02.04.2023

Донев:Системот на правосудство во Македонија е уништен, тоа го докажува и последниот избор за судии

Јован Донев, поранешен амбасадор и универзитетски професор на денешната панел дискусија тема „Извештај на Стејт Департментот:Сериозна владина и судска корупција“ зборуваше за последниот извештај на Стејт Департментот каде посочи дека во тој извештај  е отсликана реалната состојба во Македонија каде се покажува есктремната корупција и екстремна злоупотреба на владеење на правото.

-Тоа е стандарден извештај само стандардна форма веќе десетина години ако не и повеќе наназад, се труди да ги нотира состојбите во областа на демократијата и владеењето на правото во сите држави во светот, некои држави го прифаќаат, некои го одбиваат, некои се задоволни, некои не се задоволни. Преку тој извештај се обидуваат да ги фатат големите случаи каде има големо кршење на човековите права или владеењето на правото, немаме нешто повеќе да додадеме или одземеме од тој извештај, реално е отсликана состојбата за Македонија. За разлика од минатата и предминатата година имаме заострување на вордингот, на термините што ги употребуваат, дека имаме екстремна корупција, екстремна злоупотреба на владеење на правото и така натаму, што е факт и го знаеме сите ние. Всушност немаше ни потреба да го чекаме овој извештај, зошто и анкетите јасно тоа го покажаа, рече Донев.

Донев во текот на своето обраќање се осврна и на две важни реченици кои него најмногу го засегнале.

-Она кое мене најмногу ме засегна и имам доста дилеми зошто е тоа така, тоа се само две реченици. Во една реченица зборува дека имаме од страна на социјадемократскиот сојуз екстремна злоупотреба на клиентализмот, полтронство и втората реченица дека ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати реагира на таквата позиција и таквото однесување на социјалдемократскиот сојуз. Ако вие имате клиентализам во една политичка партија, а не само во една политичка партија туку насекаде во Република Македонија и ако имате форсирање на своите членови на партијата или на своите истомисленици во тој случај имате драстично кршење на слобода на убедување и тоа не е нешто што е дозволиво и мислам дека е многу полоша и од корупцијата. Вие не можете некому да не му дозволите да не се вработи затоа што не е член на СДСМ, вие имате ситуација дека не можете ниту помош да добиете, ниту грантови од Министерството за култура  или образование, економија  и така натаму ако не сте нивни член или нивни симпатизер или нивни член. На тој начин има серозно драстично кршење на човековите права во Република Македонија и тоа е нешто кое мора да го елиминираме. За мене тоа е сериозно прашање и поврзано со ова прашање, ако вие имате мислење или ако имате убедување кое што се спротивни  од убедувањата на владејачката гарнитура во Република Македонија, во тој случај не само што се дискриминирани по тој основ, туку ви е дискриминирано правото на потрага по среќа. Луѓето си одат од Македонија, да, не само што Македонија е економски неразвиена, туку затоа што и правото по потрага на среќа ви е скратен, потенцираше тој.

Донев на крај порача дека имате ваков уништен систем на правосудство како што го има Република Македонија нема никаде на друго место, а за тоа е и доказот за избор на судии.

-Вие не можете да имате ваков уништен систем на правосудство како што го има Република Македонија, и тоа е резултат на тоа дека ако вие бирате судии  односно бирате студенти што ќе завршат академијата за судии и јавни обвинители по политичка припадност, во тој случај не можете да очекувате да имате делење на правдата. Јас мислам дека ескалацијата на сето ова се случи по потпишувањето на договорот со Преспа, кажа Донев.