Поднесуваме Интерпелација за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски

Интегрален текст од изјава за медиуми - Зоран Илиоски, Пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија

Почитувани,

Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ денес во Собранието на Република Македонија поднесуваме Интерпелација за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Како резултат на несериозноста, неодговорноста и некомпетентноста на министерот Љупчо Николовски, Република Македонија скоро еден месец е во пламен.

Во Република Македонија на целата нејзина територија се случуваат серија отворени пожари, односно опожарување на огромни површини високо стеблеста формирана шума со непроценливи последици од трајна загуба и деградирање на шумскиот појас, сериозни еколошки последици врз животната средина, уништување на приватната и јавната сопственост и доведување во животна опасност на жителите на опожарените региони и населени места.

До нас пратениците секојдневно стигнуваат информации за нови пожари, но и за продолжување односно никаква помош од институциите за пожарите кои долго веќе се активни и се излезени од контрола. Секојдневно сме сведоци на повиците за помош од државата и на маката која што ја трпат граѓаните во местата опфатени со пожарите и истите се оставени од страна на надлежните институции сами да се справуваат со оваа ситуација.

Сето ова не води кон еден заклучок дека периодот на појавата на шумските пожари и локациите на шумските пожари се намерно предизвикани од страна на актуелната власт сè со цел да се сврти вниманието на граѓаните на Република Македонија од погубните политики кои ги спроведува актуелната Влада во десегашниот период.

Министерот Љупчо Николовски како најодговорен за грижата и заштитата на шумите согласно Законот за шуми наместо извршување на овласувањата, задолженијата и обврските кои ги има министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство уште од самиот почеток на состојбата со масовната појава на отворени пожари покажа очигледна несериозност во пристапот за решавање на овој проблем. Николовски немајќи капацитет да се справи со настанатата ситуација на терен, дозволи состојбата да ескалира во граници кога е мошне тешко да се контроллира и истовремено штетите достигнаа до алармантно ниво.

Поради инертноста на министерот Николовски се создадени проблеми и во делот на  доставувањето на основни податоци и прецизни информации, со што е оневозможено да се донесуваат конкретни одлуки и да се изготвуваат оперативни планови за справување со огнената стихија. Исто така, Николовски не се потрудил да достави точни податоци за бројот на ангажираните сили, ниту за обемот на материјално-техничките средства како и евидентна е некоординираноста со останатите институции, како што е неприфатлива селективноста во одлучувањето за користење и упатување на копнените структури на критичните локации зафатени со активни пожари, како и одлучувањето за интервенција на воздухопловите.

Апсурдното однесување на министерот Николовски е до таа мера што му требаа 15 дена од појавата на пожарите на отворен простор и серијата од над 30  тековни активни пожари за конечно да ја преиспита и да предложи преиначување на Одлуката за ограничено, односно делумно во целосна забрана на движење во шумите.

Спорет тоа, со оглед на неговата работа односно неработа и некомпетентност како министер за земјоделство, шумарство и водостопанство се врзуваат серија од непромислени потези со што го прават недостоен за извршување на оваа одговорна функција.

Освен катастрофалната сосотојба во која што поради министерот Љупчо Николовски живеат граѓаните на Република Македонија од кога е стапен на функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Николовски не успеа да се справи и со други проблеми кои што секојдневно се појавуваат кај земјоделците.

Изостана неговото ангажирање во справувањето со проблемот со откупот на земјоделските производи, пред се на овошните производи праски и нектарини. Неговиот игнорантски и неодговорен однос кон проблемите со кои се соочуваат овоштарите нанесе огромни штети во овој сектор, подеднакви како кај секој индивидуален земјоделски производител. Наместо посветеност и непосредно ангажирање во извршување на задолженијата кои му припаѓаат на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и решавање на проблемот, тој се затскиваше зад паушалните и неприменливи одлуки на Владата на Република Македонија со издвојување на дополнителна субвенција од 6 денари за килограм откупени-предадени земјоделски производи во лиценцирани и овластени откупувачки центри во услови кога пазарот со овие производи е сведен на занемарливи количини. Исто така производителите на лубеници се соочија со истиот проблем, а Николовски  немаше никаков слух со што производителите пред целата македоска јавност беа принудени да ги фрлаат лубениците по улиците.

Како последица на неговата неподготвеност да ги разбере проблемите и да се соочи со нив, а најмалку да ги реши, нанесе голема штета и во полјоделството. До сега во македонското земјоделство не се случило да изостане разработена стратегија за организиран откуп на пченицата, овесот, јачменот и останатите житарици.

Паради сите овие катастрофални политики на министрот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, но и со цел да се спречат вакви ситуации во иднина поради неговата неспособност, ја поднесуваме оваа интерпелација, а Собранието на Република Македонија во расправата за интерпелацијата потребно е да отвори дебата во која на отворен начин ќе се дискутира и ќе се лоцира политичката и професионалната одговорност.

Ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија имаме обврска да ставиме крај на ова неколку месечно лудило кое што владее со катастрофалните пожари, но и на негрижата за земјоделците и игнорирањето на нивните проблеми.

Земјоделство претставува една од најбитните гранки во македонското општество и токму затоа ова министерство не смее да го води еден несериозен, некомпетентен и неискусен политичар кој што единствено се грижи за партиски вработувања во рамките на министерството.

Земјоделството и заштитата и грижата за шумите мора да се вратат на нивото на кое што беа пред Љупчо Николовски да стане министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

7 август, 2017 - 13:58