Интегрален текст од говорот на Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани делегати на 16-тиот вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ,

Почитуван кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ,

Почитувани гости,

Драги сопартијци, браќа и сестри,

Дами и господа,

Денеска сме собрани на овој конгрес на партијата, со кој ВМРО-ДПМНЕ го започнува новиот поход кон победата, кон новата победа и враќањето на власт во Република Македонија.

Тоа е она што ВМРО-ДПМНЕ го имаше цели 11 години, во кои успешно и со огромен напредок ја движеше Македонија, со бројни успеси резултати. Тоа е она што народот повторно ни го даде на последните парламентарни избори со победата над СДСМ пред една година, но за жал месец и половина подоцна ни беше неправично одземено, и беше погазена вољата на народот.

Жалам што конгресот се случува во вакви емотивни и невообичаени околности кога нашата партија е истовремено нападната однадвор, но и под внатрешен притисок и неразбирлива реакција од наши членови со кои до пред една недела делевме добро и зло и не слутевме дека по неколку дена нема да го препознаеме нивното однесување.

Јас сум водач на партијата цели 14 и пол години, во кои имавме 10 изборни победи по ред и еден пораз под околности кои беа далеку од регуларни. Во овие години на успеси и напредок, се вложив целиот и сето мое време, сила и енергија, за партијата и за државата, одкажувајки се од слободното време и од многу животни попријатни можности,  запоставувајки го семејството и моите деца, изложувајки се енормно на многу стресови, клевети, навреди, омаловажувања и непријатности, но останав цврст и стабилен и при најтешките удари, и тешко ми паѓа кога преку ноќ ќе видам вакво однесување на мои блиски соработници во ситуација кога, како и сите ние се наоѓаат под притисок. А ова е таков период. Интересно е што и во 2003-тата кога станав претседател во опозиција, најголем дел од блиските соработници оддеднаш се налутија, се раскараа и ја доведоа во незавидна ситуација партијата, па бев принуден излегувајки од таа битка како победник, да формирам нов тим со целосно неискусни но стабилни, храбри и одлучни луѓе за да дојдеме до успехот и победата. 

Се сеќавам кога во мај 2003тата на конгресот во Охрид, бев за прв пат избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. И тогаш бевме во опозиција, за многумина се личеше безнадежно, вклучувајки ме и мене како нов претседател. СДСМ исто како и денес, беше веќе 7 месеци на власт на која дојде со убедлива победа со речиси двојно повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Исто како и денес, ништо конретно не работеше во тие 7 месеци, освен што секојдневно апсеше членови и  функционери на ВМРО-ДПМНЕ, и секојдневно им фабрикуваше афери. За разлика од денес, предноста која тогаш анкетите ја покажуваа во нивна корист беше со соодност три и пол на еден во нивна корист, споредено со денес кога ако се тргнат ефектите од масовното поткупување на изборите, притисоците, уцените и заплашувањата, подршката е приближно на изедначено ниво. Економијата тонеше, слично како што тоне и денес. Реформи немаше, исто како што нема ни денес. Нови проекти, домашни или странски инвестиции немаше, само слушавме ветувања како ќе биде подобро, дека ќе влеземе во ЕУ и НАТО, а додека тоа го продаваа на народот, и додека сами себе се прикажуваа како чесни и големи борци против криминалот, паралелно корупцијата и криминалот завземаа димензии како во времето на деведесетите кога цели 6 години беа на власт и кога ги имавме легендарните шверцови на нафта со кршењето на ембаргото, ТАТ, итн. И денес е слично.Зборуваат секој ден дека ќе ја искоренат корупцијата и криминалот, а криминалот и корупцијата растат, токму потикнати од нив.

После почетната еуфорија и големи очекувања, кај народот беше почнала фазата на спласнување на еуфоријата на големи очекувања, а иселувањето од земјата се беше интензивирало. Исто како и денес. Ние како партија во тој момент сеуште не изгледавме како алтернатива на власта, и многумина мислеа, многу повеќе од денес, дека ВМРО-ДПМНЕ веќе никогаш нема да се врати на власт. Бркаа од работа во администарцијата, казнуваа и деградираа, се изживуваа со секојдневните апсења и ги шетаа луѓето со лисици за да ги понижат, притворот го беа претвориле во лична и партиска политичка одмазда но и средство за дефокусирање на секоја непопуларна мерка која ја воведуваа, со цел народот да не се занимава со качувањето на даноците, пoкачувањето на цената на струјата, невработеноста и сиромаштијата, ниту пак со безидејноста на новата власт, и не ни помислуваа дека со секој таков потег колку и краткорочно да им личеше дека им ја пролонгира неоснованата популарност, само го забрзуваше денот на нивното паѓање од власт и одење во длабока опозиција цели 11 години,… а ќе беше и подолго ако не добиеја несекојдневна помош поврзана со одкажување од националните интереси. Беа исто толку надувани, собендисани, арогантни и убедени во долго владеење, како и денес. На ВМРО-ДПМНЕ гледа како на завршена приказна, и партија со која можат да прават што сакаат, бидејки покрај  и судството и обвинителството беа целосно под нивна контрола, и мислеа дека се семоќни а народот само им е инструмент за манипулација за да ги одржува на власт. Се сеќавам како во централниот штаб никој многу малку луѓе влегуваа со месеци, беше како фирма во стечај. Луѓето беа исплашени до бескрај.

