09.03.2023

Илиеска: Државните институции не ги зголемија платите согласно растот на минималната, стигнати сме во ситуација дека секое трето семејство е на раб на сиромаштија

Секој граѓанин дома си знае кога оди да пазари колку му остануваат и колку со тие пари пред две години можел да испазари, а што може сега. Секој требаше да добие повисока плата во разликата на процентот, сите други плати требаше да се зголемат кога се зголеми минималната. Оттука доаѓа револтот и демотивираноста на вработените, изјави Анастасија Илиеска од ВМРО-ДПМНЕ за „Заспиј ако можеш“ на Алфа.
Лани беше вештачко зголемувањето на минималната плата, никој нема против повисока плата, секој сака задоволни работници, но кога се носи тоа на вештачки начин, автоматскив ршите притисок на компаниите во државата. Сите беа принудени да ја зголемат платата, но тоа не се случи во администрација, рече Илиеска.
Таа потенцираше дека општините беа притиснати за јавните претпријатија, но ниедна државна институција под капа на владата не ги зголеми другите плати, додека во извештајот на Светска банка беше нотирано истото дека ваквото вештачко зголемување, ја стимулираше инфлацијата.

Во администрацијата сега имаме плати на исто ниво како во 2020 година иако сме 2023. Ако сте земале на пример 30.000 плата, вредноста е како да имате 25.000 денари. Доволно е во еден маркет да појдете и да видите нештата кои можевте да ги купите за 1000 денари сега за колку се купуваат, рече Илиеска.
Таа истакна дека минималната синдикална кошничка е над 50.000 денари за едно семејство и стигнати сме во ситуација според Еуростат дека секое трето семејство е на раб на сиромаштија и не може да обезбеди храна и огрев.