Не е тоа единствениот пасош кој што е даден од оваа влада, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за порталот Република за скандалот за давање на македонски пасош од страна на владата на СДС на лице кое се наоѓа на црната листа на САД, и потсети за скандалот за делење на пасоши за наркобосови и мафијаши кој тој лично го обелодени пред македонската јавност.
Јас ќе ве потсетам на аферата за издавање на македонски пасоши која што лично јас ја отворив и тогаш ако се сеќавате дуото Заев и Спасовски ме обвини мене дека сум попречил меѓународна истрага и дека со обелодувањето практично на овој скандал јас сум попречил некоја голема меѓународна истрага, а тој кој што го направил кривичното дело потоа беше обвинет и дел од тие луѓе завршија во затвор. Но, дали се тоа вистинските луѓе јас велам не бидејќи тоа не се луѓето кои што можат на своја рака да се сретнат со еден Седат Пекер и да даваат пасоши, туку тие мора да ја добијат наредбата по вертикална хиерархија од горе на доле. И за жал тој кој што е највиновен, првиот во таа хиерархија се уште е министер за внатрешни работи и бидејќи тогаш не се заврши таа работа како што треба, таа работа си има свое продолжение. Ако еден проблем не го решите веднаш, тогаш тоа само може да се продлабочува и да ескалира, нагласи Мицкоски.
Претседателот Мицкоски потенцираше дека додека власта од една страна се залага за ЕУ и НАТО, од друга страна дели пасоши на сомнителни лица и со тоа ги прекршува принципите како што рече тој нашите сојузници.
Така е и случајот со овој најнов пасош издаден на лице кое што е на црната листа кај нашите сојузници. Од една страна устата им е полна проЕУ и проНАТО, а од друга страна за криминалот и за тие пусти пари се подготвени се да направат, па ако треба да ги прекршат и сите овие принципи и да работат со луѓе кои што се спротивни на тие принципи кои што тие барем вака декларативно во јавноста се залагаат.
Како човек сум шокиран што се даваат патни исправи на лице со сомнително минато, изјави Мицкоски.