Закон за финансирање на политичките партии

Член 9

Вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии се во висина од 0,15% од вкупните изворни приходи на Буџетот на Република Македонија. Средствата од ставот 1 на овој член во утврдениот износ се планираат во буџетот на Министерството за правда за секоја фискална година.

Средствата од ставот 1 на овој член политичките партии можат да ги користат исклучиво за остварување на своите цели утврдени со закон, статут и други акти на партијата.

Член 10

Средствата за финансирање на политичките партии, во износ од 30% што се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија се распоредуваат подеднакво на сите политички партии кои освоиле најмалку 1% од вкупниот број од гласовите на избирачите кои гласале на последните одржани избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, на ниво на целата Република, или на последните одржани локални избори во единицата на локалната самоуправа.

Средствата за финансирање на политичките партии, во износ од 70% што се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија се распоредуваат на политичките партии чии кандидати се избрани за пратеници во Собранието на Република Македонија на последните одржани избори за пратеници, сразмерно на бројот на избраните пратеници и на политичките партии чии кандидати се избрани за советници на последните одржани локални избори, сразмерно на бројот на избраните советници.

Средствата од ставовите 1 и 2 на овој член се распоредуваат на политичките партии со решение на министерот за правда. Државната изборна комисија до Министерството за правда доставува листа на политичките партии кои освоиле најмалку 1% од вкупниот број гласови на избирачите кои гласале на последните одржани избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, на ниво на цела Република, или на последните одржани локални избори во секоја општина и во градот Скопје, на ниво на општина, односно градот Скопје.

Државната изборна комисија до Министерството за правда доставува листа по политичка партија за бројот на избраните пратеници во Собранието на Република Македонија на ниво на цела Република и за бројот на избраните советниците на последните локални избори на ниво на цела Република.