Еднаш пред влезот во зградата во Капиштец каде што живеев, сретнав еден мој соработник од министерството за финасии, и куртоазно го прашав како е, и како оди во министерството. Човекот за миг пребледе, погледна на лево, па на десно, па нагоре кон спратовите, па дури од како се обезбеди дека никој не го слуша, со шепотење ми кажа: Катастрофа! Ништо не се работи! Само млатење празна слама! Го одминав брзо за да не ми колабира од страв, ако случајно некој помине и го виде како разговара со мене, и повторно го констатирав она што веќе го знаев: кај СДСМ некои луѓе се менуваат, некои остануваат исти, ама матрицата не се менува. Доаѓањето на власт заради власт, безидејноста и неработењето, склоноста кон криминал и одмаздољубие кон политичкиот противник до најжестоки граници секогаш останува ист. Константа. Тоа беше период кога тие веруваа дека ако ги осудат и изпозатворат најголем дел од претходната власт, ќе нема кој да се погрижи за нивниот криминал. Да навистина многу луѓе од ВМРО-ДПМНЕ во тој период дадоа лична жртва со многу понижувања, губење на здравјето, и затворања, ама Бог се погрижи уште еднаш да покаже дека кога гневот и омразата го водат некого во животот, лошо завршува.

И има уште две големи сличности тогаш и денес.

И тогаш и сега, бевме опозиција во време кога СДСМ имаше контрола над најголем дел од медиумите. Би рекол тогаш и повеќе, бидејки имаше многу прес конференции на партијата, на која не ни доаѓаше ниту еден медиум или ќе дојдеше само еден или два, и често ниту еден медиум не ја пренесуваше таа прес конференција.

Второ, најмалку две, а можеби и три  години СДСМ неоправдано имаа сериозна би рекол и заштитничка  наклоност на меѓународниот фактор, заради тоа што завршуваа работа во тоа време со спроведување на ОРД, и се ценеше дека е добро да се штитат и да не се санкционираат од надворешниот фактор, бидејки се корисни во тој момент, додека се заврши работата што беше зацртана. Така е и денес. Еве ги, почнаа со договорот со источниот сосед, кого го прифатија без преговори и безпоговорно, сега се фокусираат на договорот со јужниот сосед, а наскоро се спремаат да го направат она што пред 7 месеци целата јавност ја убедуваа дека нема шанса тоа да го направат, а тоа е да донесат неуставен закон со кој ќе се воведе двојазичност во Македонија.

И така забревтани, неосновано самоуверени, арогантни, гледајки од висина кон нас, дремеа по кафани и пребројуваа тендери, се ситеа на секој уапсен и понижен вмровец, се тепаа за поголема власт во нивните редови, а економијата тонеше, народот осиромашуваше и се помалку се надеваше на оние за кои гласаа масовно на изборите во 2002рата верувајки во нивната приказна со која прилично убедливо ветуваа многу подобар живот, правда и еднаквост. Во тој момент, не ни сонуваа дека за само 10 месеци ќе мораат со помош на албанскиот коалиционен партнер во владата да ги фалсификуваат претседателските избори за да не им се случи крах, не ни сонуваа дека за плус уште една година подоцна ќе загубат на локалните избори, и дека уште за една година народот на клоци ќе ги исфрли од власта и ќе го врати енергетизираното ВМРО-ДПМНЕ, и тоа цели 11 години, за да мора потоа однадвор некој да ги враќа на власт, оти сами со својата неспособност уште долго немаше да ја вратат довербата на народот.

Почитувани делегати, почитувани гости, драги пријатели,

На позицијата претеседател на ВМРО-ДПМНЕ дојдов одкако го напуштив банкарскиот сектор и брокерската работа, и 4 години посветив по 15 часа во министерството за трговија, една година, и уште три во министерството за финасии со бројни капитални проекти зад мене, како денационализацијата, воведувањето на ДДВто и фискалните сметки, реформата на платниот промет, враќањето на старите заробени девизи, либерлизацијата на надворешната и внатрешната трговија, и редица други успешни и капитални проекти кои до ден денес се памтат, и за кои бев поканет и во соседна Србија како консултант на проект подржан од УСАИД, да помогнам во зајакнувањето на капацитетите на српското министерство за финасии, каде многу помогнав во реализација на дел реформите од овој тип. Искуството од владата и од позицијата претседател на комисијата за харти од вредност ми беа не само од голема корист, туку и подоцна одлична препорака за гласачите за тоа како работам, колку сум посветен, колку држам до дадениот збор и каков е мојот однос кон оние кои ми ја дале довербата.

Иако мојот план пред влегување во политиката беше да не се задржам подолго од 4-5 години бидејки имав други животни и работни планови, во еден таков момент, во една таква ситуација, во едни такви сложени околности во партијата и во државата, кога почуствував дека сум потребен и на ВМРО-ДПМНЕ, и пред се на Македонија, ја прифатив понудата на Георгиевски и го прифатив предизвикот да ги ставам моите најубави години од младоста во служба на партијата, народот и државата, да бидам новиот  водач на ВМРО, предложен токму од мојот претходник на оваа позиција Љубчо Георгиевски, на кого и покрај подоцнежните несогласувања, политички разлики и споротиставености, му се заблагодарувам за укажаната доверба и подршка, и со кого успеав по еден неколку годишен прекин да ги обновам и до ден денес да ги задржам пријателските релации и повремени средби, при што дел од политичките разлики останаа, но остана и човечкиот, партискиот и личниот однос и комуникација.

По прифаќањето на челната позиција во партијата, следуваа тешки три години на ново докажување, деноноќна работа, внтрепартиски превирања, ниски удари, и крупни предизвици, низ кои поминавме, еден трнлив пат до победата во 2006тата на кој секогаш ќе се сеќавам. Всушност тие први три години како водач на ВМРО, и последните три беа најтешките во 14 и пол годишното водење на партијата. Не по број на работни саати и решавање на проблеми, туку по т.н. византиски игри, подли, валкани и нечесни игри со кои бев принуден да се справувавам, поле на кое не се чуствувам на свој терен. Мојот долгогодишен соработник и еден од најбриљантните умови на македонската политичка сцена, Мартин Протогер, кој освен што добро ги познава сите задкулисни игри од тој  почетен период, уште подобро ги знае истите такви од последниот период, и особено последните неколку месеци, пред некој ден ми кажа како на некој пријател му рекол за мене, цитирам: човекот го започна мандатот во партијата со нож во грб, и го завршува со нож во грб. Го корегирав, и му реков, дека не е во право, и дека, го завршувам не со еден, туку со повеќе, и не ножеви, туку ножиња во грб. Таков е животот и особено политиката. Но, денес нема да зборувам, ниту за ножот, ниту за ножињата, тоа е приказна за други времиња и прилики, или можеби приказна која треба да остане само во мене и неколкумина околу мене засекогаш, кои беа сведоци на сите познати и повеќе непознати случувања во партијата, затоа што денес, како никогаш досега ни е потребно единство, кое ќе ги стави настрана сите негативни работи, единство кое ќе не обедини и однесе во победа, единство кое преку враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, ќе ја врати и посветеноста, работата, грижата и одговорното и отчетно работење во Македонија на една власт, ќе ги врати инвестициите, новите работни места, зголемувањето на стандардот, градбата на крупни инфраструктурни проекти, зголемувањето на животниот стандард, решавањето на многу проблеми со кои се соочуваат граѓаните, наместо сегашната хипокризија, и поигрување со интелегенцијата на народот и неговата доверба.

