Интегрален текст од обраќање г.Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Интегрален текст од обраќање г.Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитувани,

Добар ден за најмоќната и најсилната женска организација во Македонија, Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ,

Поздрав до членовите на Извршниот комитет и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ,

Поздрав до пратениците, министрите, градоначалниците, советниците во општините, за претставниците на политичките партии, за коалиционите партнери, медиумите, гостите, присутните.

Поздрав до секоја жена-член на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ,

Поздрав до сите во оваа преполна со луѓе сала, и преполна со енергија и победнички дух.

Добар ден за ВМРО-ДПМНЕ,

Имам особено задоволство да Ве поздравам на 16-тата Годишната конференција на Унијата на жени и да Ви оддадам големо признание за сиот досегашен труд, за сите изминати години во кои бевте и останавте еден од клучните столбови на нашата партија, на ВМРО-ДПМНЕ.

Би сакал да ги поздравам сите жени активно вклучени во месните комитети, КИМ-овите, општинските комитети, комисиите на централно и на локално ниво, жените вклучени во локалната самоуправа, вклучени како челнови на парламентот, на одговорни позиции во Владата, државните институции, и сите останати жени кои биле или сеуште се на одговорни партиски или државни позиции, борејќи се за остварување на идејата за подобра иднина на нашата држава.

Посебен поздрав до раководството на Унијата на жени и на сите досегашни претседателки, почнувајќи од Марија Јорданова – првата претседателка на Унијата на жени, на Силвана Бонева, на Косана Николиќ Мазнева, на Даниела Караѓозоска и секако на актуелната Претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, г-ѓата Даниела Рангелова и нејзиниот тим во ИК на УЖ, ЦК на УЖ, ОК, комисиите и сите други партиски тела на УЖ. На ВМРО-ДПМНЕ.

Повторно сме заедно да одбележиме уште една годишнина на Унијата на жени, да го поздравиме сработеното, да ги заокружиме проектите и да собереме сила за нови походи, за нови победи.

Почитувани присутни,

Поминавме година во која НЕКОЈ користејќи го СДСМ сакаше на најможно валкан начин да го сруши ВМРО-ДПМНЕ, да ја дестабилизира Македонија, и да ја промени по терк како што налагаат неговите интереси.

Се беше совршено подготвено, но како што знаеме не постои совршен злочин.Во овој случај недостасуваше една сериозна финеса, која како и многупати низ историјата се покажа клучна за нашиот опстанок, која ја заборавиле, или во најмала рака ја потцениле, а тоа е НАРОДОТ.

Тоа е народот на Македонија.

Колку и во почетокот накратко да го збунија, изненадија, некому му создадоа магла пред очите, народот, побрзо од сите очекувања ја свати добро и долго подготвуваната валкана игра, и ја отфрли.

Народот на Македонија уште еднаш покажа дека има капацитет за државност. После сите игри, после сите местенки, после потрошени толку многу години во подготовки за преврат и остварување на некои други интереси, денес на 24-ти јануари 2016-та, точно 3 месеци пред предвремените изборите, ВМРО-ДПМНЕ и Македонија се посилни и пообединети, одколку кога и да било досега.

Затоа Македонија е силна.Заради нејзиниот народ, заради неговиот капацитет, и неверојатна моќ да ги препознае валканите игри и лошите намери.

Политичката криза која ја одбележа изминатата една година, ќе завши со предвремените избори во април.Сега народот е погневен од било кога досега.

Но за жал на СДСМ, гневот не е кон ВМРО-ДПМНЕ, туку кон оние кои го силуваа. Кои му го силуваа Уставот и законите, кои му донесоа политичка криза и неизвесност, и прават се таа истата да продолжи и да се продлабочи, кои создадоа ситуација заради интересот на државата и народот привремено доброволно да се повлечат оние кој тој, народот, самиот си ги одбра, на кого му наметнаа функционери кои не ги сака и не ги одбрал, кој ги отфрлил на изборите, на кого му донесоа закони и институции кои не се нивен избор.

