13.01.2023

Милошоски: Нека не се плаши Ковачевски од избори, се гледа дека тој не излегува ниту на ТВ дуел, а не пак на избори

„Според мене премиерот има еден голем хендикеп по однос на оваа тема. За сегашниот премиер Ковачевски не гласал ниту еден граѓанин на Република Македонија за тој да биде премиер. Второ, и кога стана премиер, во првото експозе немаше ниту една реченица поврзана со потреба за измени на Уставот. За потоа откако дојде притисокот од страна на соседна Бугарија го прифати и сега го промовира како негова ултимативна опција. Затоа сметам дека премиерот треба крајниот рок за било какво разгледување или унапредување на Уставот или измени на Уставот да го смета денот на изборите, кога граѓаните ќе се изјаснат за секоја политичка опција врз основа понудените програми вклучително и ова прашање“, истакна Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во централниот дневник на Сител телевизија.

Милошоски додаде дека обврската за промена на Уставот сами ја прифатиле Ахмети и Ковачевски.

„Македонскиот парламент, односно во Собранието се дискутираше за одредени заклучоци кои што немаат никаква правна, обврзувачка основа по однос на Уставот“, укажа тој.

Тој посочи дека доколку Владата смета дека ова е патот кој што води кон прогрес и она што Ковачевски го кажува дека оваа Влада има добар перформанс, економски, во образование, во земјоделие, во други области, тогаш треба да излезе на избори. Да не се плаши Ковачевски од избори, бидејќи се гледа дека тој не излегува ниту на ТВ дуел, а не пак на избори. На избори Ковачевски нека каже на јавноста што направил, кои обврски ги превзел и така нека одлучат граѓаните за кого ќе гласаат.

„Ниедна Влада после Владата на Ковачевски не треба да биде така неодговорна да превзема обврски кои што излегуваат надвор од надлежностите на Владата“, порача Милошоски.

Тој нагласи дека превземаните обврски од страна на Ковачевски немаат легитимитет и како такви треба да бидат тестирани на избори.

„Затоа сметам секој кој што ова прашање му е приоритетно треба што поскоро да свика предвремени парламентарни избори. За да може покрај другите економската криза, кризата во образованието, кризата со енергетика, паѓањето на животниот стандард заедно со ова тема да бидат теми за кои што граѓаните ќе се изјаснат на избори“, истакна Милошоски.

Милошоски посочи дека во Македонија нема дилема дека најголемиот дел и од граѓаните и од политичките партии имаат евроатланстка ориентација. Но, проблемот е што одредени политички структури таа геостратешка ориентација ја злоупотребуваат за превземање на обврски кои што не се дел од европската агенда. Затоа што билатерални прашања не може бесконечно да имаат приоритет пред Копенхашките критеиуми и стандардите во сите области за европеизација на државата.