15.01.2024

Мизрахи: Власта на ДУИ со помалиот политички партнер СДС редат само скандали, но секој кој го прекршил законот ќе одговара

Имаме размонтирање на целиот државен систем, негова деструкција до темел. Тие мислат додека сме на власт и ќе ги ставиме нашите без разлика на квалификации, рече Рашела Мизрахи, пратеник во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата За или против што се емитува на телевизија Алфа коментирајќи ги последните вести дека во М-НАВ се вработени лица од семејствата на Бујар Османи, Артан Груби, Љупчо Николовски и слично.
„Вработувањата на членови на семејствата на лица од СДС и ДУИ или на власта на ДУИ со помалиот политички партнер СДС ги има постојано. И за да се прикријат истите има инфлација на дезинформации и дефокусирање на дебатата. Па така кога станува збор за скандалот во М-НАВ зборуваме за синдикатот и фамилијата на синдикалецот. Димитар Ковачевски како човек од социјалдемократите треба да се грижи за синдикатите, а не да е против синдикатите. Се изгуби целиот супстрат на нивната идеологија“, вели Мизрахи.
Според неа скандалот во М-НАВ е многу сериозен и акцентот не треба да биде на синдикатот, туку на сторителите на скандалот, истите да одговараат.
„Напад во просториите на контролата на летање или во Македонска навигација е недозволив. Но, кога станува збор за оваа власт карактеристики се незаконитост, неказнивост, нестручност и непредвидливост. Да беше било кој друг немаше да се случува ова или скандали како оној во М-НАВ. При тоа во тој случај многу малку се зборуваше за законите кои се поврзани со оваа област. Мора да има степен на безбедност на овие објекти. Ова не смее да се случува во ниедна држава. Се извршува насилство, а одговорност нема, ниту МВР ниту Агенцијата за цивилно воздухопловство ги неа никаде дали и кои норми се прекршени кога станува збор за објект од ваков тип“, кажа Мизрахи.
Мизрахи вели дека проблем е и што никој не спомнува дека законот за заштита на критична инфраструктура не е сигнат никаде, едноставно нема таков закон.
„Тело кое би работело на таков закон било направено, меѓутоа таков закон нема што е навистина вознемирувачки. Тоа се објекти како електраните, нашето небо, нема никаква безбедност, страшно е за граѓаните воопшто“, рече Мизрахи.
Според неа имајќи предвид како течат настаните и што се се случува факт е дека сите го чекаат 8 мај, денот на изборите по кој ќе следат промени.
„Се чека 8 мај за да има разрешница на многуте трагични настани за да бидат расветлени. Нема ништо за скандалот Онкологија, за случајот Ласкарци, модуларната во Тетово која изгоре и имаше 14 мртви. Реалноста е многу тажна, но сите кои го прекршиле законот ќе одговараат“, заклучи Мизрахи.