структури, помеѓу наркокартели кои сите знаеме каде се, кои се и со што се занимаваат и овие две политички партии кои вие ги споменавте кои се дел од власта.

Затоа тие не сакаат покрај тоа што гледаат какво е расположението кај народот да заминат од таму од каде што се, бидејќи тоа за нив ќе биде девастирачки, исто како и за таа картел структура (општествено- политичка) која ја имаат создадена и прашање е дали воопшто некогаш во животот ќе можат да се соочат со последиците на сето ова.

Сметате ли дека мандат од 4 години за ВМРО-ДПМНЕ ќе биде доволен за излез од оваа криза само за санирање на последиците од целосно урнисување на државата во секоја смисла на зборот?

-Да, амбициозен сум и мислам дека ќе успееме, и побргу ќе успееме, и мора да покажеме и докажеме дека овде се раѓале шампиони и тие шампиони во различни времиња на различни нивоа во различни области постигнувале светски резултати. Нас ни треба еден таков светски резултат.

Со луѓето со кои работам и ќе работам во иднина сме подготвени да бидеме шампиони и да направиме еден таков резултат, бидејќи тоа на нас ни е потребно, нас ни е потребен голем чекор, нас не ни е потребна инерција па да оставиме системот да се тркала и така на тој начин да го поминеме нашиот мандат. Нас ни треба жртва за крупни чекори и мислам дека можеме шампионски да се справиме со сите овие предизвици. Нема да биде лесно, но ако било лесно немало да сме ние.

Како ја гледате иднината на регионот и како ја оценувате моменталната состојба во истиот? Дали се реални навестувањата и оптимистичките варијанти дека во 2030 година Македонија ќе стане земја членка на ЕУ?

Јас би сакал и многу порано Македонија да стане членка на ЕУ, но со овие луѓе тоа не може да се случи едноставно не може и затоа сега ќе се вратам на самиот почеток на вашето прашање.

Европската иднина е возможна со брзи предвремени парламентарни избори оваа пролет, најпрвин овие да заминат, тоа е многу важно. Кога овие ќе заминат тогаш можеме појасно да ја гледаме таа цел бидејќи ќе имаме јасен план што треба да направиме понатаму. Со овие луѓе таму ни ќе имаме јасен план, нити пак тие знаат што прават, затоа што политиката ја сведува на купи ден продај без стратегија, без визија итн.

Се распродава се што е национално без за возврат да знаеме што добива македонскиот народ и Македонија како држава. Добиваат само неколкумина продолжување на нивното политичко траење и тоа е тоа, кое што ќе заврши. Месеци, година, толку тоа може дополнително да трае.

Еве, ќе спасат пад на влада, ќе испорачаат некој нов национален пораз за да можат да ја задржат својата лична кариера, но и на тоа ќе му дојде крајот, а треба секој да е свесен дека се одговара за постапките и таа одговорност е озбилна одговорност, не е играчка.

Но, за жал тоа се неискусни луѓе, повторно ќе кажам, политички незрели и тоа не го гледаат сега, но кога ќе дојде крајот и кога ќе се случи крајот после некое време ќе бидат свесни што сум зборувал сега, бидејќи јас сум гледал многумина така во минатото, коишто исто така не биле свесни, но откако дошол крајот после извесен период, сме разговарале и станале свесни што сум зборувал тогаш, а и овие ќе станат свесни, што зборувам сега.

Мене не ми е борбата за власт, не ми е борбата за јас да станам премиер, мене ми е борбата, повторно ќе кажам, да напишеме историја која што ќе значи да бидеме шампиони. Повторно светски шампиони и да победуваме, да не бидеме медиокритети и да оставиме по инерција да ни се тркалаат работите.

Дел од тој шампионски успех е и Македонија да биде дел од Европската Унија. За жал толку ја искомплицираа работава со овие промени на Устав, со ветувања што не можат да ги испорачаат итн., со политичка кусогледост што ја усложнија толку целата работа, што можеме да заклучиме дека денеска за првпат после многу години во македонската јавност се случува евроскептицизам.

Тоа е доказ дека тие не се партнер за Европската Унија, напротив, тие се одличен партнер за евроскептици.

Затоа велам дека прв чекор за да и тргне на Македонија, за да повторно станеме шампиони светски и да победуваме, треба овие да заминат.

Кога ќе заминат овие, тогаш веќе можеме да седнеме и да разговараме за сѐ, со јасен план, јасна стратегија и јасен рок. Ова што вие го кажавте на крајот од вашето прашање, дали 2030-тата е возможна, да, возможна е бидејќи 2000-тата беше кога го потпишавме Договорот за асоцијација и стабилизација.

Од тогаш до денес поминаа 22 години, од тогаш до денес илјадници пати слушнавме дека само што не сме станале членка на ЕУ, но не сме ни почнале преговори, а камоли да станеме земја членка.

Затоа велам дека со јасен план, со јасна стратегија и визија 2030-тата не е неостварлива година, но треба да знаеме јасно која патека ја одиме и што добиваме ние. Да не оставиме на стихија како што сега се водеше. Купи ден продај, денес едно утре друго итн. и се потпишуваа договори со национални предавства за да бидат заштитени неколку политички кариери.

Мојата порака е повторно јасна, а тоа е дека на секоја политичка кариера која што започнала и дошол крајот, порано или подоцна и од нив самите зависи дали тој крај ќе биде безбеден или ќе биде пеколен.

Што би им порачале на граѓаните за 2023 година?

-Најпрво здравје и среќа, бидејќи само здрав и среќен човек може да биде шампион, за тоа што зборував во ова денешно интервју, ќе им посакам да бидат посигурни во себе оваа година, да имаат поголема пркос, да бидат поодлучни и да веруваат еден на друг повеќе, а со тоа ќе ја зајакнеме нашата внатрешна кохезија и единство.

Само ако бидеме сите како едно можеме да бидеме шампиони. Ако не бидеме сите како едно, тогаш повторно ќе има некој од поблиската околина или од пошироката околина којшто ќе има интерес да не бидеме сите како едно. Затоа е потребно да се надминат меѓусебните недоразбирања, личната нетрпеливост која за жал е сѐприсутна и се по присутна.

Да бидеме навистина луѓе кои што ќе се почитуваат оваа година. Знам дека ќе биде тешка година, но мора да покажеме како народ, како граѓани во Македонија, како македонски народ дека само кога сме биле сите како едно сме победувале и сме биле победници. Секогаш кога сме се разединувале и кога личниот момент бил над колективната цел, за жал колективот губел. Да, пред и над сѐ е тоа да сме сите здрави и среќни, а после сѐ она друго кое што го кажав.

Какви се вашите планови за овие божиќни и новогодишни празници?

-Ќе ги поминам во кругот на семејството. Дома со сопругата и со двата сина. За новогодишната ноќ со моите родители кај нас гости и така пристојна семејна атмосфера. Тука ќе останам и за Божиќ, а можеби ако не посакаат временските прилики, таму некаде втората половина на јануари, првата половина на февруари да се замине на неколкудневен зимски одмор и тоа е тоа. Доколку има можност, доколку не повторно работно тука во Македонија.

Линк од интервјуто: