10.07.2023

Андоновска: Арсовска 700.000 луѓе ги затрупа во смет, да не реагираа градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ од скопските општини граѓаните уште ќе страдаа


За прв пат град Скопје остана без јавен превоз, за прв пат градот беше затрупан со ѓубре, за прв пат градот е нетранспарентен, изјави советничката од ВМРО-ДПМНЕ, во Совет на град Скопје Марија Андоновска за „Заспиј ако можеш“ на Алфа и посочи дека градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска го остави цел град во смет, и да не реагираа градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ на скопските општини, граѓаните уште ќе страдаа.
Андоновска посочи дека Арсовска почна да делува дури откако градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ помогнати од други градови почнаа да го чистат сметот, и наместо да им излезе во пресрет таа и тогаш деструктивно се однесуваше и ги напаѓаше.

Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во континуитет, откако се на функциите немаат помош од град Скопје ниту од централната власт, но тие успеваат да излезат во пресрет на граѓаните. Ситуацијата вчера налагаше интервенција, да се делува и јас се сомневам дека ако тие не го направеа тоа, јас мислам дека до ден денеска ништо немаше да се случи и уште ќе си стоеше ѓубрето, а граѓаните ќе страдаа, рече таа.
Андоновска посочи дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се самоорганизираа, затекнати од ситуацијата сакајќи да помогнат на граѓаните.

Тие најавија и започнаа да работат и замислете кој апсурд, Велес помага, Штип, Кавадарци, Сопиште. Кога почна да се чисти со механизација од други градови, на град Скопје им текна да работат па си измислија приказни за мафијаши, а најголемиот апсурд е што не им дозволија во Дрисла да го депонираат ѓубрето, нагласи Андоновска.
Таа посочи дека ако вие сте менаџер на една институција, односно во случајов градоначалник, не може да не ги знаете проблемите затоа што не сте од вчера, Арсовска е градоначалничка на Скопје скоро две години.

Мора да знаеш што ти се случува, за овие работи таа не дознала од вчера или пред 5 дена. Вие како менаџер не може да го ставите цел град во заложништво, мора да најдете систем тоа да го решите. Ако сакате да спроведувате дневна политика и нечии интереси тоа го правите на друг начин. 700.000 луѓе ги затрупа во ѓубре, во смет, рече Андоновска.