Интервју на Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ за дневниот весник Вечер

Животот што го најавуваше СДСМ остана само на хартија!

Јас посакувам единство за сите крупни национални и државни прашања, но не сум убеден дека другата страна ја сфаќа сериозноста на овие теми и нивната важност за иднината на нашата држава, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за ВЕЧЕР. Некако со сите издвојувани решенија во изминатиот период, кои ги направи Владата во поглед на надворешната политика како држава ги направивме најсреќни соседите, но не и нашите граѓани во Република Македонија.

1. Ги поддржувате евроатлантските интеграциите на Република Македонија, но во истовреме велите дека како партија останувате на браникот на националните интереси. Можно ли е, според Вас, прашањето за името да се реши без референдум?

Посветеноста кон Република Македонија значи да направите се за да постигнете повисок стандард, повисоки кретириуми, и да создадете интегрирано општество, како што постојат во Европската Унија и да постигнете, меѓу другото, стандарди кои се прифатливи за нас, а својствени за другите развиени општества и да обезбедите стабилност преку НАТО-алијансата. Но проблемот е тоа што ние како држава немаме ниту напредок во однос на евроатланските интеграции, немаме ниту мрднато во однос на обезбедување на повисок стандард, а ниту пак имаме реална заштита за националните и државни интереси. Со други зборови, ниту сме поблиску кон Европската Унија ниту пак се добива впечаток дека владата се грижи за националните и државни интереси. Лесно е да се биде актуелен во регионот и да се вели имаме добра надворешна политика, но прашањето која е цената што ја плаќаме како држава и кои се отстапките што се прават за да се постигне таа популарност. Некако со сите издвојувани решенија во изминатиот период, кои ги направи владата во поглед на надворешната политика како држава ги направивме најсреќни соседите, но не и нашите граѓани во Република Македонија. Што се однесува до прашањето за референдум ставот на ВМРО-ДПМНЕ останува непроменет и секое решение што ќе биде прифатливо треба да оди на референдум и граѓаните да се изјаснат за него. Тука имаме конзистентен став, нешто што не го гледам во редовите на владата која изгледа прилично раштимано во поглед на ова прашање. Премиерот на брифинзи со новинари вели референдумот може да почека, а два дена потоа вели референдум мора да има. Човек не може да знае кој е нивниот конечен став.

2. И покрај разликите во ставовите меѓу двете земји, медијаторот Метју Нимиц при неговата последна посета на Македонија изјави оти е оптимист за решение на спорот и дека крајот на спорот се гледа за неколку недели и месеци? Каков е Вашиот впечаток по средбата со медијаторот Нимиц? Која е црвената линија за ВМРО-ДПМНЕ во однос на евентуалното решение  на спорот со името?

Јас во овој момент не сум оптимист ниту песимист. Но ќе ви кажам дека имаме мошне хаотична позиција и невешта дипломатија на македонската влада во однос на ова најважно прашање. Додека грчката страна се зацврстува со се поголеми барања, македонската влада на извесен начин лицитира јавно со понуди и прави чекори кои тие ги нарекуваат гестови на добра волја, за кој што македонската страна не добива ништо. Шпекулираат со точно определени квалификации околу понудата кои се спремни да ја дадат околу спорот со името, што би можела да се опише како црвена линија на владата, но ако она што владата го нарекува црвена линија, односно име со географска одредница, сега де факто е нивна почетна преговарачка позиција. Знаеме дека компромисот на секој договор е некаде во средина што значи Македонија веќе има нарушена преговарчка позиција, а се знае дека грчките барања кои може да се слушнат во моментот не се веќе максималистички туку може да се оквалификуваат како недостоинствени.
Што се однесува до средбата со господинот Нимиц тоа беше разговор каде што ние ги пренесовме нашите погледи и ставови за спорот кои се и јавно познати. Посочивме дека разговорите треба да продолжат да се водат во рамката утврдена од Обединетите нации, почитувајќи ги документите и принципите на Советот за безбедност, Привремената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата. Тоа беше и прилика каде изразив загриженост за одредени чекори во грчкото општество кои иритираат и поттикнуваат негативи чувства кон Република Македонија и истите не се од помош на целокупниот процес.

