СЈО се става во заштита на криминалните дејствија на Заев и Верушевски

Интегрален текст од изјава за медиуми на Дафина Стојаноска

Почитувани,

СЈО е димна завеса за прикривање на сите антидржавни дејствија на СДС.

СЈО има за цел целосно да ја дефокусира јавноста од негативната политика на СДС и да создаде негативна слика кај граѓаните за ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери. СЈО во предизборниот период неосновано и правно неаргументирано ја напаѓаше ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи простор СДС и криминалците од врвот на таа партија да изгледаат прифатливи за јавноста, во ситуација во која сите политички ликови од ВМРО-ДПМНЕ неосновано ќе бидат оцрнети.

Токму затоа СЈО излегуваше на безброј драматични прес-конференции, во кои обвинуваа и најавуваа обвиненија кои се целосно неосновани, правно неаргументирани и без елементарни докази. Ефектот кој сакаа да го постигнат беше креирање на негативна слика во јавноста за ВМРО-ДПМНЕ, преку медиумите под контрола на СДС, кои во хор ги пренесуваа политички нарачаните пресови и најави за истраги на СЈО.

На сите граѓани на Република Македонија им е совршено јасно дека СЈО не постапува согласно Устав и закон, туку исклучиво врз база на политички нарачки. СЈО не ја постигна изворната цел на своето постоење, да утврди кој, како и зошто снимал во Република Македонија. СЈО ги ослободи од обвинение Заев и Верушевски, кои две ипол години ја држеа државата во заложништво и извршија низа криминални престапи. Сега се обидуваат да им го легализираат и криминалот што го направија. Незаконски следените, а потоа монтирани разговори под политички притисок сакаат да ги легализираат и да испратат порака дека Заев и Верушевски не може да бидат сопрени во хаосот што го креираат.

Смислата на постоење на СЈО се изгуби, СЈО се претвори во алатка за политички прогон на ВМРО-ДПМНЕ. Обвиненијата кои СЈО ги процесуираше немаат врска со правото и претставуваат политички монтирани процеси.

СЈО и сите прекршители на законите мотивирани или принудени од СДС, треба да знаат дека по враќањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидат ревидирани и исправени сите незаконски одлуки. Со враќањето на правната држава и демократијата во Република Македонија сите криминалци и прекршители на законот ќе одговараат. За криминалите и антидржавните дејствија кон државата и нејзините граѓани мора да има соодветни санкции.

13 август, 2017 - 10:58