Црни сценарија

Колумна на Александар Николоски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ за Независен весник

Привилегијата што ја имам секоја втора среда да се читаме на страниците на „Независен весник“ е секогаш предизвик да се напише нешто квалитетно, ново и што ќе продолжи да се коментира во деновите по објавата на текстот. Се случува да има недостиг на теми или темите да се веќе премногу коментирани во јавноста, па да нема ништо ново во нив. Овој пат се соочувам со обратното, има премногу теми, премногу случувања и човек просто да не знае која попрво да ја отвори. Но она што е заедничко за сите теми е што сè повеќе се продлабочува чувството меѓу голем број луѓе дека сме во средина на целосен хаос и неред без јасна визија за иднината.

Ова не е мое лично претерување, како што често тоа знаат да го направат политичари кога се во опозиција. Јас дури се трудам и да отстапам од тоа клише и не користам многу често изрази или теми кои сугерираат дека сè е лошо и ништо не оди напред. Тоа е позната игра на поставување на работите црно - бело, кога сте на власт сè е добро, кога сте во опозиција сè е црно. Тоа не е така! И само доведува до непотребна поларизација. Но изминативе неколку недели, за жал, се кулминација на чувството дека Македонија нема јасен правец и јасна иднина каде оди и затоа решив за тоа да пишувам.

Кога оваа влада беше формирана, имаше неколку основни постулати кои се сведуваа на подобар и посреден живот, а заеднички именител беше интеграцијата во НАТО и ЕУ преку промена на името. За нив промената на името беше магичното стапче што ќе ги реши сите проблеми. Народот поверува во тоа. А, очекуваше 500 евра просечна плата, правда за сите, подобро здравство, образование, социјална заштита и попријатен живот. Она што се случува е целосна спротивност на тоа, нема сегмент во кој не се оди назад, нема област во која нема целосно разочарување и фијаско. Така, повисока плата од 500 евра не се случи, ама затоа од 1 јануари ќе има нови даноци, кои иако преставени како данок за најбогатите ќе удрат по сите, затоа што скриените нови даноци кои власта ги крие ќе удрат на преку 40 проценти од населението во Македонија, а најмногу за жал на најмладите и најамбициозните.

За здравството, образованието и социјалата излишно е да се трошат зборови. Секој ден нова вест дека откажал некој апарат, дека болни нема каде да се лечат, дека заминува надвор од државата сè што е поспособно и постручно, и доктори и медицински сестри. А, ветувањата за големи инвестиции и плати од над 100.000 ден се само далечен сон. Образованието исто така тоне, нема јасен концепт кои гранки сакаме да ги развиваме и какви кадри сакаме Македонија да има. Така цел свет се труди да фати чекор со нови технологии, а во Македонија се прави обид да се умртви Универзитетот за информатички технологии и науки во Охрид, а на оние кои заработуваат од своите вештини и знаење – ИТ-инженери, програмери, фриленсери им се зголемува данокот од 10 на 18 проценти и дополнително им се става обврска да плаќаат ДДВ од 18 проценти. Резултатот од тоа е и овие млади амбициозни луѓе ја напуштаат државата. Во социјалата не сакам ни да зборувам за ударот кој го добиваат сите работодавачи зашто не можат да најдат работници, а во иднина ќе е сè потешко, затоа што Владата популистички ветува социјална помош на ниво на минимална плата. Па, се поставува логично прашање кој е тој што ќе сака да работи осум часа секој ден, кога со седење дома може да ги добие истите пари, а дополнително и на црно да сработи нешто и да има приход плус.

Овие политики водат само кон две нешта - иселување од државата и стимулирање на сивата економија. Двете погубни за иднината на Македонија.

Во делот на владеење на правото секој коментар е излишен. Вакво поигрување со правото и правдината немало ни во најцрните денови на комунизмот. Сите стравувања за кои алармиравме минатите месеци за жал се остваруваат - дека правото и правдината се само во функција на остварување на политички цели на СДСМ и власта.

Интеграцијата во ЕУ станува далечен сон. Сакам јавно да предупредам преку овие редови дека Македонија доколку продолжи со ова ниско ниво на реализирани реформи, за жал, и следната година во јуни нема да добие датум за почнување преговори за членство во ЕУ! Без разлика на промената на името, ниското ниво на реализација на реформи во моментов е главната кочница Македонија да оди напред кон ЕУ. Јас преку овој простор што го имам во „Независен весник“ и пролетта предупредував дека, дури и Владата и Заев да се согласат да го променат името, нема да добијат датум доколку не реализираат реформи и кажав дека процесот намерно се кочи за Македонија и Албанија да се во иста група. Тогаш ми беше одговарано дека е тоа научна фантастика, но, за жал, таа научна фантастика стана реалност веќе во јуни кога Заев потпиша промена на име ама не доби датум за преговори. Сакам да остане запишано дека седум месеци порано предупредувам дека ако продолжи вака Македонија со ниско ниво на реформи, иако со променето име во Северна, понижена и ставена на колена, пак нема да добие датум за почеток на преговори во јуни 2019. Ќе бидам најсреќен доколку владата и Заев ме демантираат со својата работа и ова не се случи. Тоа ќе е добро за Македонија. Но како што сега стојат работите - многу тешко!

Во истиов контекст на лоши предвидувања и апатија помеѓу народот би сакал да дадам уште едно предвидување кое се плашам дека ќе се реализира, а се надевам дека нема. Без разлика што Заев го менува името во Северна, економијата не само што не оди напред, туку назадува, фискалната дисциплина попушта и Заев заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски одат на навидум најлесниот но најопасен чекор, на зголемување даноци и воведување нови. Имено, со воведување на нов данок на каматите на депозитите во банки се очекува да се створи негативен ефект кај штедачите. Каматите на депозити особено ако се девизни и сега се многу ниски и се под еден процент, што не ја покрива ни годишната инфлација, ако на тоа сега се додаде и данокот од 15 проценти, како и нестабилната политичка состојба очекувано е голем дел од граѓаните да ги повлечат своите депозити од банките. Тоа е огромна закана за неколку помали банки кои можат да се соочат со сериозни проблеми во своето работење, па дури и банкрот, кој ако се случи ќе има несогледливи последици кон економијата. Јас не посакувам ова да се случи и затоа јавно апелирам до власта да го повлече својот предлог за зголемување на даноци и воведување нови. Доколку тоа не го направат ВМРО-ДПМНЕ по победата на следните парламентарни избори и формирањето влада, ќе ги укине на првата седница.

Затоа велам дека изминативе неколку недели, за жал, се кулминација на чувството дека Македонија нема јасен правец и јасна иднина каде оди. Ветувањата дека промената на името е магично стапче кое ќе реши сè, паѓаат и на крај ќе резултираат само со тоа да државата има ново име, но ништо да не се подобри, што дополнително ќе ги зголеми фрустрациите. Повикувам сериозно да се земат моите предвидувања и за ЕУ интеграциите и за состојба во финансискиот сектор. Ако гледаме само како опозиција, тоа ни одговара зашто побрзо и полесно и поубедливо ќе победиме на следните избори, но нашата примарна цел е благосостојбата на граѓаните на Македонија! Да се среќни и да си ја видат својата иднина овде !

21 ноември, 2018 - 16:52