„За жал власта ги вклучи сите нивни сили и енергија да влезе во „Пазар 3“ реконструкцијата на Влада каде се влезе во брутално пазарење и договарање се со една цел да се зголеми мнозинството односно крајната цел да се одложат изборите“, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков во вечерашното гостување во емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24.
Тој посочи дека новото прекројување во власта на кое се одлучи неизбраниот премиер Ковачевски е од страв од избори. Тоа е барање на опозицијата и огромниот дел од народот затоа што живеат во држава каде тие не го избрале за премиер.
„Единствено нешто што прави власта се откажува од проблемите кои ги имаме во државата а проблемите дополнително се зголемуваат. Тие се сконцентрирани само на едно а тоа е како подолго да останат на власт“, рече Лефков.
Лефков истакна дека СДСМ и ДУИ претставуваат еден ултимативен пат а тоа е патот на промена на Уставот.
„Патот кој го трасираат претставниците од власта е само пат кој не доведе овдека каде што сме, тоа се лажните европски интеграции кои се користат само за една работа се со цел за спинување и оттргнување вниманието на јавноста од реалните проблеми, а реалните проблеми се корумпирана Влада“, кажа Лефков.