3. Господине Мицкоски, може ли поконкретно да го објасните Вашиот повик на социјалните мрежи од неодамна “да ја победиме оваа тажна реалност за да го оствариме сонот на нашата генерација за економски богата, евроантлантски интегрирана и земја на среќни граѓани”. Дали со овие зборови повикувате народ на улица или барате сплотеност и единство за горливите национални прашања како што се името и јазикот?

ВМРО-ДПМНЕ се однесува конструктивно и покажа капацитет дека е спремна да разговара за многу прашања, поврзани со економијата, образованието, реформските процеси, интеграциите. Секогаш кога тоа е интерес за граѓаните, немам дилеми дека ќе седнам да разговарам. Но од другата страна недостасува волја. Во Собранието се носат законски решенија само колку да се заобиколи опозицијата, без дебата со едноставно притискање на копчето.  Знаете, демагошките расправи без резултати за големите прашања не носат подобар живот за граѓаните. Може до изутрина да разговара премиерот за тоа колку бил тој за соживот, колку имал демократски капацитет и колку бил бизнис ориентиран, но реалноста го демантира, а таа е поразителна, сите овие теми не им носат леб и подобра иднина на нашите сограѓани од Боговиње и Желино, или пак во Босилово и Моноспитово. Може да се каже со сигурност дека нивниот план за живот доживува фијаско, остана само на хартија или зборови без дела. Затоа на Македонија и треба нова надеж, нова енергија, нова генерација политичари кои ќе го оствариме сонот на нашата генерација за економски богата, и евроатлански интегрирана држава и, пред се, земја на среќни граѓани и за остварувањето на оваа цел имам и енергија, и сум убеден дека ќе успееме и подготвен сум да го дадам и последниот атом од мојата човекова молекула за да оваа земја добие иднина каква заслужува. Јас посакувам единство за сите крупни национални и државни прашања, но не сум убеден дека другата страна ја сваќа сериозноста на овие теми и нивната важност за иднината на нашата држава. Најверниот сојузник на ВМРО останува народот.
 

4. Со 35.000 амандани кои ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ за законот за употреба на јазици собранискиот спикер ве обвини дека целта е политичка и дека Ваша единствена цел  да се блокира Собранието и законот да не се донесе. Кој е Вашиот став по однос на ова прашање?

ВМРО-ДПМНЕ поднесе амадмани за законот за јазици, што е засебна точка,  но не ја блокираше работата на Собранието, што прави суштинска разлика. Или со други зборови претседателот на Собранието може да реди други точки на дневен ред и собранието со парламентарното мнозинство да работи и да одлучува по нив. Поднесовме амадмани затоа што се работи за закон спротивен на уставот и закон кој е тешко применлив во пракса. И кога разумот изостанува од власта, демократскиот отпор станува наша обврска. Најмалку десетина пати различни луѓе од ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваа на разум, ако се толку убедени во исправноста на нивното решение, зошто тогаш не прифатија тој закон да се повлече и да се доработи низ еден транспарентен процес во кој ќе беше вклучена опозицијата, МАНУ, претседателот на државата. Не прифатија затоа што сакат да протуркаат штетни решенија на мала врата.

5. Откако бевте избран за претседател на партија направивте одредени измени во составот на извршниот и централниот одбор на партијата, а во исто време се соочивте и со различни ставови од неколку пратеници во врска со повеќе прашања во партијата. И покрај тоа, се чини дека сте сплотени по однос на одлуката за бојкот на законодавниот дом, и присуство во Собранието единствено за расправата за закон за јазици?

Во Извршниот комитет има многу нови членови и млади луѓе со потенцијал, но и искусни луѓе кој дале многу за партијата. Имаме постојано ширење и она што ме радува многу нови луѓе сакаат да се вклучат во партискиот живот на ВМРО-ДПМНЕ и секој од нив носи свежина и свој квалитет. Што се однесува до пратеничката група одлуките таму ги носиме со консензус, заеднички став е засега да присуствуваме само на седницата каде ќе се раправа за законот за јазици. Тоа што може да се слушнат во извесни моменти различни ставови е потврда дека во ВМРО-ДПМНЕ има демократија и дека се одбираат најдобрите решенија за кои претходно дебатираме.

