30.01.2023

Лефков: Тоа што владата на СДСМ и ДУИ не сака избори е на штета на сите граѓани во државата, избори мора да има и ВМРО-ДПМНЕ ќе има историска победа

Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков во неговото денешно гостување во „Утрински печат“ зборуваше за одржување на предвремени парламентарни избори и потенцираше дека кога и да се одржат избори ВМРО-ДПМНЕ ќе има историски најголема победа до сега.

„Од она што го гледаме еве и од последната анкета на ИРИ и од она што го гледаме по теренот, ние како политичари мораме да имаме редовни средби со граѓаните, поради начинот на работењето и владеењето на ДУИ и СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ќе има победа која што би рекол историски најголема победа. СДСМ после ова ќе замине во историјата“, рече Лефков.

Пратеникот Лефков во текот на своето гостување укажа на пример од источниот регион каде потенцираше дека земјоделците од овој дел се целосно понижени.

„Јас доаѓам од истокот, земјоделците се целосно понижени. Ќе ве потсетам кога стануваше збор за замрзнување на цените. Прво што беше замрзнато беше цената на оризот иако една многу значајна култура за целиот исток, нашите предлози да стане стратешка култура, владата тоа експресно го одби, ни достави едно мислење од Артан Груби од влада во кој што Артан Груби кажува дека не треба да биде стратешка култура. Ќе ве потсетам цел свет има закана од прехранбена криза, така да од владата слушавме само декларативни заложби дека ќе се избореле со недостатоците на храна. Ова ми беше еден пример од истокот да ви кажам дека има огромно незадоволство, да ја казни оваа влада  и нивното работење“, кажа тој.

Пратеникот Лефков на крај порача дека тоа што се одложуваат изборите е на штета на сите граѓани кои живеат во Македонија.

„И затоа ве уверувам дека ќе има голема победа на следните избори и тоа што се одложуваат е на штета на сите кои што живееме во Македонија“, вели Лефков.

Во текот на гостувањето Лефков се осврна и на односите со Бугарија.

„Државниот врв лиферува информации дека има странски држави, странски агентури, странски служби кои што се вклучени, па затоа ние ги повикавме ајде јавно нека објават за кои странски фондации, за кои странски здруженија, за кои агентури станува збор кога имаме бугарски европратеник кој што доаѓа овде во Македонија и гледате како се однесува и шири иредентистички тези и ги понижува Македонците. Значи целта на постоење на независна и суверена држава и целта на постоењето на институциите е за да вие како граѓанин и јас како граѓанин да бидеме институционално заштитени. Кога станува збор за институционално заштитени зборувам и за достоинството, зборувам и за заштита на сопственоста, и за заштита на човековите права односно во секој аспект. Кога веќе имате организирана држава, таа треба да се грижи и да ги заштитува интересите на своите граѓани“, истакна Лефков.

Тој укажа дека МНР не ги брани интересите на македонскиот народ. Имено, Бујар Османи глуми медијатор од меѓународна заедница како на бугарска телевизија се обидува со некој смирени тонови да разговара.

„Не станува збор дека ние бараме од министерството за надворешни работи или од било која институција да работи кон ескалација, напротив на нас навистина ни треба пријателство, меѓутоа ни треба искрено пријателство. Не ни треба пријателство за да бидат сокриени неуспесите на ДУИ и на СДСМ и да бидат сокриени неуспесите на оваа Влада. Повеќе од очигледно е и сите луѓе знаат дека односите особено нарушените односи одат во прилог само на оваа власт која што за жал работи против интересите на своите граѓани и притоа секогаш се обидува да најде некои надворешни тајни неидентификувани непријатели“, заклучи Лефков.

Лефков се осврна и на уставните промени и нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ цврсто останува на својот став и нема да дозволи понижување на Македонија.