Е сега, на 24ти април, доаѓа казната и одмаздата на народот.Доаѓаат неговите 5 минути.Тоа е ден кога овој народ, народот на Македонија, на сите ќе им покаже кој е кој во оваа држава, односно чија е оваа држава.Во април, народот на Македонија ќе си ја врати делумно одземената власт, и преку масовното гласање на изборите ќе ги избрка на клоци вештачки и насила насадените функционери. И притоа ќе испрати 4 пораки:

1.       Дека ова Е негова, и САМО негова земја и само тој народ одлучува за нејзината иднина и за нејзините водачи. И никој друг неможе насила, или со валкана игра да му го одземе тоа суверено право.Овој народ е господар на оваа територија.

Ова ќе биде порака кон внатре и кон надвор од земјата.

2.       Ќе испрати порака до сите сегашни и идни политичари, дека со валкана игра и со манипулации, не се освојува доверба на народот и не се доаѓа на власт на таков начин.

Довербата се освојува со работа и со резултати, со искрен пристап, и почит кон сопствената земја и луѓето во неа. Со реформи, со дела, со проекти, со решавање на проблеми на луѓето, со држење до дадениот збор,  со инвестиции и отворање на нови работни места, со поддршка на земјоделецот, пензионерот, студентот, младиот, невработениот, поддршка и на бизнисот и на средната класа и на посиромашните, со нудење на подобра иднина, а не со сплетки и со интриги. Мислам дека после тоа, после оваа лекција која ќе дојде на изборите преку општонародното масовно гласање, ќе помине долго, многу долго време, пред на некој политичар повторно да му падне на ум да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачки служби, со соработка со криминалци, со фалсификатори, со Чауши, со Ванхојтовци, со Катици и со продавачи на магла на типови чија главна цел е да ги изрекетираат бизнисмените во нивниот град.

3.       Третата порака на народот на овие избори ќе биде: неможе криминалец и измамник да дојде на власт за де факто прв човек на државата. Неможе!!!Тоа народот ќе го каже на овие избори.Колку сака нека е богат и колку сака нека има пари, колку сака нека го подготвуваат однадвор, како што вели тој во неговите СМС пораки до еден друг лидер на партија.

Неможе човек кој цела кариера делел тендери на сите членови на неговата фамилија, барал поткупи од бизнисмени, соработувал со криминалци и фалсификатори, човек кој секој ден ги менува сопствените ставови заради личен интерес, не може таков човек да им биде премиер на граѓаните на оваа држава.

Сите криминалци со политички амбиции кои во иднина  ќе помислат дека преку поткупи, преку измами, преку монтирани снимки, ставања на земјата и народот во залог, држење под тензија на цела држава, активности со кои се одвраќаат инвеститорите и отворањето на толку посакуваните работни места, ќе се обидат да добијат нешто за себе, ќе добијат клоца од убедливото мнозинство народ во оваа земја и тоа на првите наредни избори преку масовно излегување и гласање на тие избори.

4.       Четврта порака која ќе произлезе од народот од следните избори предизвикани од политичката криза која ја создаде СДСМ и оние кои им помагаа, е дека не само што е господар на оваа територија, и одлучува за својата иднина, туку и дека е мудар народ, а не е глупав како што некој мисли, дека е попаметен од многу служби и нивните црпнати експоненти.

Ќе наведам само два-три примери, а ги има многу.

Само оној кој смета дека народот е глупав, во недостаток на креативни идеи за општо добро, може да верува дека ќе ја купи неговата доверба ,,продавајки му,, нешто што народот веќе одамна го има: слобода и демократија. Невелам дека таа демократија неможе да се подобрува, но тој што верува дека ако му понуди на народот слобода и демократија, и го убедува дека сега живее во диктатура, режим или незнам што, и при тоа верува дека со  тоа како главна понуда ќе ги добие изборите, треба да знае дека не е народот ни глупав ни наивен, туку глупав е оној кој  верува дека ќе го убеди да му ,,купи,, нешто што овој одддамна го има.

Втор пример, неможе опозицијата да ги има во свои раце двете институции кои по закон и Устав се единствени кои ги организираат изборите во државата, тоа се МВР и ДИК, и притоа да го прави народот будала дека неможе да се организираат фер и демократски избори, а тој ги држи овие две институции.

