09.11.2023

Андоновски: Бегајќи од темата избори власта прекина било каква комуникација со опозицијата заради тоа што им е страв од граѓанскиот суд

Има едно однесување на оваа Влада кое што порано не сум го забележал во другите на влади на СДСМ, а тоа е една дрскост и една самобендисаност. И таа дрскост и самобендисаност оди до таа фаза да не разговара со опозиција, не разговара со неподобни новинари, дури имаме и поделба на невладини организации кои што се провладини и контравладини, така тие ги нарекуваат. И ова не било пракса во Македонија 30 години, истакна Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во утринска емисија на радио „Лидер“.

Андоновски додаде дека не било ни пракса овие 30 години да премиерот не разговара или не сака да разговара со лидерот на опозицијата особено кога станува збор за избори, на пример датум за избори, техничките препораки на ОБСЕ/ОДИХР. 

„Извештајот на ЕК забележува дека нема прогрес во адресирање или имплементација на било кои препораки на ОБСЕ/ОДИХР. Ова по првпат ни се случува ова вака, да ние сме веќе на помалку од шест месеци од избори, а немате никакви разговори помеѓу власта и опозицијата за наоѓање кои се тие технички препораки на ОБСЕ/ОДИХР кои што се прифатливи за сите партии и кои што треба веднаш да се имплементираат“, рече тој. 

Тој посочи дека такви технички препораки од ОБСЕ/ОДИХР се 10-15 кои што значат навистина подобрување на изборниот процес.

„Но бегајќи од темата избори и од датумот за одржување на избори власта прекина било каква комуникација со опозицијата заради тоа што им е страв дека изборите ќе дојдат. А, тоа е дали тие се одлучиле или не се одлучиле на конкретниот датум или на конкретните правила на игра изборите ќе дојдат. Тоа е еден природен политички процес кој што е неминовен“, заклучи Андоновски.

„И за првпат во Македонија тема на разговор е кога ќе бидат изборите. Или тема на разговор е дали изборите ќе бидат заедно или одвоено на разлика од еден месец. Или тема на дискусија зошто ниту една препорака од ОБСЕ/ОДИХР не е применета во изборниот законик. И зошто не се случила таква промена на подалеку од шест месеци“, рече Андоновски.

Тој укажа дека за првпат власта почна дури да ги дели амбасадорите на проВМРО и проСДСМ.