30.10.2022

Мицкоски: Ако навистина има пријателство и добрососедство, зошто на отворањето не дојде претставник од владата како што бугарски политичари дојдоа во Битола и Охрид

Македонците од Бугарија се соочуваат со големи проблеми и тоа не е тајна, доказ за тоа што ниту една пресуда од Судот за човекови права во Стразбур за кршење на нивните права не е имплементрирана, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски во неговото вклучување во дневникот на Канал 5 телевизија, од отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, во Благоевград во Бугарија.

„Луѓето се навистина во тешка состојба, дел од нив се и затварани, дел од нив лежеле и во затвор заради тоа што се изјаснувале како Македонци и поради тоа што изразувале јавно поддршка на македонскиот народ и на нивната татковина Македонија. Јас она што им го кажав е, дека ја имаат нашата безрезервна поддршка, ги чекам во Скопје во нивната татковина, во нивната Македонија да дојдат да поразговараме како стратешки да пристапиме“, рече Мицкоски.

За жал, вели Мицкоски, дел од нив велат дека се заборавени од актуелната владејачка гарнитура во Македонија и како што можевте да видите претставник на владата денеска немаше.

„Имаше претставник од кабинетот на претседателот, имаше претставници од политички партии, но за жал изостана претставник на владата. Што навистина не е во насока на духот на пријателството и добрососедството, затоа што ако навистина има добрососедство и пријателство, не гледам причина да не бидат присутни тука исто како што беа дел од бугарските политичари присутни на отворањето на првиот клуб во Битола, а потоа и на вториот клуб во Охрид“, истакна Мицкоски.

Мицкоски додава дека ВМРО-ДПМНЕ и тој лично како човек, посериозно ќе се ангажираат во наредниот период и ќе направат се што е во нивна моќ да им помогнат на нашинците во Бугарија.

„Имаат нашинците овдека многу проблеми, ние како ВМРО-ДПМНЕ многу посериозно ќе се занимаваме во период кој што следи во насока на поддршка, помош и така натаму. И јас лично како човек ќе сторам се што е во моја моќ да им помогнам на овие луѓе“, додаде Мицкоски.