Подреденоста и зависноста на СДСМ

СДСМ и Заев станаа заложници на нивните коалициони партнери, уште пред да се формира владата

Што може да се заклучи од првичното функционирање на коалицијата на Зоран Заев, Али Ахмети и Зијадин Села? Kои се првите впечатоци? Kакви чекори преземаат? Kакви пораки праќаат во делот на тековното и редовното функционирање на државата?

Прво, покрај целата мимикрија и маскирање на Тиранската платформа, јасно е дека има документ. Постои преземена обврска на Зоран Заев да се реализираат еден куп точки во таа долгорочна, темелна и сеопфатна програма. Целта е редефинирање на Македонија, уставниот поредок и темелите на државата.

Второ, се гледа дека СДСМ не го води главниот збор во владата, односно новото парламентарно мнозинство. Очигледно го нема последниот збор, ја нема главната улога. Дури и првенците на СДСМ играат подредена, споредна улога во однос на ДУИ и „Алијансата на Албанците“.

Јасно, се работи за коалиција и секогаш се нужни договарање и преговарања. Но, во старт позицијата на СДСМ и Заев е слаба и нестабилна. Обично во првите недели и месеци улогата на мандатарот и новиот премиер е прилично силна. Проблемите со коалициите обично доаѓаат подоцна, а состојбите се комплицираат.

Овој пат не е така. Позицијата на мандаторот и најавениот премиер е во старт ослабена. Тој е во зависна позиција од коалициските партнери. Секојдневна зависност, затоа што бројките се навистина тесни. Таканареченото мнозинство е во секојдневен ризик да го загуби мнозинството. Со сите математики, сите заедно на куп, одвај може да го прегласаат ВМРО-ДПМНЕ.

Доволно е личното незадоволство на 2, 3 или 4 пратеници, и СДСМ, ДУИ и „Алијансата на Албанците“ веќе немаат влада. Веќе се гледаат дневните и секојдневните гестови на зависност и сервилност на мандатарот Заев кон коалициските партнери.

Уште еднаш, не е е проблем постојаната комуникација. Таа е нормална и потребна. Проблемот е подреденоста која оневозможува ефективно лидерство, а тоа доаѓа како резултат на зависноста од слабата изборна легитимација. Тоа резултира со давање концесии и отстапки што се долгорочно штетни за државноста, уставниот поредок и функционалноста.

Таа подреденост е програмска, проектна, кадровска и манифестациска.

Програмската подреденост се гледа преку најавата за реализирање на барањата и програмите на ДУИ и „Алијансата на Албанците“. Програмата на СДСМ никој не ја водел, ниту ја слушнал. Од друга страна, сите ја знаат фактурата и политичката сметка што ќе треба да ја плати Зоран Заев кон Али Ахмети, Зијадин Села, Таравари, Мухамед Зекири и останатите фактори од кои му зависи мнозинството во парламентот.

Во делот на креирање и спроведување политики доаѓа до израз и зависноста од НВО - секторот, кој стана ударна тупаница на СДСМ. Сега треба да се задоволуваат нивните барања и нивната агенда, а добар дел од тие политики не се гласани, верификувани и поддржани од избирачите. Значи, ќе се наметнуваат агенди и закони кои се дел од туѓа агенда, надвор од изборната верификација на народот.

Проектната подреденост ќе ја видиме ако и откако ќе се формира новата влада. Ќе доминираат проектите за албанските средини, а за сметка на тоа ќе се запостават проектите во македонските населени места во источниот дел на Македонија, Пелагонија, Повардарјето, добар дел од Скопје и населените места со етнички Македонци во западниот дел на Македонија. Тоа веќе го гледаме како начин на функционирање локалната самоуправа во општините Тетово, Брвеница, Чаир, Дебар и повеќе други општини.

За разлика од нив, владата на ВМРО-ДПМНЕ водеше сметка за сите, без разлика дали во некое место живеат Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци или останатите. Се направија еден куп локални проекти, од спортски сали и патишта, до болници и економски зони. Сега ќе следува друга политика, а приоритет ќе бидат гласачите на ДУИ и „Алијанста на Албанците“ поради нивната силна позиција во владата и поради слабата позиција на СДСМ.

Kадровската подреденост на СДСМ се гледа преку најавата на поделбата на ресорите. И тука до израз доаѓа слабата позиција на мандаторот Заев и СДСМ. Ако се потврдат најавите, никогаш до сега првата и водечка партија во владата немала помалку министри и ресори. Дополнително, тука е отстапката на местото за претседател на Собранието, заедно со нелегалниот, антиуставен и скандалозен избор за спикер.

Императивот на Заев да „мора“ да ја формира владата ја ослабува неговата преговарачка позиција. Тој „мора“ да се договори, односно „мора“ да ги прифати барањата на коалициските партнери. Мора да испорача. Не може да каже „не“. Секое барање го прифаќа затоа што во спротивно ја нема владата, а тој не е премиер, туку лице што треба да одговара.

Манифестациската подреденост се гледа преку еден куп гестови, мали чекори и угодување на коалициските партнери. Од посета на нивните партиски седишта, до премолчување на еден куп шовинистички изјави што ги слушаме секој ден од Македонија и соседството. За секоја работа и СДСМ и Заев мора да молчат и подголтнат еден куп навреди и закани кон Македонија.

Сето тоа ја прави слаба и ослабена позицијата на Македонија. Со тоа, Македонија не е субјект во регионалната политика, туку канта за удирање што секој може да ја удира како сака поради слабата влада без никаков легитимитет и тесно мнозинство, подложна на уцени.

И тоа ја ослабува позицијата на македонскиот народ во Македонија, преку негова десубјективизација, како и маргинализација на Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и останатите во Македонија, како заедници кои мнозински гласаа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

На сето тоа се додава и преземената обврска за консензуално одлучување во владата, со што дополнително и долгорочно се руши функционалноста и носењето на одлуки во владиниот кабинет.

СДСМ и Заев станаа заложници на нивните коалициони партнери, уште пред да се формира владата. Станаа заложници кон сите оние внатрешни и надворешни фактори кон кои презеле обврска да „испорачаат“.

На штета на народот и на штета на Македонија. Затоа, и народот и Македонија треба да се подготват за опозициско дејствување на оваа антинародна влада, која народот и гласачите ги множи со нула.

Почнува нова етапа во борбата за Македонија. Не знаеме колку ќе трае, но се знае како ќе заврши. Узурпаторите и натрапниците ќе бидат жестоко, демократски и убедливо поразени. Kако и секогаш досега.

27 мај, 2017 - 14:51