Сепак, ќе останат да ми ѕунат засекогаш зборовите на едни странски врвни експерти во политички кампањи кои ни помагаа во последната изборна кампања, и кои ден по првиот круг на локалните избори дојдоа кај мене да ми го кажат нивното видување на изборниот процес и кои при крајот на кратката елаборација ми рекоа: господине претседателе, една работа сакаме да ви ја кажеме лично која не е пријатна, а тоа е дека додека синоќа доаѓаа изборните резултати кои беа неповолни, во салата за состаноци Тодор Александров во која бевме триесетина луѓе, ваши најблиски соработници, гледавме тага на лицата на многумина од нив, но бевме изненадени што кај еден дел од вашите најблсики соработници видовме среќни лица, среќа која неможеа да ја сокријат. Навистина, драги мои сопартијци, еден дел од моите соработници, и тоа луѓе кои добија многу, пред се доверба и шанси, функции и големи привилегии и почести,  во последните месеци неможам да ги препознаам. Но успеав тоа да го задржам длабоко во мене, да ја задржам присебноста и смиреноста, длабоко да се кршам во себе и да оставам сами да се заплеткаат и пропаднат во гробот кој го копаат за друг или во сплетките, дворските игри, лицемерието, дволичноста, неискреноста, алчноста, интригите и предавствата кои ги прават за друг. И така и ќе биде. Исто како низ историјата на ВМРО и Македонија. 

Но, за среќа, во ВМРО-ДПМНЕ има многу силни личности, честити луѓе, луѓе со висок морал и капацитет, луѓе кои искрено ја сакаат оваа земја и нејзиниот напредок, и луѓе кои имаат чиста совест, јасна мисла, многу енергија и силни морални вредности. И тие се силата заедно со новите освежувања кои сигурно ќе дојдат, сила која ќе ги надмине предизвиците и ќе ја исправат неправдата која ни се нанесе.     

Почитувани делегати и драги гости,

Начинот на кој успеа ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт во тие тешки времиња со многу работа, многу упорност, истрајност и верба, со многу скромни финасикси средства, но со идеја и визија, со мал, релативно неафирмиран, со чест на исклучоците,  но високо мотивиран тим, со искрен пристап кон граѓаните, објаснување и убедување во исправноста на своите политики, со грижа за својот народ и заштитнички настроена кон националните и државните интереси, со добра комуникација со прествниците на меѓународната заедница, градење пријателства и нови коалициски релации и пред се многу работа, може да е и начин на кој повторно партијата ќе се врати на власт.

Народот не очекува да види безгрешни луѓе во партиите. Ниту идеални. Сите знаеме дека супермен е измислен лик. Народот, гласачите пред се очекуваат да видат во поединците во раководството пред се луѓе, човек, човечност, чесен пристап, искрен и отворен човек, стабилен и сериозен, и пред се со јасна визија и воља да направи нешто за сите. Човек кој може и да згреши и да се поправи, човек кој може да има лош ден, но и човек кој знае каде оди и што планира, и тоа да е чисто, а не матно и со задаскриени планови.  Ако луѓето во новото раководство ова го разберат, враќњето на власт е сигурно и тоа брзо.

За разлика од пред 15 години денес е време на социјалните мрежи и кај некои политичари тоа има многу влијание. Сакам да им порачам дека ќе мораат да издржат тешки напади и обвинувања, многу често неправедни и да не влегуваат во конфликти, но и да не останат без одговор и објаснување. Голем дел одлуѓето се водат од емоции, а ФБ на приемeр е еден вид медиум во рацете на секој човек. Најголем дел од луѓето водени од емоциите, без доволен број информации и често без целосна анализа знаат да изградат став, често многу критичен,  дури и навредлив, да доболи, често и до коска. Утредента може нема да мислат исто, особено ако добијат дополнителна информација или анализа, или самите изградат своја анализа, но во моментот може многу да боли неправдата, неоснованото обвинување, оцрнување или невистина. Треба да се издржи, да се објаснува и да не се скршнува од патот кој претходно е зацртан. Секако ако е зацртан по детално анализирање од секој агол и добропромислено. Многу политичари денес почнаа да водат политика, која јас ја нарекувам ,,фејбук политика,,. Тоа е поведување по емоциите на масата народ, која често е недоволно информирана и гневна, и која едно збори кога е налутена и емотивна, а друго може да мисли кога трезвено ќе размисли. Затоа, потребно е внимателно градење на политиките но и да се опстои на нив пред дневните напади од разни страни. Со објаснување и информирање, а не со секојдневно менување на ставот согласно дневното расположение или наметнат тренд на фејсбук. Да не заборавиме дека денес во политиката многумина ги користат социјалните мрежи и за политички цели, и не секогаш бранот расположение е спонтано создаден. Затоа да не заборавиме на стабилноста, која е прв знак на сериозност кај еден политичар.

