11.07.2023

Мизрахи: Најголемиот проблем во државата е владеењето на правото бидејќи Владата само се грижи за криминалот и корупцијата

Имаме низа на анкети кои укажуваат на фактот дека на наредните парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со сооднос 2 наспрема 1. Овие резултати опфаќаат категорија на граѓани што се изјаснуваат како неопределени и резултатите би биле далеку по големи од ова, истакна пратеничката и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи во вечерашното гостување во емисијата „За или против“ на Телевизија Алфа.

„Имаме фрапантен податок каде 85% од населението смета дека се движи во погрешна насока, а само 14% од испитаниците тврдат дека ова е вистинската насока за држава во која живеат. Ова се најфрапантните негативни податоци како опомена за власта дека не ја чувствуваат за своја и ја движат државата во погрешна насока“, кажа Мизрахи.

Таа додаде дека фрапантен податок  е и тоа што 3% од граѓаните сметаат дека Владата на Ковачевски се справиле со проблемите, додека 78% велат дека Владата не се посветила на решавање на круцијалните проблеми во оваа држава.

Мизрахи истакна дека 71% од граѓаните во Република Македонија велат дека оваа Влада не е одговорна, ниту пак е отворена кон јавноста.

Таа е децидна дека најголемиот проблем на оваа држава е владеењето на правото.

„Владата се грижи само за едно а тоа е корупција и криминал  за да ги полнат сопствените џебови пред да ја напуштат власта“, вели Мизрахи.