УЖ на ВМРО-ДПМНЕ го осудува насилството и говорот на омраза од страна на навивачката група „Балисти“ која се случи во Тетово

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Благица Ласовска, в.д Претседател на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Срамно и жално е во какво општество живееме во Република Македонија. Поминаа веќе пет дена, а никој не го осуди насилството и говорот на омраза во Тетово, од страна на навивачката група „Балисти“. Ниту власта, ниту институциите, ниту невладините привезоци на СДСМ. Ниту форумите на жени и женски организации ширум државата.

Унијата на Жени на ВМРО-ДПМНЕ најостро ја осудува манифестацијата на насилство и ширење на говор на омраза од страна на навивачката група „Балисти“ која се случи во центарот на градот Тетово во која мета беа недолжни граѓани, жени и деца.

 

 

Почитувани жени,

Вие во неделата од страна на навивачката група „Балисти“ бевте навредувани и ова беше еден чин на сексизам кој само ја отсликува сликата во каков соживот живеат Тетовчани.

Овој чин воопшто не придонесува за соживот и намалување на тензиите помеѓу различните етникуми.

Жалиме што и после неколку дена се уште нема никаква реакција од страна на полицијата раководена од господинот Оливер Спасовски и надлежните институции, иако сето тоа се случувало пред очите на службените лица.

Пред неколку дена јавноста беше сведок на варварско однесување, навреди, говор на омраза, повици за насилство, па дури и да биде позагрижувачки и директно насилство врз граѓани кои биле присутни во едно  градско кафуле и за тоа нема никакви реакции. Уште еднаш ВМРО-ДПМНЕ принципиелно ги осудува сите вакви појави бидејќи смета дека директно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните и им штети на меѓунационалните односи.

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите женски форуми, сите женски организации, сите женски лоби групи и невладини организации сите заедно со една иста цел да ги осудиме и да се исправиме пред предизвиците на вакви вандалски чинови и чинови на ширење на говор на омраза и сексизам.

Не постои никакво оправдување мета на ваков вандализам, навреди и говор на омраза да бидат жени со малолетни деца. Настан кој за жал можеше да има несогледливи последици по нивното здравје и животи.

Повикуваме надлежните институции итно да преземат најостри мерки и сторителите да ги изведат пред лицето на правдата кои патем треба да и се познати на полицијата, бидејќи во спротивно ќе сметаме дека овој чин на насилство од страна на навивачката група „Балисти“ е политички мотивирана да предизвика страв и несигурност на граѓаните во пресрет на политичките случувања во Република Македонија. Овие методи немаат ништо заедничко со европски вредности, демократија и принципи на владеење на право, толеранција и меѓусебно разбирање.

8 ноември, 2018 - 13:45