Мицкоски:

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие поддршката од народот и ќе победи на предвремени парламентарни избори

Интервју на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за Радио Слободна Европа

Господине Мицкоски, од денешен аспект дали би играле поинаку во однос на вашиот став во однос на името, кој според дел од јавноста беше недефиниран?

Дали би играле поинаку од денешен аспект. Потврдата на ставот на ВМРО-ДПМНЕ и позициите на ВМРО-ДПМНЕ ако ме прашувате поврзан со Договорот од Преспа го кажа народот, народот го кажа на 30 септември дали позициите на ВМРО-ДПМНЕ беа исправни или не беа исправни. Со тоа што народот одлучи да молчи, затоа што како што во минатото некои политичари на СДСМ сакаа да кажат – некои прашања не заслужуваат одговор. Така што од оваа перспектива гледано можам да кажам дека го избравме правилниот пат, а тоа беше патот заедно со народот, патот на правдината, на честитоста, на вистината и патот на Македонија.

Народот одлучи да молчи, тоа е на некој начин бојкот, но вие пред референдумот не го искажавте ставот дека сте за бојкот на референдумот?

Вие ме прашавте за мојот став, јас на денот на референдумот на 30 септември го кажав мојот став - нема да излезам на референдумот и дека нема да гласам, односно прашањето вакво какво што е не го заслужува мојот глас.

 

 

Го поднесовте барањето за распуштање на  Парламентот и за предвремени парламентарни избори?

Да, точно. Барањето го поднесе пратеничката група, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“  во понеделникот.

Кој се се потпиша на барањето?

Триесет и тројца се потпишани. Двајца се отсутни службено, еден знаете дека се наоѓа на локација во Будимпешта и тројца да бидам попрецизен не го потпишаа барањето, иницијативата.

Зошто?

Треба да ги прашате нив зошто.

Кои се тие тројца што ги  споменувате што не се потпишани?

Не би сакал сега да ги именува. Триесет и тројца се сосема доволно и го исполнуваат правилникот, односно согласно, собранискиот деловник за работа, се сосема доволна бројка за да доколку се одважи владејачкото мнозинство односно, парламентарното мнозинство да таа точка ја стави на ред, јас се надевам дека многу скоро тоа ќе се случи за да можеме да ги исполниме законските критериуми, оставка на премиерот, техничка влада и организирање на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските.

Господине Мицкоски Договорот од Преспа јавно го поддржаа повеќето западни земји и сојузите кон кои што се стреми и Македонија, а и вашата партија. Сега ветувате дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи сè за да ги измени процесите кои произлегуваат од него. Подготвен ли сте да ги трпите последиците и за партијата и за државата од ваквиот потег?

Ги знаете Вие кои се последиците за партијата и за државата на тие чекори кои ние ќе ги направиме откако ние ќе ја добиеме довербата на граѓаните?!

Па Вие не ги прецизирате чекорите. Што подразбирате под ќе направиме „сè“?

Откако ќе ја добиеме довербата на народот, а ние ќе ја добиеме на следните предвремени парламентарни избори, се разбира доколку парламентарното мнозинство се одважи, ќе видите кои ќе бидат чекорите и ќе видите кои процеси ВМРО-ДПМНЕ ќе ги промени во иднина. Така што јас би бил навистина внимателен, ја разбирам потребата од откривање сензационализми предвреме. Но јас би бил внимателен навистина во чекорите кои се одат еден по друг, така што ајде најпрвин да видиме дали владејачкото мнозинство ќе се охрабри ќе се одважи, ќе се осмели да ја поддржи иницијативната на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Парламентот и распишување на предвремени парламентарни избори. Потоа втората интерација кадешто ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие довербата на граѓаните, формираме влада, па дури потоа ќе одиме чекор по чекор во процесите коишто ВМРО-ДПМНЕ ќе ги промени. И одма сега тука можам да ви дадам одговор и на второ можно прашање бидејќи не така одамна и тоа ми беше поставено – Дали ќе бидам премиер на Република Северна Македонија, јас и тогаш кажав, еве и сега ќе го повторам дека подготвен сум да бидам премиер и за мене секогаш ќе остане Република Македонија не сметајќи ја оваа историска грешка којашто ја направи владата на СДСМ и Зоран Заев заради лични и кариеристички цели.

Дали тоа значи дека ако дојдете на власт во однос на Договорот од Преспа, нема да го нема да го почитувате Уставот?

