Главните проекти на СДСМ се антидржавни

Ред е секоја Влада пред избори да го најави својот главен, својот најважен проект. Тука нагласокот е на зборовите „пред избори“, затоа што токму тоа е спорниот момент во Македонија. Тоа е минимумот на минимуми за фер однос и за чесен пристап пред избирачите.

Значи, не зборуваме тука за детаљна, сеопфатна програма, со мерки и проекти, затоа што тоа СДСМ буквално никогаш го нема понудено, ниту подготвено. Традиционално, СДСМ не се занимава со такви дреболии и „ситници“ како патишта, тротоари, плати и пензии, туку со „големи“ зборови што реално ништо не значат, но убаво звучат.

Не зборуваме тука ниту за некаква листа од главните, стожерни проекти што Владата на СДСМ во најава би ги спроведувала, а претходно тоа да го понудила пред избирачите. Некогаш некои проекти произлегуваат во ад хок ситуации, кои може да произлезат од некои неочекувани околности кои може да се создадат во текот 4-годишен мандат.

Не, во овој случај тоа не е тоа муабетот. Тука зборуваме за нудење на основниот, носечкиот, главниот проект кој има да го спроведува режимот во најава на Зоран Заев. Режим, затоа што с` уште не седнати, нивните луѓе по градовите веќе се закануваат на кој стигнат. Нивните луѓе по министерствата веќе прават списоци за партиски чистки и прогон, со гласно викање по ходници и канцеларии.

Режим во најава, затоа што нивните јуришници редовно напаѓаат новинари, веќе најавуваат затворање еден куп медиуми, а по нивните интернет-портали користат таков говор на омраза, што човек едноставно не знае што да каже на сето тоа. И, сето тоа поддржано со неколку фрази за слобода, демократија и човекови права, со секојдневна, директна и конкретна најава дека го планираат токму спротивното, што реално ги прави режим во обид и најава.

Значи, што ќе биде основниот проект на Владата на Зоран Заев и неговиот СДСМ? Јасно е, тоа ќе биде тиранската платформа. Тоа се објави изминативе два месеца, тоа е договорот и тоа е преземената обврска на Зоран Заев кон ДУИ, Беса и Зијадин Села.

Тиранската платформа е сеопфатен документ, кој се однесува на секое село и секој град во Македонија. Се однесува на речиси секоја област од државното функционирање, што значи дека ќе повлече промена на еден куп закони во еден куп области.

Од буџетот и локалната самоуправа, преку здравството и образованието, до шалтерите и судовите. Никој од СДСМ не кажува како двојазичноста ќе се спроведува во МВР и АРМ, на кој јазик ќе се даваат наредбите, дали ќе има еднонационални единици, касарни и полициски станици. Знае ли некој во СДСМ што се прави со целата оваа операција?

Никој од СДСМ не кажува како ќе се заштитат правата на Македонците, Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците и останатите во општините како Тетово, Гостивар, Струга, Kичево, Чаир, Брвеница, Теарце, Врапчиште, Боговиње и цела низа на други општини. Проблемите во тие општини веќе се видливи и на некои места има тренд на мајоризација, маргинализација и влошување на човековите права.

И, целиот овој мегапотфат на темелно демонтирање на уставното уредување, како најголем проект на СДСМ - ДУИ - Беса – „Алијанса“ - Унитет владата имаат намера да им се подметне на избирачите без изборна верификација. Шверцерски, без волја на граѓаните, без да им се даде понуда на избирачите која може да ја прифатат или да ја одбијат.

Всушност, тоа е начинот на кој СДСМ функционира со децении. Така беа приредени и спроведени другите два најголеми проекти на претходните влади на СДСМ.

Првиот беше приватизацијата и масовните отпуштања на 200.000 работници во периодот 1992 - 1998 година спроведени од владите на СДСМ, нивните министри и нивните олигарси. И тогаш, како и сега, главниот проект на владата на СДСМ ниту им беше најавен на граѓаните, ниту народот го гласал, ниту некој се согласил со тоа.

Но, сето тоа воопшто не беше проблем за СДСМ да ја спроведе и приватизацијата, и тајкунизацијата, и транзицијата, едноставно наречени грабеж, криминал и арамилак. Таа приватизација трајно ја осакати македонската економија, заедно со стотици илјади семејства кои беа втурнати во тажниот вител на транзицијата со илјадници уништени судбини.

Втората влада на СДСМ беше во периодот од 2002 до 2006 година, а нивниот најголем и најважен проект беше територијалната поделба со новите општински граници во 2004 година. На 15 септември ветија по едно вработување во секое семејство, а на граѓаните им приредија рашомонијада со локалната самоуправа, со трајни последици за Скопје, Струга и Kичево, заедно укинување еден куп општини во цела Македонија.

На изборите не го ветуваа сето тоа, ниту го најавуваа. И тогаш, како и сега, тоа го направија шверцерски, без најава, без демократска верификација, без учество на граѓаните.

Kога 150.000 граѓани се потпишаа за референдум, тогаш порачаа дека „некои прашања не заслужуваат одговор“, заедно со „мртва стража“ на еден куп функционери и директори кои дежураа пред секое избирачко место и ги враќаа граѓаните од гласање, со нивните сталинистички и болшевички методи спречувајќи го народот да излезе на референдум.

Така доаѓаме до сегашната трета влада во најава на СДСМ. Поразени на избори, но умешни во леснотијата на продавањето на државните и националните интереси. Со лесна рака ја демонтираат државноста која другите генерации со крв, пот и солзи ја создале и граделе.

Тиранската платформа на владата во најава на Зоран Заев не е изборно верифицирана од граѓаните. Не е понуден на избори пред народот за да се прифати или одбие. Исто како и приватизацијата од 90-тите, како и територијалната општинска поделба од 2004 година, СДСМ ги турка овие антидржавни проекти само за да дојде на власт, без било каква поддршка и легитимитет од народот.

Од друга страна, сите главни и помали проекти на ВМРО-ДПМНЕ биле најавени и гласани од народот. Секој чекор, секој тротоар или секој пат, секој патнички воз или нови компјутери во училиштата биле најавени, ветени, напишани. Граѓаните гласале, па ветувањата се спровеле. Kај СДСМ константа се антидржавните проекти.

Во сите овие антидржавни проекти користа е единствено за врхушката на СДСМ, а проблемите се за цела Македонија и за целиот народ. Во транзицијата ги приватизираа десетици и десетици милијарди градени од маката на македонските работници во текот на 45 години, а во 2004 година преку грбот на Македонците во Скопје, Струга и Kичево добија 5 години мандат за претседател на Бранко Црвенковски. Така е сега повторно со тиранската платформа.

Затоа граѓаните се на нозе, затоа се протестира. Најдолгите и најмасовните протести во историјата на Македонија треба да бидат силна порака и до СДСМ, и до повеќе други адреси за јасниот отпор кон ваквите политики кои не се демократски верифицирани и кои се апсолутно непопуларни. Затоа е реакцијата, затоа се протестите што не попуштаат.

 

Влатко ЃОРЧЕВ

22 април, 2017 - 13:16