15.10.2023

Андоновски: Арсовска е неспособен реализатор на програма и лош менаџер, на крај ќе остане само со ДУИ и Стевче Јакимовски, со своите бизнис партнери

Тоа е комбинација на еден неспособен менаџмент и една нестабилност во своето однесување за кое што сум зборел. На почетокот луѓето велеа се скараа ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска заради делење на некакви си пари. И ние моравме да го преживееме тој период, тие месец, два, три, и да докажуваме дека не станува збор за никакви пари и за никакви тендери, туку станува збор за едно недоразбирање за кое што таа не знае да ги менаџира човечките ресурси околу себе, истакна Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ и советник во Советот на Град Скопје во интервју за „Македонско радио“. 

Андоновски додаде дека подоцна Арсовска започнува процес при што ги менува своите директори, поставени од нејзе самата. 

„Таа започнува потоа процес при што таа ги менува своите директори, таа истите луѓе што ги поставила, застанала позади нив, кажала тие се одлични менаџери и многу способни. За жената што беше директорка на „Комунална хигиена“, за неа Арсовска говореше дека таа е многу храбра жена, посветена жена, прави работи кои што мажи не ги правеле 30 години, па алудира на борба за женски права. Во истиот период дури кажуваше дека таа ги чува В.Д. како вршители на должност за да може да ги смени ако не се добри. Но, да внимаваме жената од „Комунална хигиена“ доби и менаџерски договор, не ја остави на В.Д. Значи сега Арсовска ги менува луѓето на кои што дала максимално доверба и ги става на позиција да бидат трајно“, појасни тој.

Тој посочи дека Арсовска на крај ќе остане само со ДУИ и Стевче Јакимовски, бидејќи одлично соработува со своите бизнис партнери. 

„Јас мислам дека на крај ќе остане Данела Арсовска со ДУИ и со Стевче Јакимовски. Тоа е мојата дефиниција. Затоа што се покажува на тоа дека таа живее и соработува одлично со овие нејзини бизнис партнери“, нагласи Андоновски. 

„Времето ќе покаже освен што е неспособен реализатор на програма и лош менаџер, дека има многу криминал поврзано со неа“, рече тој.

Андоновски укажа дека најмногу му е жал што од сета оваа неспособност на Арсовска најголема штета трпат граѓаните.

„Мене најмногу ми е жал, затоа што искрено се вложив во кампањата на Данела Арсовска, искрено се вложив во подготовката на програмата. Жалам за тоа, затоа што се посветив максимално, одлични проекти забележавме во таа програма, ги испланиравме, ги зборувавме со поранешни градоначалници од другите општини и од Град Скопје, тие многу помогнаа во програмата, напишавме навистина едно добро дело и имавме добра намера, чесна намера да ги мрднеме работите како што треба во права насока. А, тоа се гледа впрочем во другите општини, се гледа и во Аеродром, и во Кисела Вода, во Гази Баба, во Ѓорче Петров и во Бутел. Но, за жал ние не го видовме во Град Скопје“, забележа Андоновски. 

Тој рече дека Арсовска е на исто ниво со Петре Шилегов, ако не и полошо.