ВМРО-ДПМНЕ денес е најсилниот бренд во Македонија. Не постои посилен бренд. Тоа е резулат на многу работа и многу успеси, а успехот е резултат на големброј исправно донесени одлуки. Тој бренд, тој политички капитал, најпрвин инвестирале и го создавале со својат крв и живот илјадници наши предци низ историјата, од Христо Татарчев, Даме и Гоце, преку Сарафов, ПереТошев, Петар Поп Арсов, Сандански, Русински, Сугарев, Чакаларов, Лазар Поп Трајков, Пандо Кљашев, Атанас Лозанчев, Христо Узунов, Христо Матов, Ефтим Чучков, Чернопеев, Ѓорче Петров, преку Тодор Александров, Петар Чаулев, Протогеров, Панчо Михајлов Чавдар, Мише Развигоров, Влахов, Димо Хаџи Димов, Павел Шатев, и илјадниците други соборци,   не само во оние 41 година славна историја, туку и подоцна нивните следбеници на идејата и борци за независна Македонија, особено во времето на комунистичкиот режим како Ченто, и повторно Шатев, Панко Брашнаров, Драган Богдановски, Ѓорѓи Доцев, Шишков и огромен број други репресирани и убивани,  па потоа оснивачите и раководствата на  современата наша партијата во време од 13 години кога ја водеше Љубчо Георгиевски а во чии дел учествував и јас, како и раководствата на партијата во време од 14 и пол години кога јас ја водев партијата, тој мега бренд, денес ќе го предадам во рацете на нов претседател.

Под тој бренд во последното 12 и пол годишно владеење на локално ниво и 11 годишното владеење на државно ниво се направија крупни промени и подобрувања, реформи и решавања на проблеми на народот, се отворија 173 илјади нови работни места, се намали невработеноста од околу 38 осто на околу 22 осто, се донесоа крупни инвеститори и мултинационални компании кои и во наредните 4-5 години ќе имаат клучно влијание во намалувањето на невработеноста затоа што имаат 5 годишни развојни планови и договори за продажба, заради кои секоја година ќе бараат нови работници и инжињери.

Комплетно се смени и силно зајакна инвестициската клима и услови за правење бизнис во Македoнија. Македонија во повеќе години беше прогласувана во групата на ТОП реформатори од страна на светската банка, која од 94та, по 11 години напорна работа не вброи во првите 10 земји во светот и првите 5 земји во Европа, според добрите услови за правење бизнис, станавме држава со најниски даноци на светот и најниска ефективна даночна стапка, извозот се удвои, туризмот се удвои, и се достигна највисоката стапка на раст во историјата на Македонија, а тоа е 6,1 осто раст во2007мата, се изградија и реконструираа стотици километри автопатишта, експресни, регионални и локални патишта, улици и булевари, водоводи и канализациски мрежи- како никогаш претходно во историјата на Македонија, се изградија аеродроми, железници, гасоводи, хидроцентрали, стотици училишта, факултети и универзитети, градинки, болници, амбуланти, објекти на државната управа,

Под овој бренд се изработи визната либерализација за граѓаните на Македонија, се добија 7 последователни извештаjи на ЕК  со препорака до ЕС за почнување на преговорите, се исполнија сите услови за влез во НАТО уште во 2008мата, се реши прашањето за демаркација со Косово. Се направија крупни реформи во образованието, се отворија многу нови универзитети и факултети, се воведоа бесплатни учебници за сите ученици, се набавија компјутери за сите ученици, се модернизираа наставните програми со Кембриџ учебниците, се овозможи студирање во странство со целосна државна помош на сите кои се запишуваа на најнапредните 100 или 200 универзитетио светот , се спроведоа крупни реформи во здравството, од воведувањето на ДРГ до мој термин, во 10 наврати се намалија цените на лековите, и се направија крупни заштеди на средства со групните набавки и паралелниот увоз,  се даде најголемата финасиска  подршка на земјоделците во историјата на овој народ, и на илјадници семејства им се овозможи земја за земјоделски работи, се легализираа дивите градби, за симболични износи се откупија дворовите, се овозможија ниски давачки за увоз на автомобили, се изградија капитални објекти во културата, театри, музеи, филхармонија, библиотеки, археоплогија, десетици нови можности од областа на социјалната заштита и работните односи, се зголемуваа и во најкризни години плати, пензии, социјални помошти, субвенции растеше стандардот на населението.

Под овој бренд се создаде а потоа се направи и најдобар централен регистер во Европа и еден од надобрите катастри, се направија крупни исчекори и реформи во админситарцијата, судството, медиумската сфера, зајакнување на демократијата, човековите права, изборните закони.

Под овој бренд се извојуваа многу битки за националните и државни интереси на Македонија, во прв ред за уставното име и идентитот, и заради тоа се претрпеа многу удари, клевети, навреди, местенки, а еве на крајот и тешки и сериозни политички прогони и хајки на стотици луѓе од партијата, апсења, фабрикувани истраги и обвиненија, монтирани судски процеси, непреспиени ноќи.

Всушност причината за спроведената операција за промена на владата, е токму тоа, отпорот на ВМРО-ДПМНЕ кон налетите за промена на името и идентитот по терк на јужниот сосед, а со цел остранување на пречката за побрзо заокружување на геостратешкиот план за членство на Македонија во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ, што како цели и намера, беа и сеуште се и цели и намера и на ВМРО-ДПМНЕ, но ние сакавме тоа да биде со фер компромис и решение за името, а не со диктат. Затоа се направи преврт и се донесе СДСМ која има ветено дека по секоја цена ќе го реши ова прашање.

Пред некој ден во разговор со повеќемина, поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски шеговито направи една компарација и илустрација, при што потсети дека низ годините научил да ги дешифрира пораките на министрите за надворешни работи, па вели кога сегашниот МНР на Македонија на прес конференција со колегата од Грција вели ,,се надевам дека ќе ја препознаете новата можност,, тоа може сликовито да се илустрира со еден пример од типот, како кога студент во студенски дом влегува во собата на своја колешка која е комплетно соблeчена и подготвено го очекува, и му вели: се надевам дека ќе ја препознаете новата можност.  Тоа е отприлика моменталната понуда на Република Македонија. Но за жал колку и овој шеговит пример да засмејува, станува збор за крупен национален интерес и на тоа мора да се гледа сериозно.

