Македонците ќе ги победат прогонот и репресијата

Намерата на СДСМ е јасна: првпат во 27 години пратениците да се спречат да дискутираат, да им се одземе зборот. Едноставно, да се укине парламентаризмот.

Правото на „филибастер“, односно јавување за збор и реплицирање е легитимно право, не само во Македонија, туку секаде во светот. Оној демократскиот. Kако во многу земји, дискусиите во македонското Собрание се ограничени на 10 минути за збор, 3 минути за реплика и 1 минута за контрареплика. Значи, постојат разумни ограничувања за бескрајните дискусии преку разумно ограничување на дискусиите.

Но, проблемот е што со најновите маневри на пратениците на СДСМ, дури и ова право се сака да се одземе, да се спречи и да се оневозможи. Се работи за режим во најава, кој без проблем би го суспендирал парламентаризмот од првиот ден откако со триста маневри се докопа до парламентарно мнозинство.

Да, нив устата им е полна со демократија, но радо би владееле во диктатура. Да, нив номинално, божем им требаат избори, но радо би владееле со малцинството врз мнозинството. Да, тие ветуваат брда и долини за време на кампањата, но немаат проблем еден месец по тоа да ги прекршат сите ветувања.

Да, тие демек се против насилството, но немаат проблем да ги искршат излозите во Скопје, да тепаат жени и деца на паркинзи или да кршат заби на младинци во кафеана во Kуманово. Да, тие се жалат на режим, а не се симнуваат од телевизија. Да, тие се големи демократи, но најавуваат затворање на телевизии, весници и други медиуми.

Да, тие ептен се залагаат за поголеми минимални плати, но во нивните роднински фирми и семејни холдинзи даваат по 6 - 8 илјади денари плата. Да, тие ги поддржуваат граѓанските протести, но само кога протестираат нивните платеници. Тогаш тие може да кршат, да напаѓаат и да повредуваат, но ако другата страна има обичен, мирен протест, тогаш ќе се дадат најстрашните епитети.

Да, тие се за давање шанса на „сите“, но во нивните општини ќе видите само вработувања на активистите на СДСМ. Да, тие се за „слободни“ медиуми, но сите што мислат поинаку ќе ги затворат и ќе ги натепаат. Да, тие се за слобода, но ќе си воведат нова комунистичка диктатура, овој пат во свилено и демократско пакување.

И така, доаѓаме до Собранието оваа и следната недела. Тензиите се зголемуваат, реториката се заострува. Радикалите во СДСМ и нивната НВО - медиумска орбита одат со опасна реторика, препорачувајќи и заговарајќи насилство. Осоколени од нивната арогантност, с` уште не седнати во фотелјите што ги пикирале, најавуваат прогон и репресија.

Но, прогонот и репресијата не се ништо ново. Македонците се навикнати и на прогон и на репресија. Прогонот и репресијата секогаш ни биле наметнувани „за наше добро“, но тие секогаш биле препознати и разобличени од Македонците.

Откако ќе се распознаат и разобличат од страна на домашното население, историски Македонците редовно се решаваат да им се спротивстават и да им опонираат. Никогаш, ниту сега, сме загрозиле која било соседна држава или народ. Ниту сме се помирувале со ограничување на слободата, со репресии и режим кој сега го гледаме во најава.

Значи, Македонците се навикнати на прогони и репресија. Доволно е да се погледнат само последниве стотина години. И, навикнати се да ги носат победите и против прогонот, и против репресијата. Затоа што народот е свој на своето, на домашен терен.

Народот е тука, а другите доаѓаат и заминуваат, без разлика дали се добронамерни или не. Народот е како камењата и карпите во потокот. Водата доаѓа и поминува, но карпите остануваат затоа што се цврсти, на своето место.

Облак е, ќе помине. Ќе се појават облаците на хоризонтот, може ќе заврне и дожд, но карпите и земјата остануваат. Тоа е народот, тоа е Македонија. Не може Македонија да се владее без македонскиот народ. Не може некоја влада на Заев, режим во најава, да смета дека народот ќе се согласи да биде владеан од гарнитура и поединци без легитимитет.

Едноставно, народот не даде никаков легитимитет на целата оваа лакрдија што сега се приредува на Македонија. И, затоа народот ќе се спротивставува, ќе опонира на целата оваа лакрдија и операција.

Македонската константа се ситуациите во кои мора да се докажуваме, демократски да се бориме за своите правдини. Тоа не е ништо ново во македонската сегашност, македонската историја и македонската иднина.

Осудени да се докажуваме и потврдуваме. Осудени да му докажеме на светот дека постоиме, дека имаме право на идентитет, самобитност и постоење. Осудени да го браниме нашето право и нашите права, токму како што ги имаат другите држави и другите народи.

Ништо повеќе и ништо помалку. Kаузата е праведна, каузата е исправна. Политичките салиериевци треба да се грижат што тргнале против својот народ. Македонија победувала и Македонија повторно ќе победи.

Влатко ЃОРЧЕВ

 

8 април, 2017 - 11:33