Прво беа зборовите, па куршумите врз Нино

Ако успееше атентатот, денес ќе бевме на погребот на Нино Тодоров. И неговото семејство, и неговите роднини, другарите од средно и од маало, сопартијците и пријателите, кои ги има многу. Ќе имаше осуди и телеграми, соопштенија и некролози.

Неговите две деца Марко (9 години) и Kалин (7 години) ќе беа сираци, а неговата сопруга Сашка ќе беше вдовица на 38 години. Џабе ќе беа сите осуди и сите жалења, зашто тогаш ќе беше готово и завршено. Тодоров ќе беше убиен, ќе беше мртов. Ќе искрвавеше во некоја клиника, на плочникот или на скалите. Ќе заминеше од овој свет.

Зошто олку директен опис? За да знае целата булумента што со години го сатанизираше Нино Тодоров каде можеа да доведат нивните хајки. Затоа што беа свесни кои зборови ги употребуваат.

Затоа што буквално дел од секундата недостасуваше тоа навистина да се случи. Секвенца, микросекунди, стотинки или сантиметри. Kуршумот или куршумите ќе завршеа во неговото чело, око, череп или мозок. Убиецот ќе ја исполнеше целта, со својата убиствена намера.

Не, не се работи тука само за поединец. Не се работи за „осамен волк“. Не се работи за „лична пресметка“. Не се работи за чекор на едно лице. Се работи за производ на една голема, долга кампања. Хајка, буквално хајка. Kампања, скапо платена и планирана. Политичка операција, со намери и јасни цели. Одиме по ред.

Никола Тодоров како министер ги намали цените на илјадници лекови. Добро прочитавте, илјадници лекови. Тоа не им одговараше и не им одговара на силни компании од земјава и странство, на силна индустрија, која во Македонија врти повеќе стотици милиони евра. Лекови што чинеа 5.000 денари, сега чинат 800 денари. Лекови што чинеле 1.000 денари, денес чинат 300 денари. Ги купуваат буквално десетици илјади Македонци, секој месец и секоја седмица. Направете го есапот. На тој начин им се брцна во окото, им се удри по профитите на моќни структури кои буквално располагаат со стотици милиони евра.

Наместо да направи дил со нив, Тодоров одбра да му служи на народот од Виница, Јегуновце, Kапиштец, Љубанци, Штип, Ѓорче Петров... Наместо да направи пакт со олигарсите и со фармацевтската индустрија, Нино Тодоров реши секој пензионер да има 2.000-3.000 денари заштеда месечно. Пензионерот тие пари да ги потроши на себе или на внуците, а не да го зголемува ќесето на и така пребогата фармацевтска индустрија.

Но, тука почна хајката. Почнаа нарачките. Почнаа текстовите и ТВ-прилозите. Почнаа нападите на интернет-порталите. Секој ден, оцрнување без престан. 365 дена во годината, буквално со години. Не беше случајно, туку системски и планирано.

Не се лепеше, немаше ефект во почетокот. Но, тогаш хиените се решија за уште пониски напади, за поединечни случаи, за дневно чекање пред болниците, со надеж и желба дека нечија или сечија смрт ќе се направи политички случај. Не е важно кој и како умрел, важно беше да се удира по владата. Зарем има земја, зарем има држава или здравствен систем што ја победил смртта?

Така почнаа хајките со поединечни случаи. Се чекаше поединечен случај, во Скопје или во внатрешноста, во која било болница, за да се удри политички врз министерот Тодоров и да се бара негова оставка.

Се направија и протести. Со пари, со подготовка и со логистика. Се печатеа гумени или пластични транспаренти од неколку метри. Банери и пароли, со платени реклами на интернет против Тодоров. Почнаа и тркалезни маси против Тодоров, во хотелски сали, платени и исплатени. Со платени брошури, испечатени на мрсна, квалитетна хартија. ТВ-прилози, со праќање коли, бензин и дневници само за да се стимулира целата хајка.

Значи, тоа не беше некоја „спонтана“ или „граѓанска“ реакција, ниту „поединечен“ револт, туку организирана операција. Темелна кампања. Секојдневен план. Долгогодишна хајка. Платена агенда. Со пари, средства и фондови.

А зборовите? Зборовите беа директен повик да се убие Никола Тодоров. Да, да се убие, затоа што со години го нарекуваа убиец, министер за смрт, со крвави раце и слични обвинувања без основа.

Секојдневен говор на омраза и најстрашни епитети. Секојдневна хајка и дехуманизација. Прво дојдоа зборовите, а потоа и куршумите врз Тодоров. Не гасни куршуми, туку од олово и железо. Патем, има ли доброволци кај оние што релативизираат и цинично коментираат за самите да застанат со својата глава пред адаптиран гасен пиштол со боеви куршуми, ако за нив е тоа „помалку“ опасно?!

Зборовите не доаѓаа од било кој. Тоа го кажуваа првите луѓе на СДСМ. Нивните пратеници во Собранието. Нивните НВО платеници. Нивните главни новинари. Нивните колумнисти.

Тие го создадоа контекстот во кој е „нормално“ и „оправдано“ да се пука врз Тодоров. Затоа што ако некој навистина е „масовен убиец“ или „министер за смрт“, тогаш е „нормално“ и „оправдано“ да се пука во него.

Да му се акнат во главата пиштолот и куршумите на Тодоров, да се докусури „монструмот“, кој со години преку перцепција и психолошки операции го создаваа СДСМ и нивните Сорос компањони.

Патем, со новата СДСМ и Сорос влада, со нивниот премиер и нивните министри ќе треба да ги имаат истите критериуми што ги наметнаа. После секој смртен случај во болниците следниве месеци и години, ќе треба да бараат оставка од Заев и неговиот министер за здравство. Ако се принципиелни, како што знаеме дека не се.

За среќа, и за нивна жал, Никола Тодоров го преживеа атентатот. Денес и Тодоров, и сите ние, сме со своите семејства, наместо на неговиот погреб, кој со години вербално го подготвуваше глутницата желна, жедна и болна да дојде на власт по секоја цена.

Зад Тодоров остануваат еден куп резултати, кои долго нема да бидат надминати. Од болници, преку лекови и опрема. Останува и зголемувањето на животниот век во Македонија од 74 на 76 години, како најдобар и евидентен доказ за резултатите во делот на здравството. Десетици илјади луѓе живеат 2 години повеќе поради резултатите во здравство, иако секогаш ќе има поединечни случаи и тажни судбини.

За крај, демонизацијата на Груевски, Тодоров, Јанкулоска, Милошоски и цела низа на политичари го достигна својата кулминација преку обидот за убиство и егзекуција на Никола Тодоров.

Тоа нека биде предупредување за сите.

Влатко ЃОРЧЕВ

5 јуни, 2017 - 13:55