6. Во какви односи сте сега со Илија Димовски и Антонио Милошоски?

Јас имам коректни односи со нив. Тие се мои сопартици и соборци во борбата против оваа власт која демонстрира неспособност и води лоши политики кои ја движат државата во погрешен правец, отука добредојден е ангажманот на секој член на партијата. Ние имаме заеднички противник кој мора да биде поразен ако сакаме да се движи државата напред.

7. Во највисоките партиски тела одлучивте да именувате членови од реформаторите. Имавте ли предвид дека тоа ќе предизвика револт во членството?

Отворено ќе кажам, во ВМРО-ДПМНЕ има место за секој еден кој ја споделува нашата визија на силна и просперитетна држава, и кој е одлучен да се спротивстави на заедничкото зло изразено преку погрешните политики на владата и опостушувањето кое се спроведува во повеќе сфери. Ние не смееме да се ситниме туку да се окрупнуваме. Има место за сите.

8. Се консултирате ли за отворените партиски прашања со поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој сега е почесен претседател на партијата?

За поддршката и за амандманите би требало да одговори самиот Груевски. Ние имаме коректни односи иако подолг период немаме остварено средба, неговата главна преокупираност се науката и судските предмети кои се водат, а јас бев подолг период посветен на внатрепартиски прашања, а добар дел од времето, како што гледате, го посветив и на меѓународна активност и средби.

9. Што ќе преземете за да ја консолидирате партијата и повторно да ја донесете на власт?

Свесен сум дека секогаш кога СДСМ ќе направи некој непопуларен чекор или чекор штетен за државата очите се насочени кон ВМРО-ДПМНЕ затоа што народот има очекувања од партијата која секогаш е на страната на народот. И исто така слушам различни коментари дека некогаш сме биле млаки во реакциите, и свесен сум дека нетрпението кај народот и членството се зголемува поради неправдите кои ги прави Владата, но потребен е разум, но и стратегија. Нашиот народ знае да каже навидум тивката вода, брегот го рони. Всушност за некои процеси потребно е време, но едно е сигурно во секоја моја одлука Македонија е на првото место.
ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира новата влада во Република Македонија и тоа ќе биде победа на народот со кој заедно ќе се избориме за подобра иднина, за стабилна економија, за сигурна плата за граѓаните, за достоинствена шанса за сите. Мора да станеме држава која ќе понуди можности за реалниот човек. Во изминатиот период се посветив на внатрешно екипирање и тоа ќе продолжи во наредните неколку месеци. Сликата за ВМРО-ДПМНЕ се менува, ние сме модерна партија заоснована на силните традиции на оваа земја и со современи погледи за иднината. Во наредниот период ќе биде изгласан советот на Извршниот комитет и ќе биде формиран тимот на советници меѓу кој ќе има и луѓе со меѓународно искуство. Јас ќе посветам повеќе внимание на теренските активности и ќе ме има во општинските комитети, во градовите и селата на Македонија. Ќе понудиме и прецизен коцепт за иднината на државата и спас од сеопштата криза во која се наоѓа. На почетокот од годината не случајно реков, следете ме и ќе ја препознаете новата енергија која ќе донесе посигурна и посветла иднина.

10.Како ја оценувате актуелната економска состојба во земјава со оглед на веќе реализираните поскапувања и најави за нови покачувања на цените, зголемување на стапката на инфлација и реално намален број странски инвестиции?

Нема дела. Поминаа 9 месеци но владата нема дела. Нема ништо од животот кој го најавуваа и затоа велам нивниот план доживува фијаско. Замрени се странските инвестиции, а она што се најавува како ново се старите инвестиции донесени или договарани од претходата влада на ВМРО-ДПМНЕ. Еве да зборувам за бројките. Во 2016 година сме имале 316 милиони евра директни странски инвестиции, во цела 2017 година, без последното тромесечие бројката се движи едвај 50 милиони евра. Има пад на градежништвото од огромни 36,9%. Животот за граѓаните е поскап. Според податоците на ДЗС за индексите на трошоците на живот и цените на мало, во јануари 2018 трошоците за живот пораснале за 1,1% во споредба со јануари 2017 година, а малопродажните цени бележат пораст за 2,3%. Домаќинствата во Република Македонија благодарение на политиките на СДСМ денес трошат повеќе од пред една година, што дополнително ќе се одрази на нивниот животен стандард. Ова првенствено се должи на покачувањето на акцизата на дизел горивата од 3,5 денари, која ги зголеми трошоците за живот за течни горива за 12,7%, но и трошоците за транспортни услуги за 5,3%. Задолжувањето е загрижувачки исто како и трошењето на девизните резерви. Македонија се турка во бездна. Владата нема резултати, а граѓаните го плаќаат цехот. Купуваат време со разно-разни теми кои не се од првенствено значење за граѓаните, а Македонија е заглавена.