По сите успеси кои направивме, по сите победи и резултати, ВМРО-ДПМНЕ кое цврсто застана во заштита на националните и државни интереси неминовно беше да биде под напад за да се ослабне и сруши од власт. Се започна силна негативна кампања против мене со цел да ме прикажат како корумпиран монструм, но тоа само времено фрла сенка на позитивните резултати од моето владеење. Се фрли многу прашина, за да се заматат делата и чесниот пристап кон работа и народот, но кога прашината ќе легне, делата ќе останат, и кога негативната кампања ќе застане, ќе останат 173те илјади новоотворени работни места, зголемените пензии, субвенции, изградената инфраструктура, проектот Скопје 2014та и многу други работи.

Ова време многу ме асоцира на времето и состојбите во кое се наоѓал Тодор Александров во месеците пред да биде убиен во 1924 година, и состојбата во која тој бил тогаш, иако се е во сосема различен контекст.

Имено, Александров во месеците пред да биде убиен се наоѓа во исклучително тешка и безизлезна ситуација. Од една страна бугарската влада која претходно го подржувала му дава дознание дека заради притисокот од надвор е под притисок да го уапси, и му дава сигнал дека треба да си замине од нејзината територија ако сака да го збегне тоа. Тоа е време кога околните држави особено Србија и Грција имаат издадено потeрница со парична награда за кој ќе го убие, и неколку пати го зголемувала износот на таа потерница. Паралелно на тоа, иако посилен сепак го исцрпуваат честите директни вооружени пресметки со левицата предводена од Влахов. Се обидел да добие помош од Англија, но било безуспешно. Се обидел да се сретне со американскиот амбасадор во Софија но тој не прифатил, а дознал и дека истиот искоментирал: не сaкам да имам ништо со тој бандит. Истовремено неговиот соработник од ЦК Чаулев соработува со СССР, во тоа време многу значаен фактор на балаканот и во Европа, а Протогеров веќе коментирал дека кај и да е СССР, ќе ја врати силата што ја имаше царска Русија и треба да се соработува со нив иако биле идеолошки и класни непријатели. Самиот Александров е антикомунист и несакал да соработува со СССР. Но согледувајки дека ВМРО на Александров е најсилната револуционерна организација на балканот и во Европа во тоа време, и согледувајки ја неговата ситуација агент на СССР решава да му пристапи. СССР во тоа време се во идеолшки филм за во што поголем број земји да се воспостави комунистички режим. Тие сметале дека социјализмот во СССР не може да се третира како успех, и дека тоа може да е само иницијална каписла за негово ширење во цела Европа а потоа и во цел свет, и биле посветени на тоа. Нив не ги интересирало толку нацијата и националното, туку класното, и биле подготвени се да ветат, па и да реализираат доколку се прифати социјалистички поредок. Тие за први земји каде сметале дека можат да усеат со социјалистичка револуција  ги таргетирале Германија на западот и Бугарија на истокот. За Бугарија им бил важен Александров и ВМРО. Тие биле во непосредна и тесна соработка со левицата на Влахов, но тие биле на теренот далеку послаби од десницата на Александров, и нивниот антагонизам бил огромен, што секојдневно се убивале меѓусебе. Проучиле дека нему му е најважно да добие автономија на Македонија. Проучиле дека на балканот во тоа време под автонимија се подразбирало независност, но бидејки во светски размери не се подразбирало тоа, отцениле дека не треба да му нудат нешто што не бара. Па така направиле план кој му го понудиле со услови, во ситуација кога нему сите патишта му се затворени.

Тие нему да му помогнат да добие автонимија на Македонија(цела геогравска област Македонија), а тој ним да им помогне да се сруши владата во Софија и да се помогне во воспоставување на комунистичка влада. Но поставиле услови, дека за да му помогнат мора да се обедини со левицата на Влахов, заради што и доаѓа до преговорите во Виена. Исто така барале тоа обединување да се формализира, со тоа што најпрвин ќе се распушти ЦК на ВМРО кој броел тројца луѓе, и ќе се создаде нов, каде по еден член ќе делегира Александров и Влахов, а еден ќе предложат тие. Тука во старт нивните поблиски левичари биле во предност. Второ, побарале потоа новото раководство да биде осист број на членови од двете организации, што во старт е лошо за Алексанров бидејки неговата ВМРО е несразмено послина од онаа на Влахов. Всушност идејата на СССР е постепено да му ја превземат партијата. На Александров горе долу му е јасна состојбата но нема излез, опколен е од сите страни. Преговорите во виена почнале во април и завршиле на 6 ти мај, под тешки услови за него. Од друга страна неговиот секретар во тоа време Ванчо Михајлов бил соработниk на владата во Софија а бил во тек со разговорите. Неколку дена пред потпишувањето Александров рекол дека не се чуствува безбеден и мора да замине, но го овластил Протогеров во негово име да го потпише манифестото со еден услов тој да не се објавува најмалку 2 месеци време во кое Александров рекол му треба за да ја подготви јавноста и членството кое било силно антагонизирано со левицата на Влахов и против комунистите. Отаму заминал во Англија, веројатно во уште еден обид од таму да добие некаква подршка, но било безуспешно. Протогеров го  потпишал манифестот за обединување на 6ти мај, подкрајно лоши околности за Александров. Наместо за 2 месеци, по сигнал на СССР Влахов документот го објавил за 2 недели и тој предизвикал политички земјотрес во органзацијата. Од немајкаде Александров го отфрлил и негирал документот, но веќе во тој момент дури 4 страни се заинтересиран и за негова ликвидација: 1. Бугарската влада, 2, Српската, Грчката и другите кои го барале со потерница, 3. Коминтерната на СССР, и 4. Самиот Ванчо Михајлов, неговиот секретар. Англија и Аерика не сакаат да соработуваат со него.  Како што вели онаа народната:од сите страни Ѓорѓи сардинсан. Истото лето на 31 август е убиен, и не се знае неговиот нарачател, но сите 4 имале мотиви тој да не е е веќе меѓу живите. Со неговата смрт и доаѓањето на Ванчо Mихајлов се цени дека завршува периодот кога ВМРО носи независни одлуки за своето делување.)

