30.03.2024

Мисајловски: Ние ќе пишуваме историја на задоволни граѓани, затоа заедно со граѓаните одиме напред

Минатиот викенд ја промовиравме програмата со 1198 проекти, денес ги претставуваме личностите кои секојдневно ќе бидат со вас, ќе ве информираат за сето она убаво што следува, а воедно и да ние сме со вас и да ве сослушаме. Морам да напоменам дека не смееме да заборавиме на жестоката реалност. Македонија се нема соочено со потешки предизвици од оние што ни ги наметнаа СДС и ДУИ. Предолго сведочиме на поткопување на  демократските институции, задушување на неистомислениците, како и маргинализирање на стремежот на нашиот народ, рече Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 2 на денешното претставување на изборните листи. 

„Доста се уништуваше Македонија, тоа време го оставаме зад нас. Затоа време е за работа, време е за акција, време е за враќање на она што значи да се биде Македонец. Сега е време за одлучно лидерство! Ајде да го искористиме овој момент и да изградиме нов пат за Македонија. Пат дефиниран со шанса за спас на Македонија. Пат на напредок, просперитет и единство“, кажа Мисајловски. 

Мисајловски додаде дека нов пат за Македонија може да се прави само заедно со граѓаните. 

„Ќе чекориме заедно со граѓаните, затоа што Македонија сакаме да биде подобро место за живеење, да ги задржиме младите, да им овозможиме услови за пристоен живот, да инвестираме и во возрасните, да не ги забораваме. Затоа одиме напред! Македонија повторно твоја! Промените се во твои раце!“, посочи Мисајловски.

Мисајловски укажа дека доста беа црнила, неспособност, лаги, корупција, криминал, доста беше негативна енергија и се осврна на проектите кои ќе се реализираат. 

„ВМРО-ДПМНЕ се грижи за најмладите, како и за возрасната популација. За најмладите ќе гледаме да има место за секое дете во градинка, учебник за секој ученик. За возрасната популација, пензионерите во првата година од владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе добијат 5.000 денари поголема пензија“, кажа Мисајловски. 

Општините, додаде Мисајловски, дополнително ќе ги развиеме, како што се развиваа последниве две години. 

„Планираме годишно по 250 милиони евра за капитални инвестиции во општините. Ќе има пари за спортот или 50 милиони евра директна поддршка за спортот во четиригодишниот мандат. Ќе изградиме национален спортски комплекс Методија Андонов Ченто во Скопје со повеќе содржини, фудбалски стадион, спортска сала, повеќе помали сали, спортски музеј и слично“, информираше Мисајловски.

Мисајловски укажа дека приоритет ќе биде и борбата против корупција. 

„Ќе ги намалиме непотребните трошоци, ќе се бориме против корупцијата. Што ќе направиме за да го постигнеме ова? Ќе предложиме Собрание со 90 пратеници наместо досегашните 120, ќе ги укинеме заменик директорските места, потоа намалување на бројот на управни и надзорни одбори“, кажа Мисајловски кој се осврна и на инфраструктура:  „За инфаструктурата знаете, СДС и ДУИ не направија ни еден километар, ама одиграа чочек на делницата Демир Капија-Смоквица која беше изградена во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е она што е карактеристика за нив, неработа и лаги! Ние ќе направиме граѓаните од Скопје да стигнуваат во Охрид за максимум два часа и тоа по безбеден пат“.

Мисајлоски заклучи: „Лошите денови треба да ги пратиме во историјата, сега почнуваат денови на обнова! Ние ќе пишуваме историја заедно со вас, со секој еден поединец кој сака Македонија да биде добро место за живеење! Ние ќе пишуваме историја на задоволни граѓани, граѓани кои ќе останат дома на своето, а не да бегаат од Македонија! Затоа заедно со граѓаните одиме напред! Македонија повторно твоја! Промените се во твои раце!“.