Ваква наезда на комарци Скопје не памети досега. Шилегов или решете го проблемот или заминете од функцијата градоначалник

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Ирена Попова

Почитувани,

Шилегов буквално им ја исцица крвта на граѓаните на Град Скопје.

Ваква наезда на комарци Скопје не памети досега, а тоа е повеќе од доволен факт кој говори за сериозноста на оваа тема. Секој сериозен политичар на ваква тема пристапува сериозно но за жал тоа сега не го гледаме. Наспроти сериозност, гледаме тежок аматеризам и шарлатанство.

Денес слушнавме дека на забеганоста на Шилегов и неговите соработници и нема крај.  Очигледно неспособноста и неодговорноста сакаат да си ја прикријат со своите траги-комични изјави како денешната.

Замислете, тие денес рекоа дека граѓаните мислеле дека не се прска од комарци само затоа што оваа година авионите не бучеле како што бучеле изминатите години кога се прскало.

Што ли им бучи во главата на Шилегов и соработниците за да дадат вакво смешно и трагикомично образложение за тема која што тангира над 600.000 граѓани и тема за која што како партија во повеќе од 10 наврати изминатиов период алармиравме дека претставува сериозна закана по здравјето на граѓаните во Градот Скопје.

 

 

Да не станува збор за толку сериозна тема денешното образложение од Град Скопје би го третирале за рубриката хумор на месецот, но бидејќи е сериозна темата пак по здравјето на граѓаните на Град Скопје, воедно е и потценување на интелегенцијата и здравјето на над 600.000 жители.

Па добро, зарем мислите дека некој денеска ќе Ви поверува на смешното траги-комично образложение за бучноста на авионите. Зарем мислите дека вашата неспособност и неодговорност можете да ја покривате со вакви образложенија за безбучни авиони?

Не! Граѓаните не веруваат во овие лаги. Граѓаните не заслужуваат некој вака да си поигрува со нивната интелегенција. Ова е срамно.

Секој ден аптеките и амбулантите се полни со лица кои бараат средства за заштита од комарци, или уште полошо да ги санираат отоците, алергиите, егземите или не дај боже заразните болести кои ги шират комарците.

Темата е дотолку сериозна што веќе медиумите пишуваат дека во соседна Грција се починати 2 лица од убод на комарци кои носеле смртоносна болест по здравјето на граѓаните.

Изговорите на Шилегов и надлежните од Град Скопје не поминуваат ниту меѓу експертите, ниту меѓу граѓаните.

Состојбата во која се наоѓа Град Скопје е поради неговата неодговорност и незаинтересираност за здравјето на граѓаните и за тоа некој мора да сноси одговорност.

Шилегов, или решете го проблемот со кој што се соочуваат граѓаните или заминете и дозволете на ваше место да дојде некој што ќе знае и ќе може да го реши.

9 август, 2018 - 15:01