Тоа што го прави Спасовски е целосно незаконски и е спротивно на Колективниот договор и Законот за внатрешни работи

Интегрален текст од прес конференција на Сашо Павловски

Почитувани граѓани,

Команданти на единици, началници на Сектори, помошници кои зад себе имаат искуство и по 20 и по 30 години во Министерството за внатрешни работи сега се на удар на потпретседателот на СДС, Оливер Спасовски.

Сите оние кои имаат личен и професионален интегритет во министерството станаа предмет на отстрел на новиот министер и неговиот политички тим. Тие се цел само заради тоа што потпретседателот на СДС, се сомнева дека нема да ја злоупотребуваат службената положба и слепо да ги следат и извршуваат политичките нарачки на Бихаќка.

Таргет на потпретседателот на СДС се и сите професионалци кои работеа на докажување на криминалот на наркодилерите блиски до Заев и партискиот врв на СДС, што изминативе месеци беа откриени и заглавија во затвори за нелегална трговија со наркотици. Таргет на потпретседателот на СДС се сите професионалци кои учествуваа во акциите за докажување на криминалот на неговиот пријател и соработник Захир Бекири-Чауш, но и сите оние кои работеа на прибирање докази за санкционирање на изборната корупција на СДС почнувајќи од сомнителните исплати во Општина Струмица, па се до поткупите на гласачи со дрва во Куманово.

Таргет на потпретседателот на СДС се и професионалци кои храбро и бескомпромисно работеа и на случаи како Монструм, Планинска бура и Диво Насеље.

Почитувани,

Ова што сега се прави во Министерството за внатрешни работи е класичен контраудар на мафијата врз полицијата. Одмазда за сите реализирани акции. Главен инспиратор и реализатор на оваа одмазда на мафијата е потпретседателот на СДС Оливер Спасовски.

Тоа што СДС го прави во моментов е брутална партизација на полицијата. Надвор од сите законски норми, надвор од сите реформи се реализира партиска чистка и поставување на партиски послушници на сите раководни позиции.

Потпретседателот на СДС и неговите партиски послушници секојдневно се јавуваат и повикуваат вработени во МВР кои низ долгите години во службата, постепено ја граделе кариерата и стигнале до одредена позиција за да им нудат одредени пониски позиции. Понудата од СДС е земи или остави. Им нудат пониски места на кои би биле распоредени по сопствено барање.

Во спротивно, следат закани дека ќе бидат деградирани и дека ќе бидат  девалвирани и дека нема да може ниту судот да им помогне.

Ваквото однесување го гледавме и во периодот кога Спасовски ја извршуваше функцијата технички министер за внатрешни работи и само во рок од неколку месеци, разреши стотици професионалци во Министерството за внатрешни работи. За сметка на сменетите професионалци, позициите ги пополнуваше со партиски послушници унапредувајќи ги и по 7 скалила спротивно на системот на кариера. Така свои позиции си обезбедија и луѓе како сопругот на тогашната министерка за труд и социјала, Фросина Ременски.

Сиот хаос кој го креираше Оливер Спасовски резултираше со драстично намалување на активностите на Министерството за внатрешни работи.

Тоа што го прави Оливер Спасовски е целосно незаконски и е спротивно на Колективниот договор и Законот за внатрешни работи.

Формирањето на партиската полиција е целосно неприфатливо и ќе ја наруши безбедноста во државата. Министерството за внатрешни работи мора да одговори колку решенија се поделени изминатиов период и кои се причините за смени?

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите професионалци во полицијата да не подлегнуваат на политичките притисоци од страна на потпретседателот на СДС и правдата да ја бараат пред повисоките органи.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува и претставниците на меѓународната заедница кои го следат работењето на полицијата, навреме да реагираат и да не дозволат ситуацијата да излезе вон контрола.

На незаконското работење на Спасовски мора да му се стави крај пред да се предизвикаат посериозни последици.

17 јули, 2017 - 15:38