11. Откако ја завршивте посетата на САД продолживте на балканска турнеја. Каков впечаток добивте од средбите и какви пораки добивте?

За помалку од еден месец остварив посети и контакти на високо ниво во Брисел, потоа следуваше Будимпешта, Унгарија, посетата на Вашингтон и Њу Џерси, САД, а ја комплетирав со балканската агенда каде ги посетив Љубљана, Загреб и Белград и остварив контакти на највисоко ниво.Македонија има пријатели, а ВМРО-ДПМНЕ ги зацврстува своите пријателства и отвора нови канали за комуникација кои ќе бидат важни и за државата. Во САД освен присуство на молитвениот појадок, кој е во организација на претседателот на САД претходеа  бројни значајни средби за ВМРО-ДПМНЕ и за Република Македонија меѓу кој со копретседателот на Републиканската партија на САД, Падучик, заменик-помошникот државен секретар задолжен за Европа и Евроазија, Палмер, специјалниот советник на потпретседателот Пенс за Европа, Евроазија и Русија, Моли Монтгомери, со повеќе конгресмени и сенатори, со раководството на ИРИ, НДИ итн. Одвоив време и за средба со македонските иселеници и дијаспора која секако има своја голема важност за македонската држава. Плодна посета чија цел е јакнење на стратешкото партнерство со САД и потврдување на заедничкото пријателство, лобирање за интересите на Македонија и афирмирање на целта за членство во НАТО, како и воспоставување на контакти на ВМРО-ДПМНЕ, објаснување на нашите позиции по клучните прашања и пренесување на нашата загриженост за повеќе актуелни политички економски состојби во Република Македонија пред се поврзани со политичкиот терор, немањето на дијалог власт опозиција за повеќе клучни прашања и економската стагнација.

12.Дел од иселениците во САД на социјални мрежи јавно прашуваа што се случува со партијата затоа што на организираните настани сте биле придружуван од претставници од владејачката СДСМ? Дали е тоа Ваша порака дека за прашањата што се од национален интерес ќе имате заеднички став до СДСМ?

Луѓето од дијаспората си ја сакаат својата држава и подеднакво важно им е што се случува во Република Македонија. И да, на средбите со дијаспората имаше поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ и да, луѓе кои тврдеа дека гласале за СДСМ, но и дека откако им дале можност и виделе што се случува во државава се чувствуваат изневерени и сакаат оваа непогода побрзо да престане. И да, еден од тие луѓе е и Зоран Ивановски кој беше кандидат на СДСМ од дијаспорта, но со кого лично се познавам подолго време уште од факултетските денови.

13. Работни групи од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ интензивно работат на усогласување на изборното законодавство и на комплетирање на Државната изборна комисија, но во исто време неофицијално се брифира дека за клучните прашања како што е законот за јазици решение ќе се бара во меѓупартиски разговори на највисоко ниво. Може ли да се очекува единство по ова прашање со оглед на тоа што вашата партија поднесе околу 36.000 амандмани на законот, а пратениците од владејачката партија го поддржаа законот?

Посакувам постигнување на единство за да овој закон се повлече од процедурата и да се доработи низ транаспарентен процес во кој ќе бидат вклучени партиите, МАНУ и претставници од канцеларијата на претседателот на државата и релевантни експерти. Вака како што се нуди е неиздржано и штетно решение. Дали се има капацитет да се постигне решение останува да видиме и тоа, пред се, зависи од предлагачот, односно од владата.

20 февруари, 2018 - 13:39