25.11.2024

Лефков: Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата презентира нов концепт на водење на економијата кој значи модернизација и зголемена конкурентност

Во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, вечерва гостуваше Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ кој зборуваше за економската ренесанса која е во тек и се случува на Македонија, а која на опозицијата не и одговара како и за договорот меѓу Владата и банките околу унгарскиот заем.

„Целата македонска јавност, а и оние коишто се можеби највеќе заинтересирани-приватниот сектор, фирмите кои ќе можат да ги користат бенефитите од овој кредит, видоа факт дека средствата во износ од 250 милиони евра ќе бидат со каматна стапка од 1,95% на грејс период до три години и петнаесет години рок на отплата, односно извонредни услови за отплаќање и практично паднаа во вода сите оние лаги и клевети коишто ги ширеа социјалдемократите и оние врвни луѓе кои се претставуваат како нивно раководство“, вели Лефков. 

Според него опозицијата е составена од луѓе кои се спротивставуваат на еден инвестиционен циклус којшто треба да се случува во македонската економија и кој се состои во нови инвестиции, објекти, проширување на индустриското производство, објекти за поддршка на соодветните дејности, со еден збор целосна модернизација која ќе донесе зголемена конкурентност на македонската економија.

„Зголемувањето на конкурентноста на македонските компании комбинирано со оној инвестициски бум којшто го најавува новиот буџет којшто го најавува Владата од 50,5 милијарди денари и комбинирано со проектите што се случуваат на општинско ниво, ќе ве потсетам 100 милиони евра или некаде околу 360-370 капитални проекти кои се започнати да се реализираат, уште 250 милиони за наредната година со Предлог-буџетот за 2025 година, значи една година во која ќе имаме над 800 капитални проекти во локалната самоуправа и околу 300 милиони евра кои ќе треба да ја поттикнат македонската економија“, објаснува Лефков.

Тој појаснува дека економијата базично е како „оган“ во кој ако се додаваат енергенси, гориво и ако тоа гориво е енергетски исплатливо тогаш таа ќе се развива, ќе дава резултати, затоа на овој начин Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата презентира нов концепт на водење на економијата за разлика од претходниот, воден од СДС и ДУИ кој се засноваше на зголемување на јавната потрошувачка која за жал донесе двојно повисока инфлација и осиромашување на народот.