21.02.2024

Милошоски: Очекуваме на 24-ти април, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и нашата коалиција, да има најмалку 100 илјади гласови повеќе од кандидатот на СДС

ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори ќе настапи со кандидатот, професор доктор Гордана Силјановска Давкова. И оваа кандидатура која што е стигната до партијата би требало да биде потврдена  на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател на 2 март и очекувам истата да добие огромна поддршка, вели пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во неговото денешно гостување во централниот дневник на Алсат телевизија.

Во однос на против кандидатите на професорката Силјановска Давкова во претседателската трка, Милошоски вели дека е добро што има повеќе кандидати и веројатно ќе има уште некој кандидат кој што ќе се пријават за овој изборен процес затоа што е добро граѓаните да имаат поголем избор.

„Очекуваме на 24 април кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и нашата коалиција да има најмалку 100 илјади гласови повеќе од кандидатот на Социјалдемократскиот сојуз, а потоа да следуваат и другите кандидати“, рече Милошоски.

Запрашан дали е ризично тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе оди со истиот кандидат од пред пет години, Милошоски истакна дека тогаш професорката Силјановска Давкова оствари одличен резултат и дека до сега во Македонија се нема случено кандидат од опозиција да победи во претседателска трка, имајќи го предвид и демократскиот капацитет на владејачките СДСМ-ДУИ.

Но, додава Милошоски, сега народот е свесен дека оваа владејачка гарнитура е во заминување и масовно ќе ја даде поддршката на кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ кој се очекува во првиот круг да има над 100 илјади гласа разлика.

Во Република Македонија до сега немало кандидат од опозициона партија кој што победил во време на мандатот на друга влада од политичка опција. Затоа сметам дека и минатиот пат кога професорката Силјановска беше кандидат направи одличен резултат, но вие и самите знаете за демократскиот капацитет на СДСМ и на ДУИ и тогаш и сега, со таа разлика што сега сметам дека народот е веќе свесен дека власта е во заминување. И овој пат очекувам, бидејќи се поклопуваат изборите претседателски и парламентарни, Силјановска да биде новиот претседател на Македонија“, истакна пратеникот Милошоски.