18.06.2024

Мицкоски: Наследуваме состојби кои се катастрофални, нема да имаме меден месец, ќе работиме за брзи резултати

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер на Република Македонија, Христијан Мицкоски во интервју за централниот Дневник на телевизија Сител истакна дека информациите кои пристигнувале до него се катастрофални, односно државата е во лоша состојба, но сепак како идна влада ќе работат за брзи резултати.

„Информациите кои доаѓаат до мене се катастрофални односно алармантна ситуација која владее во Македонија и која е наше секојдневие и тоа нема да не изненади ниту нас, ниту граѓаните ако кажеме дека е лоша состојбата. Впрочем нема човек кој денеска во Македонија вели дека е добра состојбата нема таков и впрочем тоа беа и резултатите на изборите кои се случија на 8 мај и знам дека ќе немаме 100 дена, впрочем немаме ниту минута, бидејќи веќе почнаа нападите кон нас, а не сме ниту влада. Претпоставувам дека за 6 дена треба да е нашиот прв работен ден, а веќе почнаа нападите“, посочи Мицкоски.

Мицкоски продолжи и додаде дека владата ќе се води по ветувањата кои ги дале во кампањата и укажа на тоа дека веќе две ветувања се исполнети.

„Ние ќе се водиме до тоа кое го ветувавме во кампањата веќе две ветувања испорачавме. Првото ветување е дека ќе се случи реорганизација на владиниот кабинет и тоа се случи со мнозинство од 88 пратеника и втората работа е тоа дека ДУИ ќе биде опозиција и тие се во опозиција“, дециден е Мицкоски.