Пешевски:

Владата ќе инсистира на почитување на еколошките стандарди

Владата ќе инсистира на почитување на еколошките стандарди и за „Југохром“ и за сите останати индустриски капацитети. Со исклучок на „Југохром“ сите поголеми индустриски објекти добија еколошка А лиценци. Доколку не се испочитуваат законските обврски се разбира дека државата ќе ги преземе сите потребни мерки, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Согласно мерењата што се извршени, посочи Пешевски, присуството на ПМ 10 честички во близината на „Југохром“ е за неколку пати помало од она што е во градот Тетово. „Југохром“ во овој момент работи со 20 проценти од капацитетот којшто е проектиран, што значи дека и ако има определено учество тоа не е преовладукое учество во загадувањето на градот Тетово, рече Пешевски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за проектот „Купи куќа за млади“.

Според него, актуелната Влада има преземено најголеми чекори досега за подобрување на еколошките стандарди во државата, со, како што рече, купување  голем број мерни станици, со проектот со кој се засадени речиси 50 милиони дрва, купувањето еколошки автобуси со повисоки стандарди во градот…

– За она што во определен момент имавме забелешки од бизнис заедницата за увоз на возилата, сепак ги заменивме старите возила коишто немаа никаков стандард барем за еден два што значи дека и тука се подигна за едно ниво стандардот. Ако се погледне се и во делот на законската регулатива и во делот на добивање  еколошки Б лиценци кои ги даваат општините за што соодветно се подготви законска регулатива се подготвуваат соодветни проекти во Министерството за животна средина како примероци за сите мали бизниси да ги испочитуваат еколошките стандарди, рече Пешевски.

Ова, додаде, е периодот кога првпат во Македонија реално почнало да се работи на подобрување на еколошките стандарди.

– Свесни сме за ситуацијата и во Тетово и во Скопје. Во Скопје имаше периоди кога некои од индустриските капацитети не работеа и немаше речиси никакво намалување на загадувањето.Значи проблемот е малку поширок. Во Министерството за животна средина се изработува проект со кој конкретно до април следната година ќе се добијат точни податоци кои се изворите на загадување во Тетово и со колкав процент учествуваат во вкупното загадување. Така што, на еден начин сочувствувам со жителите на Тетово и на Скопје каде што исто така загадувањето е високо но бидете сигурно дека сме посветени на овој проблем и она што е потребно и што се наши законски обврски ќе бидат преземени и испочитувани доколку оние што на некој начин учествуваат во загадувањето  не ги почитуваат, нагласи Пешевски.

Југохром, како што рече, до април следната година треба да ги испочитува стандардите утврдени согласно одлуката на Владата од пред две години. Доколку тоа не се случи ќе  следат соодветни законски мерки, рече вицепремиерот Пешевски.

16 февруари, 2016 - 18:04