Неможе да има понуда од власта кон опозицијата, од типот бирајте кој закон за медиуми од било која земја од ЕУ го сакате, ако овој не ви чини, и истовремено тие на народот да му образложуваат дека заради медиумите морало да ги одложат изборите.

Трет пример, неможе за се што прави власта да викаш дека нечини, а да не понудиш подобро.Се што направивме, се исплукаа.Од друга страна мнозинството народ се задоволни од повеќето направени работи.

Не велам дека и ние немаме слабости, дека немаме грешки и пропусти, не сме ни ангели ни идеални, а најмалку безгрешни, луѓе сме, ама ако некој од другата страна и најдобрите наши работи, реформи, проекти, дела, субвенции, итн ги исплука и ги прогласи за стратешки грешки, криминални, промашувања, и слично, тогаш мора да е толку глупав да верува дека народот е глупав и ќе му поверува.

Значи, да сумирам, по дождот доаѓа сонце. По се она што ни го направија, во април народот на Македонија ќе ја земе работата повторно во свои раце, и ќе испрати 4 пораки: дека ова е негова земја и дека само тој-народот одлучува во неа, и е подготвен да ја одбрани од секој натрапник. Дека никој во иднина несмее да помисли со валкани игри,соработки со служби и малверзации да освои доверба на мнозинството народ. Дека не дозволува измамник и криминалец да ја води државата, и дека не само што тој одлучува во оваа држава, туку и дека е мудар, а не глупав како што некој го потценува, за некој со лаги и замајувања и без реална основа да му го промени ставот.

Затоа СДСМ сега бега од изборите.Бидејќи знаат дека пристигнува казната.Цела година и пол соработуваа со ѓаволот.Сега ѓаволот ќе си дојде по своето. Како вика нашиот народ: кој со натемаго тикви сади, ѓаволот му очи вади.

Погледнете на што спадна СДСМ. Од некогаш победничка и самоуверена партија, денес е партија на преплашено раководство, на лидер кој стравот го прикрива со викање, на лидер кој вика кога дава изјава за новинарите кои се на еден метар од него, на лидер кој се плаши да се соочи со неговиот народ, да излезе  на избори. Искрено и јас би се плашел на негово место, после се што направи во оваа држава.

Драги пријатели,

ВМРО е константа.Многумина тргнале против ВМРО во овие 123 години, но попусто.

ВМРО и Македонија ги преживеја сите кризи, сите ултиматуми, уцени, местенки, удари.

ВМРО и Македонија преживееја и децении репресија.

ВМРО е тука затоа што тоа е желба и избор на нашиот народ.И сечиј обид да се погази народната воља, да се скрши ВМРО ќе заврши со неуспех.ВМРО ќе биде таму каде е, се додека работи чесно, напорно и држи до дадениот збор пред народот на оваа држава.

Живееме во демократија.Нормално, еден ден, народот да даде шанса на друга партија да ја води државта, а ВМРО да отиде во опозиција и пак ќе се бори за Македонија. И пак потоа ќе дојде на власт. И партиите ќе се борат,ќе победуваат и губат, но ќе се борат со мудрост, со идеали, со конкурентни идеи, со разум, со проекти и реформи, со политики и активности за добробит на народот. А не со валкани игри и со манипулации.

На следните парламентарни избори, денес сите знаат, и младо и старо, и машко и женско, и тие кои не сакаат и не подржуваат, и тие кои не мразат или презираат, и тукашни, и дојденци, и надворешни и внатрешни, победник на следните парламентарни избори, со убедлива подршката на мнозинството народ во оваа земја ќе биде ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата “За подобра Македонија“.

Гледам дека деновиве, нашите опоненти и нивните медиумски поддржувачи го отвораат прашањето зошто јас се појавувам на разни настани поврзани со остварувањата на ветувањата дадени на изборите и со проектите за добробит на народот.

Нема да им одговарам во стилот зошто Заев отвараше градинки со Жерновски, или Бранко удираше камен темелник на базен во Куманово или слично.

Ќе им одговорам поинаку: Јас сум активен и ќе бидам уште поактивен заради народот кој ми ја дал довербата, ако воопшто вие од СДСМ имате чувство што тоа значи. Јас ја предводев кампањата и ја побарав довербата од народот за мене и мојот тим, за ВМРО- ДПМНЕ и за нашата програма, за нашите идеи и идеали.

