08.10.2023

Ковачки: Власта наместо да ја сузбива корупцијата, таа ја помага и ги прикрива кривичните дела поврзани со високи форми на корупција

Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во своето обраќање на Дебатата насловена „Борба со криминал и корупција, темелна европска вредност“ во Струга потенцираше дека блокадите за борбата со корупцијата доаѓаат од самата власт односно наместо власта да ја сузбива корупцијата тие се помагатели и ги прикриваат кривичните дела поврзани со високи форми на корупција.

-Факт е дека кога прашувате за институциите, факт е дека блокадите на борбата со корупцијата доаѓаат од самата власт.  Власта е директно одговорна за блокадите, за таа борба односно за блокадите кон нашиот евроинтегративен процес. Имаме еден институционализиран криминал каде што институциите кои што се задолжени за борба со корупцијата наместо да ја сузбиваат истата, наместо да ја процесуираат истата, тие се нејзини главни помагатели односно ги прикриваат кривичните дела поврзани со високите форми на корупција. И не случајно се јавните мерења, анкетите, еве пред неколку дена излезе една независна анкета која што укажува дека дури 85% од граѓаните имаат недоверба во системот односно знаат дека нема владеење на правото и дека корупцијата е во нагорна линија, и тоа внимавајте дури во споредба со минатата година, рече Ковачки.

Ковачки укажа дека недовербата во системот во Македонија го потврдија и Херетиџ фондацијата како и Транспаренси Интернешнал.

-Истото го укажува и Херетиџ фондацијата која што се занимава со економските слободи на државите, која што кога ги рангира државите, има една методологија  каде што точно го зема владеењето на правото, борбата со корупцијата, интегритетот на институциите и Македонија и на таа листа е во еден континуиран пад. Ако во 2017 година сме биле 21 место  што е високо, веќе во 2020 година сме паднале десет места, 2023 година паѓаме цели 23 места и годинава сме дури на 56 место. Исто е и на Транспаренси Интернешнал, ние сме веќе едно 3 години над 100-то место, некогаш што се нема никогаш порано случено во историјата, што е поразително, потсети Ковачки.

Ковачки во текот на своето обраќање објасни зошто судството и обвинителството имаат само 1% доверба кај граѓаните.

-Еве во судството и во обвинителството ќе го земам најпознатиот случај, тоа е случајот со издавање на пасоши односно продавањето на пасоши на луѓе кои што не се  македонски државјани, а се занимаваат со нелегални активности или буквално кажано криминалци. Самата судијка што го водеше случајот јавно кажа дека главните сторители односно инволвирани во тоа случај не се изнесени пред одговорност, одговарале само најситните еве да речам шалтерски работници, службеници, но главните сторители не се изнесени пред лицето на правдата. Тоа укажува дека јавното обвинителство ги има сокриено главните сторители, тука пред се се мисли на врвот на министерството за внатрешни работи. На тој начин нашето обвинителство, нашето судство докажува зошто го заслужува тој епитет од 99% односно само 1% на доверба, додаде Ковачки.