Бараме Зоран Заев веднаш да си поднесе неотповиклива оставка

Интегрален текст од изјава за медиуми на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Денеска Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, разговараше и ја анализираше актуелната политичка и економска ситуација во Република Македонија.

Практично сите оние случувања во Република Македонија беа разгледувани на маса, сите можни сценарија во иднина беа антиципирани и врз основа на тоа донесе неколку заклучоци. Би сакал дел од нив да ги споделам со македонската јавност, се разбира преку вас медиумите.

Имено за што станува збор, Македонија никогаш како што е сега не била по поделена, ниту по политички, ниту по партиски, ниту по национален, ниту по граѓанска основа. Македонското општество во овој момент се наоѓа во можеби најтешката ситуација од осамостојувањето на Република Македонија, поради сите оние погрешни политики кои што владата на СДСМ и Зоран Заев ги водат речиси две години. Сето она кое што се случува претставува порази, разочарувања, недостоинствени прифатени предлози, никакви реформи во економијата, нула реформи во здравството, катастрофални реформи во образованието, осиромашување, пљачкосување на македонската држава, иселување, крајна разочараност, демотивација, деморализирање на граѓаните на Република Македонија, без разлика на нивната етничка и партиска национална припадност.

Она што денеска Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, но потоа и Централниот комитет на партијата го потврди е дека утре во текот утрешниот ден пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“, ќе поднесат во парламентот барање веднаш Претседателот на владата Зоран Заев да си поднесе неотповиклива оставка, формирање на техничка влада. И истовремено ќе поднесе иницијатива за распуштање на парламентот и организирање на предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските избори, на исти трошок за сите оние тези кои што ги имаше Зоран Заев и јуришниците околу него да бидат изведени на површина и да ја видиме вистинската нечестита намера на Зоран Заев и СДСМ.

Бидејќи во минатото не обвинуваа дека наводно сме барале избори, а сме молеле Бога да не ги добиеме изборите, еве сега ќе има можност тој, СДСМ, но и владеачката коалиција, владиното мнозинство  да одлучат и да прифатат или да го одбијат предлогот на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на следните неколку дена, па граѓаните на Република Македонија да видат кој е за, а кој е против предвремени парламентарни избори ,кој бара, а кој моли Бога истите да не ги добие.

ВМРО-ДПМНЕ сака да го спречи пеколниот план за уништување на Република Македонија и за уништување на Македонецот во Македонците од Зоран Заев и групата околу него. Знам дека денеска веднаш по завршување на оваа прес конференција, до ова обраќање до граѓаните на Република Македонија, ќе излезе кујната за лаги и манипулации на Зоран Заев и ќе кажува дека ова се некакви мрачни сценарија итн.

Но, јас повторно ќе кажам ние имаме детална анализа на тоа што се случуваше, целосна антиципација на тоа што ќе се случува. Македонија практично под владение на СДСМ и Зоран Заев престанува да постои и затоа на денешната седница на Извршниот и Централниот комитет беа изнесени сите информации и сите факти кои што ги имаме како раководство и како политичка партија со кои што располагаме.

Бараме веднаш Зоран Заев да си поднесе неотповиклива оставка, формирање на техничка влада, и веднаш организирање на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Имаме време и за реформи, имаме време и за сето она што Зоран Заев не го направи изминатите речиси две години, но исто така тоа ќе биде можност да ги корегираме сите грешки кои што Зоран Заев и владата на СДСМ од секаква природа ги направија изминативе две години.

 

27 јануари, 2019 - 17:55