25.07.2023

Мицкоски: Ветувам 46 милиони евра капитални инвестиции за Битола, тендер за нов спортски комплекс во првите сто дена од новата влада

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Тера телевизија истакна дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ за 4 годишен мандат ќе вложи 46 милиони евра за Битола, додека пак за ветениот проект како спортскиот комплекс процесот ќе започне уште во првите 100 дена од владата.

Мицкоски потенцираше дека следната влада на ВМРО-ДПМНЕ, многу повеќе ќе направи од било која друга влада којашто во Македонија постоела за Битола и битолчани, како и тоа дека ниедна партија нема да може да седне со ВМРО-ДПМНЕ да разговара ако не прифати коалициски договор  годишно од централниот буџет да се реализираат на ниво на општините околу 250 милиони евра за капитални проекти.

– Но под услов предвидениот буџет во тековната година да биде 100% исполнет. Ако е натфрлен и средствата ќе бидат натфрлени, ако потфрли тога средствата ќе бидат помали. Да бидам прецизен за Битола тоа значи 11,5 милиони евра само за проекти од централниот буџет. Давам збор дека и салата ќе биде направена, спортскиот комплекс,  влезот од Прилеп и така натаму, се што беше ветувано. Само за една година се тие 11,5 милиони, за две се 34, за 4 годишен мандат тоа се 46 милиони евра за капитални проекти во Битола. Уште во првите 100 дена од новата влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски истакна дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да се занимава со политиканство, туку ќе соработува со сите општини, пари ќе има наменето за сите општини, а не како сега коа СДС ја кочи работата на Коњановски.

– Градоначалникот Коњановски покажа огромен квалитет споредено со неговата претходничка која беше градоначалник на Битола, но истовремено нејзиниот мандат беше паралелен со владата на СДС, додека во случајот кај Коњановски тоа е обратно, наместо партнер кај владата има противник кој не бира средства да го закочи развојот на Битола, а потоа проектите и работата, мислејќи дека на тој начин, ќе биде претставник како градоначалник кој не успеал да реализира проекти и од друга страна да добијат политички бенефит на следните парламентарни избори, изјави тој.

Мицкоски посочи дека и покрај тие опструкции Тони Коњановски покажа навистина исклучителна храброст, амбиција и на дневна основа се реализираат проекти во Битола.

– Јас сум убеден дека до ова денеска што е реализирано граѓаните во Битола се многу задоволни. А веќе со следната влада на ВМРО-ДПМНЕ која ќе биде партнер на Битола и Коњановски, јас сум убеден дека до крајот на мандатот на градоначалникот Коњановски сето она кое беше ветено во кампањата во 2021 или ќе биде реализирано или започнато со реализација. Тука се и оние големи проекти кои беа најавувани како спортската сала, влезот од страната кај Прилеп, влезот од страната кај Ресен, училишта, градинки, нагласи Мицкоски.

Мицкоски ги повика СДС, Левица и Поинаку да не прават опструкции заради политиканство, туку да го стават пред се интересот на битолчани и Битола како град, да биде таков каков што му прилега.