04.05.2024

Мицкоски: Начинот на кој ДУИ и СДСМ сакаат да ја добијат поддршката од граѓаните не е преку програма туку со притисоци и закани

„Начинот на кој што тие се обидуваат да ги добијат симпатиите кај гласачите не е поради тоа што имаат политичка програма, која што ја нудат или начин на кој што тие го артикулираат кон гласачите, туку едноставно тоа е притисок и состојба во која што сите тие заедно артикулираат една позиција која што не е во склад на демократијата“, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Мицкоски додаде дека во првиот круг на претседателски избори можеше да се забележи дека имаше гласање кое што траеше помалку од една минута, а тоа е невозможно. Имаше гласање каде што луѓето излегуваат да гласаат за помалку од една минута.

Тој посочи дека на тие избирачки места ВМРО-ДПМНЕ има набљудувачи, но тоа што го следеа набљудувачите е навистина катастрофално.

„Ние затоа и ги повикавме институциите, затоа ги повикавме и меѓународните набљудувачи да излезат на терен. И ги потенциравме буквално сите оние избирачки места каде што имаме таков тип на девијантно однесување“, укажа тој.

„Пред се зборуваме за општина Сарај, зборуваме за општина Липково, зборуваме за општина Арачиново“, појасни Мицкоски.

Тој рече дека како да прави коалиција со луѓе кои што на насилен начин се обидуваат да ја освојат волјата на граѓаните. И се осврна на писмото на вицепремиерот на Влада кое што го испратил до одредени лица велејќи им да гласаат за него.  

„Денеска имаме ние писмо кое што го испраќа вицепремиерот на Влада, каде што вели луѓе јас како вицепремиер се заложив да вие добиете некаков начин на добивка и во име на тоа барам од вас да вие го дадете вашиот глас за мене“, појасни Мицкоски додавајќи дека обвинителството се уште молчи за овој случај.