28.11.2022

Ковачки: Грижата на СДС е до тој степен што во касарната на Армијата нема вода за пиење, а кај министерката и тимот околу неа се служи флаширана вода

„Наместо министерката да го напаѓа целиот тим на ВМРО-ДПМНЕ кој што изнесува скандали кои што се поврзани со безбедносниот сектор, кој што за жал е фрлен на колена, таа треба да се позанимава малку со стандардот на војниците кој што за жал е уништен откако Социјалдемократскиот сојуз дојде на власт. Нивните лаги и манипулации конечно излегуваат на виделина“, истакна Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.

Ковачки потсети на едно ветување на Социјалдемократскиот сојуз кои што го имаат дадено пред граѓаните. Тоа ветување е дадено од Шекеринска каде што ветува дека од март 2023 година во Штип односно во гарнизонот на Штип припадниците на АРМ ќе имаат бесплатна храна. А, еве веќе е ноември 2022 година такво ветување не е реализирано. А, Славјанка Петровска е наследник на поранешната министерка за одбрана Шекеринска. Тендерот неколку пати паѓа поради нивните коруптивни скандали.

„А, дури и ветено е дека до крајот на годината ќе има храна бесплатна за сите припадници. Такво нешто не може да се случи“, појасни тој.

„Министерката за одбрана не сака да се зборува затоа што офицери доставуваат некласифицирани информации до неа како министерка, до државниот секретар, до премиерот на Владата и до нас како пратеници. Значи имаат писмо доставено офицери до нас како пратеници и тоа до сите пратеници, без разлика на пратеничката група, значи каде што сигнализираат дека основните човекови права се кршат односно луѓето се оставени без вода во една од касарните“, нагласи Ковачки.

Тој посочи дека офицерите се жалат до министерката, до премиерот, до претседателот на државата. Но тие на офицерите им посочуваат лаги од тип дека во тек е процесот, се обезбедува вода итн. но, за жал до ден денеска ова прашање не е актуелизирано.

„Во касарната на Армијата нема вода за пиење, додека пак кај министерката и тимот околу неа кога доаѓаат гости се служи флаширана вода. Водата на Водовод – Скопје се пие, колку што јас знам. Значи може да се пие и од чешма. Но, во гарнизонот кој што не е во Скопје водата не се пие од чешма и таму би требало да биде флаширана“, нагласи Ковачки.