Дами и господа,

Дозволете да испратам неколку пораки до кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ:

1.Жалам што е само еден кандидат, и што останатите потенцијални кандидати чии имиња се спомнуваа низ медиумите не се кандидираа. Тоа ќе дадеше поголема тежина на избраниот кандидат, без да се навраќам на деталите околу ова кои беа актуелни деновиве, ќе кажам дека кој и од нив да победеше, доколку добиеше рамен терен за битка, без вмешување однадвор, ќе беше сигурен победник на следните парламентарни избори во Макеоднија. Сите тие се луѓе со висок капацитет и искуство, неспоредливо над актуелниот поставен марионетски премиер.

2.Сепак честитајки му на храброста, мотивираноста и одлучноста на кандидатот за претседател на партијата сакам да го потсетам дека тој е кандидат за претседател на Внатрешната Макеоднска Револуционерна Организација- Демократска Партија за Македонско Национално Единство. Тоа е голема чест но и голема обврска.

Тој треба да знае, дека не само заради историјата, туку и заради очекувањата на членството и граѓаните, а пред се македонскиот народ, од него се очекува да има посебен заштитнички однос кон прашањата од национален и државен интерес. Од СДСМ тоа не се очекува, но од ВМРО сите го очекуваат тоа, и ако и двете партии изневерат, последиците ќе бидат на најмногу на ВМРО, можеби минимално на СДСМ, а пред се над Македонија. Впрочем, една од основните причини зошто е создадена ВМРО-ДПМНЕ е заштита на македонските национални интересии, интересите на сите граѓани како и нашата држава Република Македонија. Се дека се очекува токму ВМРО да го чува грбот на Македонија при решение за името. Да помогне на државата, дури и на СДС за што подобро решение, но евентуалното вклучување на ВМРО не смее да е само шминка и да се истера некое решение кое е крајно неповолно.

И уште нешто: иако ме обвинуваат дека имало некаково пазарење, потсетувам дека јас 11 години ја водев владата и немало никогаш никаков пазар.

И да не заборави дека партијата постои заради државата и нацијата, а не обратно. Или со други зборови:  државата пред се.

3.Доколку биде избран денес од делегатите на конгресот, од него членството очекува победа и враќање на власт на следните парламентарни избори во Македонија. Тоа е главниот таргет: победа на парламентарните избори и формирање влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме ВМРО-ДПМНЕ и како опозиција треба да внимава на државните интереси. Сега во медиумите се актуелни дебати околу реформите за кои само се говори а ништо не се прави од страна на власта. ВМРО-ДПМНЕ треба да помогне и да ги подржи реформските процеси, ако воопшто започнат и ако се суштински.

4.ВМРО историски од секогаш била прозападно ориентирана, освен некои маргинални левичарски структури на организацијата кои класно во 20тиот век се определувале кон комунизмот. Цело време ориентираноста е кон запад освен во 1924 од тактички причини кон СССР. Од секогаш ВМРО гледала на помош од запад.

Денес кога ја имаме таа независноста треба да ја штитиме, но стратешката ориентација секогаш била и треба да остане кон западот, членството во НАТО, ЕУ и стратешкото партнерство со САД, независно што за некои нивни чекори во изминатите години се создаваше чуство на неправда кон ВМРО и Македонија. Таквите работи треба да се решавата низ дијалог со нив, лобирање и дебата, повторно и упорно,  но не и со промена на стратешката определба на партијата и државата.

5.Во моментот ВМРО-ДПМНЕ е единствената од поголемите партии која носи независни одлуки за важните прашања, за себе како партија и за државата. Сите други партии одат во туѓи преставништва за да прашаат каков став да имаат. Јасно е дека ние сме мала земја, и невозможно е да нема влијание од големите сили, но треба да се тежнее независноста да се задржи. Во историската ВМРО, се до убиството на Тодор Александров, ВМРО носи независни одлуки. Тоа незначи дека никој немал влијание на нив, но, одлките на крајот ги носеле тие по свое убедување, а не некој друг за нив. По неговото убиство, се менуваат работите. Важно е ВМРО-ДПМНЕ да остане партија која ќе продолжи независно да ги носи одлуките.

6.Секое ново раководство носи и некои нови политики. Нормално е и ова ново раководство да има промени на некои политики од претходното, но тоа мора да биде во идеолошките рамки на партијата. Она што партијата ја прави партија е идологијата. Таа е арматура на партијата, и штити од рушење на партијата кога ќе дојде земјотрес, а ние сме трусно порачје. Партија без идеологија е акционерско друштво, кое во првата криза ќе се распадне. Оваа партија поминала низ многу кризи, но она што во тие кризи ја одржало е иделогијата, таа арматура која држи и го зачувува јадрото од кое подоцна блеснува како феникс и повторно се издигнува. Не заборавајте го ова.

ВМРО-ДПМНЕ може да форира и своја нова доктрина, која ќе се адаптира на современото време, но да внимава да не ја загуби физиономијата на десницата, да се советува со десните партии и да воведе модерни трендови од Европа и од САД.

Покрај некои нови политики, секое ново раководство носи и нови луѓе. Тоа треба да се разбере и подржи. Јас тоа ќе го почитувам, и ќе дадам се од себе да не се мешам и да не ја опструирам работата на новото раководство. Не сакам да го правам тоа некому, што не сакав да ми го прават мене.

Ако јас после толку години на чело на партијата и толку многу успеси под мое водство можам да направам чекор назад, тогаш очекувам и сите други кои досега биле дел од раководствата, а нема да се најдат во новото да го следат тој пример. Заедничка цел на сите треба да ни е победата на парламентарните избори и враќањето на власт, заради напредок на Македонија и подобар живот за сите. А не личните функции во даден временски период.

