„Немаме намера да се мешаме во внатрепартиски односи, но малку е парадоксално најголемата опозициска партија со која заедно делувавме во Собранието и гледаме каде власта не доведе со задолжувањето, најголема инфлација, тука е и корупцијата. И сега како ќе се пронајдете во таква Влада. Или прашањето е дали влегуваат во Владата за спас на процесот за евроинтеграција или за спас на премиерот Димитар Ковачевски“, рече Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет на партијата на гостување во емисијата „Само вистина“ што се емитува на телевизија Канал 5, а коментирајќи ги информациите за влез на Алијанса за Албанците. Тој додаде дека во една ваква ситуација Алијанса за Албанците треба да размисли за чекорот за евентуален влез во Владата.
Според него сите овие прашања за зголемување на владејачко мнозинство зборуваат само колку не е стабилна поддршката на Владата.
„Ковачевски не се појави на избори и сега има потреба да си го докажува легитимитетот и затоа се обидува да прави нови коалиции“, посочи Лефков.
Власта ветува нешто што не може да се реализира.
„Османи и Ковачевски договорија промена на Уставот, а не можат да го реализираат тоа. Со вклучување на Бугарите во Уставот кои велат дека постоиме од 1944 година, го негираат македонскиот јазик, имаме целосен парадокс како ќе ги внесете во Уставот. Малку е проблематично што се вели дека со промена на Уставот автоматски започнуваат преговорите, оттука да не се доведеме во ситуација сите жртви кои ги правиме дека се само за почеток на преговорите, а потоа да не блокираат за секое поглавје“, рече Лефков.
Во текот на гостувањето Лефков се осврна и на денешната седница во Собранието што се одржа за скандалот околу делење на македонско државјанство на криминалец.
„Ние обелоденивме скандали кога се делеа пасоши на белосветски криминалци. Како заврши? Зошто не заврши тоа во одделението за борба со организиран криминал и корупција? Тоа ги исполнува сите критериуми за организиран криминал, има меѓународни аспекти, има финансиски импликации, има вмешано голема група на луѓе. Како заврши? Со осум обвиненија и едно обвинение за помагач во аферата „Пасоши“, истакна Лефков.
Лефков додаде дека преку медиуми јавноста дознава како одредени криминалци на владина седница добиваат македонско државјанство, практично кој сака добива македонско државјанство со оваа власт. Целосно се нарушува угледот на Македонија како НАТО членка.
„Целосно се нарушува угледот на Владата и кога доаѓа во Собрание, за да Собранието ја оствари својата надзорна функција врз работата на Владата и владини тела во случајот сега станува збор за Агенција за национална безбедност, се случува тајна седница. Тогаш се претресуваат колегите пратеници, се оставаат телефоните, чантите и уредите, се пуштаат внатре само тие што имаат безбедносен сертификат строго доверливо и во исто време на јутјуб каналот може да се слушне аудио од таа тајна седница“, рече Лефков.
Тој запраша кој, кого таму саботира и зошто се случи сето тоа, и кој не сака да се дознае вистината.
„Кој не сака да се дознае вистината? Или Владата, тоа значи Ковачевски, или директорот на Агенцијата за национална безбедност, или пак Оливер Спасовски. Треба да преземат одговорност. Ова е директна саботажа од највисоките кругови на власта“, нагласи Лефков.