Игра со Уставот

Колумна на Александар Николоски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ за Независен весник

Веќе на сите граѓани им е јасно дека договорот што Владата го потпиша со Република Грција е мртов и политички и правно. Судбината на договорот ја одредија граѓаните и ја потврдија неговата ништожност на референдум. Во една парламентарна демократија изразената волја на граѓаните на референдум треба да биде неприкосновена и нивниот суд (одлука) да биде последен, сè што би било вон овие стандарди и вредности би нè втурнало во тоталитарни води од страна на власта. Секој обид од страна на власта да се погази јасно изразената волја на граѓаните ќе ја втурне државата во длабока криза од која многу тешко ќе се извлече.

Во таков случај веќе ќе говориме за тоталитаризам наспроти заложбите за демократија и европски вредности. Немајќи двотретинско мнозинство во парламентот, веќе некое време власта создава атмосфера дека на „свој“ начин ќе ги убеди пратениците од опозицијата да гласаат за уставни измени. Ова е дрска игра на нерви. Тоа е понижување на најодговорната позиција во една парламентарна демократија – пратеничката позиција која го претставува суверенитетот на државата. И покрај многубројните барања и апели од наша страна Владата да ја објави суштината на договорот, која се наоѓа во амандманите, тие сè уште не се познати за јавноста. Значи, во моментов имаме „убедување“ на пратеници на слепо. Прашањето е како Заев ги „убедува“ пратениците, без да им ги покаже амандманите за кои треба да гласаат?

За судбината на амандманите отворив сомнеж кој не беше демантиран од никого, а тоа е дека амандманите не се подготвени од македонската Влада, туку од грчката и се дадени во форма на нон-пејпер. Од македонска страна е ангажиран само еден пензиониран професор по уставно право, чија задача е само технички да ги среди. За овој сомнеж да биде уште поголем, придонесува и постапката што ја спроведува Владата за измени на Уставот, а за која реакции имаше токму од најкомпетентниот член на владата на Заев, од министерката за правда, Рената Дескоска. Бидејќи не добивме одговор од властите, сомнежот секојдневно се потврдува. Дали во Уставот ќе се менува историскиот факт дека со „референдумот од 8 септември 1991 година граѓаните одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава“ и дали ќе се напише дека граѓаните на референдумот од 1991 година одлучиле да ја конституираат северна Македонија, што е класичен историски фалсификат.

Членот 3 од Уставот во кој стои: „Територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница на Република Македонија е неповредлива, Република Македонија нема територијални претензии кон соседите. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципите на добрососедство и во согласност со општоприфатените меѓународни норми“ сега ќе претрпува измени и покрај тоа што во 1992 година тие веќе се извршени токму по барање на Грција. Што е спорно во овој член и што е тоа незгодно што ќе се менува во овој член, а што ќе ги вознемири граѓаните?

Целата фарса наречена власт во Македонија дојде со приказната дека ќе гони криминал, дека ќе носи слобода и правдина и сето тоа ќе го стори со пенкало. Пенкалото го заменија со злоупотреба на полиција и судство, па сега новото „пенкало“ гони граѓани неистомисленици за пишан збор, спроведува политички прогон, „пенкалото“ на Заев се покажа како ефикасно и во цензурирањето. Слободата што требаше да ја донесат е, всушност, уривање на суверенитетот на граѓаните, а паролата „Нема правда, нема мир“ е заменета со паролата „За северна Македонија“.

14 октомври, 2018 - 12:09