Народот во секоја демократска држава кога излегува на избори, не дава поддршка ни на министер, ни на премиер, ни на директор. Дава поддршка на политичка партија,на нејзината програма, нејзиниот лидер и неговиот тим, кому врз основа на минатиот труд му верува во ветувањата. Таа поддршка од народот на минатите избори ја доби ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, на чело со мене како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и јас имам одговорност кон тој народ и кон ветеното кон него.

Се обраќам на раководството на СДСМ и нивните медиумски поддржувачи.

Сакале вие или не, ќе ме гледате се повеќе меѓу народот, меѓу земјоделците, меѓу студентите, пензионерите, меѓу сите на кои никогаш не им го свртев грбот и не ги заборавив кога им било најтешко, и никогаш не ми го свртеа грбот и не ме заборавија кога ми беше мене најтешко.

Ќе ме гледате наскоро на многу средби со народот низ различни градови и села, ќе ме гледате со мојот тим и моите сопартијци како ги исполнуваме партиските и изборно дадените ветувања, но и како со народот ја договараме досега најдобрата и најсеопфатната, новата изборна програма на Македонија.

Знам дека би сакале да ме снема, да не се појавувам никаде, но ќе ме гледате и на многу состаноци каде договараме како подобро и поефикасно да се спроведат проектите важни за луѓето, како што е на пример проектот ,,Купи куќа за млади, каде младите до 35 години добиваат неповторлива можност да дојдат до своја куќа под поволни услови, кои не се нудат во ниту една земја во светот и каде и оние кои имаат помал стан или куќа можат да ги продадат и изградат нова поголема куќа, ќе ме гледате и на отворањето на ПЕТ центарот, проект кој му го ветивме на народот пред изборите, ќе ме гледате и тоа многу брзо на почетокот на изградбата на новата-втора фабрика на произведителот на автобуси на белгискиот Ван Хул, кого го донесовме во Македонија, и кој заради добрите услови за правење бизнис кои ги ветивме и создадовме, одлучи да изгради уште една нова фабрика и да вработи нови 500 невработени луѓе, кои сега немаат работа.

Ќе ме гледате и на потпишувањето на договорот со американскиот гигант Џонсон Контролс за градба на нова фабрика во Стумица каде ќе се отворат нови 1500 работни места за луѓе кои сега се невработени,инвестиција која ја најавив летово, а неодамна компанијата ја потврди и објави одлуката за инвестирање во Македонија, ќе ме гледате и на отворањето на новата ВТОРА  фабрика на Технохозе во која ќе се вработат најмалку 100 невработени лица, ќе ме гледате и слушате и наскоро при објава на два нови германски инвеститори, едната во еден помал град во југозападниот дел на Македонија каде ќе се вработат само за почеток 150 невработени лица, другата во делот на машинската индустрија со најмалку 60 невработени главно инжињери, ќе чуете од мене и за резултатот од мојот и на мојот тим од ВМРО ДПМНЕ, напор за донесување на нова компанија за производство на софтвер која ќе ангажира најмалку 200 луѓе, ќе ме гледате и ќе ме слушате уште на многу места, прилики, настани…и ќе ме гледате повеќе одколку во минатото, бидејќи полни со омрза кон мене, сакајќи да ме тргнете, ме ослободивте од многу административни, куртуазни и формални обврски за кои како Премиер морав да посветам време, а сега неморам, и знаете што, гледајте и учете како се работи за Македонија, независно на која позиција си.

Гледајте и учете што е одговорно однесување кон својот народ и ветувањата кои си му ги дал, гледајте и учете како со работа, труд, искрен пристап и резултати, народот кога гледа дека работиш од срце и душа, ти ги простува и грешките и пропустите и ти ја дава довербата повторно, гледајте и учете како  убедливо се добива 10тата победа по ред на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата,

Да сте живи и здрави,

Да живее УЖ на ВМРО-ДПМНЕ

Да живее ВМРО-ДПМНЕ

Да живее Република Македонија

 

 

Ви благодарам на вниманието