7.Јасно е дека значаеен предизвик на партијата ќе биде зајакнување на односите, соработката, довербата и комуникацијата со преставниците на меѓународната заедница. Во тој поглед треба да се охрабри новото раководство.

8.Треба сите да сме свесни дека една од слабостите на досегашното раководство беше исклучително лошата и погрешна перцепција на партијата кај албанците во Македонија. Новото раководство треба да напрви анализа каде погрешивме или направивме превид ние што дозволивме да до тој степен се   перцепција кај aлбанското население. Тоа треба да се исправи, особено затоа што непостојат фундаментални причини за тоа. Историски гледно ВМРО имала одлична соработка со албанците во Македонија. Нема причина тоа не е така и во иднина.

9.Кажавме јавно дека на последните локални избори имаше масовен поткуп подржан од полицијата, многу притисоци, закани, уцени и заплашувања. И заради тоа ВМРО-ДПМНЕ не ги призна изборите, тие се едни од најнедемократските избори во Македонија. Кажавме и дека дел од нашето членство беше разочарано од раководството на партијата и заради тоа не гласаше.

Пред два дена централниот комитет го усвои извештајот на работната група за анализа на изборите. Таму се внесени уште поголем број грешки и пропусти на сите, од мене како претседател и ИК, па надолу до ОК, МК и КИМ овите. Од кадровски одлуки па до грешки во политиките или органзиациско оперативни пропусти. Тој извештај ќе биде од голема корист за новото раководство, уште повеќе што и кандидатот за претседател на партијата беше дел од работната група.

Сепак, морам да издвојам една работа која мора да биде кажана, колку и да боли. И во моите средби со кандидатите за градоначалници, и оние кои победија и оние кои загубија, и во моите средби со претседателите на ОК, и на средбата со група ветерани на партијата, и во писмените матерјали кои пристигнаа од цела Македонија за целите на оваа нализа, провејуваше, да не речам и доминираше зборот ПРЕДАСТВО. Чуството и информациите од сите страни беше дека по подолг временски период, голем број наши функционери, на различни нивоа, од различни мотиви и цели, извршија класично предавство на партијата, и тоа има значаен удел во крајниот резултат. Велам од некои, се разбира не сите, но некои претседатели или членови на МК, претседатели или членови на ОК, поранешни и сегашни државни или партиски функционери, активисти со задача, набљудувачи, итн заради различни причини направија предаство на партиските интереси. Некои тоа го направија заради влошени односи со кандидатите за градоначалници, и сакајки ним да им наштетат, тие и наштетија на партијата,... некои затоа што не биле избрани за кандидати на листи или за градоначалник, некои заради остварување на некој личен интерес од новата власт, некои заради пари и поткуп, некои заради страв да не бидат казнети или избракани од работа, некои заради некоја лутина кон некој претседател на МК, или затоа што му биле звршени 5 работи, ама не му била завршена 6тата која ја замислил, некои заради пазарење за вработување или нешто слично со СДСМ, што во 99 осто случаи нема да се оствари и слични работи, но, крајниот исход е предаство на партијата од голем број поединци на значајни позиции. Се знае точно се, сите и секаде. Со име и презиме. Јасно е ако претседател на МК свикал прв состанок на МК дури на 7миот ден од кампањата, дека станува збор за свесна пасивизација, а уште повеќе ако другите претседатели на МК кажат какви понуди или закани добиле и ги одбиле за и тие да се пасивизираат.

Многу интерни податоци и списоци со информации се најдоа во рацете на нашиот политички противник. Како никогаш до сега. И тоа не е случајно. Откривме и дека СДСМ имале операција со кодно име ВМРО, со претходно добиени списоци на наши членови и функционери по разни основи, и истите биле посетувани во три фази, од јуни до октомври.  Ваква провала се случува прв пат во последните 15 години.

Новиот претседател и новото раководство несмее да го игнорира ова. Ден порано, треба да превземе енергични мерки за казни и остранување на лицата кои постапиле несоодветно. Ако не го направи тоа, ќе се повтори истото на наредните избори и може пак да ги загубиме. Кој еднаш вака направил, пак ќе направи. Потребно е добро да се проверат сите факти и информации за некој да не настрада по грешка, но потоа треба да се делува без двоумење и одлучно. Исто така потребна е замена на демотивираните и опуштените со мотивирани членови на раководни партиски места.

10.ВМРО-ДПМНЕ е нападната. Таа мора да се бори за своја заштита но и заштита на секој член кој неправедно и тенденциозно е обвинет и е под политички прогон, независно дали е обичен член или функционер. Новиот претседател треба да знае, дека ако не се бори за своите членови и активисти кога тие се нападнати заради нивната партиска и национална борба, дека другите ќе се плашат да бидат активни и партијата ќе слабее.

Тепањето во парламентот од одредени поединци поведени од емоции и патриотски чуства на 27ми април беше голема грешка, иако беше директно и обмислено испровоцирано од владејачките партии и нивните позадински подржувачи. Не случајно јас таа ноќ имав толку остра прес конференција. Знаев што следува, знаев дека прстот ќе се впери кон ВМРО, и дека со тој чин ќе се создаде перцепција во која најголем губитник ќе биде токму ВМРО-ДПМНЕ, и се разбира граѓаните кои наседнаа на стапицата. Жалам што некои од нашите подржувачи ги погоди тоа мое обраќање, но некој мораше да истури кофа со ладна вода, и да ја каже вистината во тој момент колку и тоа да изгледаше брутално и безчуствително. Сите ние ги подржувавме мирните протести на еден или на друг начин, тие беа од корист за Македонија, тие беа оправдани, и со патриотски карактер, а не шовинистички, но кога толпата луѓе ќе почне самата да води политика водена од емоции, се прават кардинални грешки. Затоа постојат водачи и тие треба да се следат од толпата а не таа по емоции да крои политика.

