23.03.2023

Мицкоски објави нови документи за скандалот со надзорот на коридор 8, четворица експерти добиле 900.000 евра за еден месец работа

„Нашите критики се кон криминалот кој што го прават официјалните лица од Демократската унија за интеграција, не е само кон Артан Груби, има таму и други луѓе за кои што допрва ќе излегуваат криминални афери за сето тоа што ние го имаме документирано. Ако вие мислите дека треба да премолчиме за наместениот тендер за надзор и супервизија на проектот за Коридорот 8 и 10Д, но простете нема да премолчиме, бидејќи е евидентен криминалот“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Мицкоски додаде дека околу тендерот за надзор и супервизија на коридорите 8 и 10Д криминалот е евидентен и еклантантен.

„Таму имате тендер кој што е местен, во тендерот се менувани условите додека тендерот трае. Знаете ли колку пари наплатиле четирите експерти кои што работеа еден месец за да го изготват договорот со фирмата изведувач? Видете, 900.000 евра за еден месец. Видете јас сум доктор по науки, сум учествувал во многу вакви проекти пред да се занимавам со високата политика, и се чувствувам прилично моќен во тоа со кое што сум се школувал и за кое што имам искуство. Ни приближно вакви експертски услуги досега не сум имал“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека 900.000 евра четворица експерти поделиле за еден месец односно по 225.000 по човек. И уште останатите 300.000 ќе им се исплатат.

„Нормално ли ви е ова? Најсиромашната држава во Европа, една од најсиромашните прави капитален проект чие буџетирање не е завршено“, појасни претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не можеме да подржиме криминален тендер како што е овој, каде што јасно се менуваат правилата, а се менуваат затоа што една компанија од конзорциумот не ги исполнува условите според тендерот“, потсети Мицкоски.

Тој исто така потсети дека другата компанија од конзорциумот кога започнува тендерот нема  лиценца за надзор. Односно е во процес на добивање на лиценца за надзор и супервизија. Тоа е онаа компанијата која што се занимава со производство на долен веш.