„Се уште жената се третира на она ниво на традиционална поставеност или субординираност од страна на мажот во една потрадиционална средина. Иако тоа одамна не е така, еманципацијата многу од декада за декада во голема мера има направено исчекор, ако видиме уште од создавањето на современата македонска национална држава од АСНОМ па навака, многу жени биле во улога на протагонистки кои што го граделе македонското општество“, истакна Иванка Василевска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Детектор“ на Сител Телевизија.
Василевска додаде дека е особено тешко и во денешен аспект да се избориш во маскулинизирана средина, а тоа да не биде препишано во пежоративна смисла, ако си поагресивна или пак поупорна тогаш си досаден, тоа е дел од стереотипите.
„Стереотипите ги демотивираат жените да бидат или пак да останат во политиката“, заклучи Василевска.
Таа нагласи жената треба да биде дел од носење на важни одлуки за државата.
„Јас сум убедена дека ние како општество имаме развиено интелектуалци, имаме луѓе со свои ставови, имаме луѓе кои што ги гледаат отворено работите“, појасни таа.
Василевска укажа дека жената треба да е самостојна, суверена, само така може таа да биде дел од носење на важни одлуки во државата.
„Нашите закони во главно се современи и европски“, појасни Василевска.