Но, сега сме сведоци на политичка осветољубивост од невидени размери, и кон тие кои тепале со давање на несоодветни квалификации за тероризам или обид за убиство, и кон тие кои никого неповредиле. Основната цел на оваа операција, и на дејствувањето на СЈО, на ОЈО и полицијата е слабеење на ВМРО-ДПМНЕ и негово ослабнување, а со тоа и намалување на влијанието на партијата. Крајната цел, всушност е разбивање, поделба или силно ослбанување на ВМРО со цел кршење на националниот дух на македонците и намалување на национлниот елемент и заштита во политичкиот живот во Македонија. Создавање држава на граѓани а не на макеонски народ и на делови од други народи како што стои во уставот. Тоа ќе значи постепено исчезнување на македонската нација, бидејки македонците како нација немаат втора држава. Затоа овие напади и хајки, политичко судски прогони, кои досега се против над 170 луѓе, и веројатно ќе расте на над 250 треба да се свати многу сериозно, а не како проблем на индивидуалци.

Потребно е национално помирување. Потребен е закон за амнестија, простување и помирување. Само така земјата може да оди напред, и да стави крај на политичките освети и реваншизмите. Големите политичари така се однесуваат во вакви моменти.Треба и Заев и СДСМ да го научи ова, со целосно сочуство кон неговата болка и стрес од немилиот настан на 27ми април.Треба и ДУИ да го знае тоа, затоа што амнестијата кон нив беше за многу потешки дела.

Треба СДСМ да постапи како што во овие 27 години независност дури 4 пати постапуваше ВМРО-ДПМНЕ.

Како што тоа го направи ВМРО-ДПМНЕ во 1991 година кога доминираше во експертската влада на Кљусев, и не премина кон казнување на ист начин кон луѓето на комунистичкиот режим чии наследник е партијата СДСМ, кои 45 години стрелаа без судења, апсеа, мачеа и убиваа вмровци кои се спротиставуваа на комунистичкиот режим. А можеше да биде и поинаку. Можеше на тие што се живи и што го правеле тоа да им се суди, да с езатвораат и стрелаат за репресиите на нивниот режим.

Потоа со законот за амнестија од 1999 година поврзан со гостиварските настани од 1997 година кога се ослободија два градоначалника од западна Македонија.

Потоа во 2001вата со законот за амнестија на учесниците во конфликтот кои делуваат против државните органи и убија околу 70 војници и полицајци а огромен број беа ранети и повредни, со трауми и последици, и конечно во 2012та, со толкувањето на законот за амнестија со кој 4те хашки случаи подпаднаа под законот за амнестија, меѓу кои и водството на ОНА. Сите овие амнестии беа болни и тешки за нас, но ние покажавме политички капацитет и државништво во поглед на национално помирување и заедничка иднина а не заеднички вечен конфликт освети и реваншизми.

ВМРО-ДПМНЕ веќе подготви закон за амнестија, кој наскоро треба да се најде во парламентот.

Почитувани делегати, драги гости,

Ќе завршам со извинување до сите Вас во партијата и до сите граѓани за сите ненамерно сторени грешки, независно дали биле кон поединци или биле дел од владините или партиски политики. Многу работев. Енормно многу. И заедно со мојот тим во раководството на партијата и во владата, со кој заедно ги носевме одлуките, сигурно правевеме и грешки. Јас никогаш не ветив дека нема да имам и некои грешки. За некои денес веќе сме свесни, за некој можеби сеуште не. Како одминува времето дознавам и за некои злоупотреби кои се правеле во време на ВМРО од поединци а за кои не сум бил свесен, и со ова несакам да посочувам поединци, си знаат самите тие кои се, но сакам да подвлечам заради историјата за да биде кажано како важно.

Ветив многу работа и резултати, а кој работи тој и греши. Верувам дека  новиот претседател и новото раководство како и секој мудар човек, ќе ги продолжат и ќе научат многу од нашите добри практики и работа, но и дека ќе ги избегнат моите и нашите грешки. Така постапува секој мудар наследник, кога доаѓа на важна висока позиција.Тоа не е гаранција дека тој нема да згреши нешто, но претпоставува дека нашето искуство ќе го направи подобар од нас. Јас ќе бидам среќен ако секој мој наследник, било во партијата, било во владата биде поодoбар од мене, поуспешен, и направи повеќе од мене за партијата и за Македонија.

И да не заборави да остане добар човек. Затоа што власта и моќта честопати го прават човека полош, понервозен, посамозадоволен и помалку толерантен.

Јас во иднина, ќе работам на тоа постојано да станувам подобар човек, но и подобар татко, сопруг, пријател, комшија соработник. И тоа е многу полесно кога не си на висока позиција или власт. А е потешко, но не и невозможно и кога си со голема моќ.

Победникот мора да има високи морални и човеки квалитети. А ВМРО-ДПМНЕ е победничка партија, и треба да избере победнички претседател. И верувам дека Вие делегатите ќе донесете правилна одлука со која ВМРО-ДПМНЕ и Македонија ќе одат напред и ќе победуваат.

Почитувани присутни, драги пријатели,

Историјата не ги прави големите луѓе, туку големите луѓе ја прават историјата.

ВМРО е силно и никој не треба да го потцени, а победата на ВМРО ќе биде триумф на народот. Клучот е кон посветеноста кон идеите и верувањата, не само во желбата, туку во целосниот напор за конечна победа. Гордо и достоинствено, со чест и силна верба  ВМРО ќе продолжи напред, затоа што ВМРО е најдлабокиот порив во која се содржани најсветите чуства и љубовта на нашиот народ кон својата земја! Се додека опстојува тој столетен оган во идеите и целите на нашата партија, ВМРО ќе остане вистинскиот чувар и тоа цврсто јадро на Македонија. Бидете горди, бидете достоинствени, главата Горе, народот на Македонија зaедно со ВМРО ќе оствари триумф. Доаѓаат подобри времиња, ќе се избориме за слободата и за напредок!

Да живее ВМРО-ДПМНЕ,

Да живее Македонија

24 декември, 2017 - 10:16