28.10.2024

Милошоски: На Македонија за преговори со официјална Софија и треба стабилна влада во Бугарија

„Предолго трае оваа политичка драма во Бугарија и на овие избори нема убедлив победник, туку дополнителна фрагментација. Оваа ситуација ќе биде уште покомплицирана, бидејќи во составот на новото Собрание во Бугарија влегуваат три политички кои се радикална десница односно антиевропски настроени“, истакна пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски во гостување во централниот Дневник на Сител ТВ во „Тема на денот“.

Тој истакна дека на Македонија за понатамошни преговори со Бугарија и одговара стабилна влада во Бугарија со две партии и додаде:

„Пречките со напредокот на Македонија би ги поврзал со директна фрагментираност во Бугарија. Проблемот во Македонија настана во моментот кога во Бугарија имаше стабилни влади но за жал, претходната Влада во Македонија прифати услови со кои создаде пречка за сите идни влади во Македонија. Затоа сметам дека потпишувањето на тој фамозен втор протокол од страна на поранешниот министер Бујар Османи заедно советуван со Ковачевски, Маричиќ и другата група раководители на надворешната политика кога го направија најголемиот проблем кога дозволија Македонија да влезе во лавиринтот на билатерализација на историски прашања како пречка на патот кон ЕУ“, вели Милошоски.

Тој истакна дека македонскиот план звучи логичен и наидува на разбирање кај голем дел од соговорниците во ЕУ.

„Според мене она што беше добиено како порака од посетите на владината делегација во Берлин е дека сепак македонскиот план звучи логично, има аргумент и истиот наидува на разбирање кај поголем дел од соговорниците во рамки на ЕУ, но мора да се напомене дека за истото треба да даде согласност и официјална Софија, затоа би било добро во Софија да има стабилна влада за да може да се разговара на еден рамноправен начин“, посочи Милошоски.