Ниту еден процес во историјата не е еднонасочен, сите процеси во историјата искуството вели дека биле реверзибилни. Прашање на време е кога повратната врска ќе се реализира. Така што важно е претходно да се случат некои други процеси, па дури потоа ВМРО-ДПМНЕ ќе може пред граѓаните на Република Македонија да го спроведе ова што ние денеска го разговараме и она врз основа на што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја гради идната своја политичка доктрина. Ние сме партија која што е непосредна, партија од народот, од граѓаните, партија која што е честита, искрена и принципиелна. Ние не можеме да ветуваме нешто што не можеме да оствариме. Ние не можеме истовремено да бидеме патриоти во топлинки дома пред компјутери и да пишуваме статуси на социјалните мрежи, ниту пак ќе зборуваме она што граѓаните сакаат да го слушнат. ВМРО-ДПМНЕ може да вети, јас можам да ветам дека откако ќе ја добијам довербата на граѓаните, ќе сторам сè што е во моја моќ процесите да ги изменам. За мене постоела, е и ќе остане Република Македонија, а сето ова останато го сметаме за историска грешка и тука немам што да додадам и што да изгубам.

Повторно може ли една поширока дефиниција, што подразбирате под ќе направиме „сè“. Дали тоа значи непочитување на Договорот од Преспа?

Ние може до задутре вака да си играме со прашањето што подразбирате откако ќе се случи тоа и тоа, но јас ви го дадов одговорот најпрвин треба да ја добиеме довербата од граѓаните, а потоа ќе бидете сведоци на сите чекори и на сите интерации коишто ВМРО-ДПМНЕ ќе ги направи во процесите кои следат. И ова не го зборувам како политиканство, ова го зборувам затоа што го мислам.

Се уште не се знаат кандидатите за Претседател на државата а вие тврдите дека ќе победите на изборите. Од каде сте толку сигурен кога не се знаат кандидатите ниту од една страна на претседателските избори.

Темелна анализа правиме, ги антиципираме сите можни чекори на нашиот политички противник се разбира и врз основа на целокупната таа навигација која што ја добиваме од граѓаните на теренот, нашите општински комитети од анкетите, јавното мислење кое што го мериме телефонско но и теренско јас сум убеден дека она кое што е расположливо во јавноста како имиња од нашиот политички противник а врз основа на информациите кои што ние ги имаме бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е голема организациона структура и добиваме голем број на информации се разбира затоа што вие не можете на чувства да темелите ниту стратегија ниту политика јас сум убеден дека делегатите на конвенцијата на 16 февруари ќе го изгласаат најдобриот предлог кој што ќе понуди најдобра програма пред граѓаните на Република Македонија и ќе ја заслужи нивната доверба за иден претседател на Република Македонија. Имајќи го предвид искуството во минатото и целокупните оние лаги и лажни ветувања што СДСМ како политичка партија ги даваше јас не очекувам ништо поразлично и од понудата која што нивниот предлог ќе ја престави пред граѓаните. Самиот факт што СДСМ е реактивна во овој  процес  односно чека најпрво ние како опозиција да го кажеме името на нашиот кандидат на 16-ти а дури две недели потоа они доволно говори дека се спремни за убедлив пораз.

Сметате дека со ваков  став пред се за договорот од Преспа ќе победите на какви било избори претседателски или парламентарни?

Тоа е еден дел од програмата која што ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот односно предлогот на ВМРО-ДПМНЕ претпоставувам ќе ја претстави пред граѓаните но и те како има други теми за кои што исто така ВМРО-ДПМНЕ ќе ги претстави пред граѓаните и пред гласачите и навистина јас очекувам дека таа поддршка ќе биде масовна визави поддршката која што ќе ја има предлогот на СДСМ.

Меѓународната заедница и европските дипломати инсистираат ова да биде година на реформи а не година на избори. Сметате дека треба да се оди на избори а за сметка на тоа да се запостават реформите потребни за евроатланските интеграции?

Инсистираме на предвремени парламентарни избори бидејќи Зоран Заев сака да ги украде претседателските избори.

Имате докази за тоа?

Па гласање 2,4 секунди, и до сега не е процесирана ниту една кривична пријава која што е поднесена од ВМРО-ДПМНЕ поголем доказ зарем треба да кажам?  Кој на нас ќе ни гарантира дека повторно во определени изборни места нема да имаме гласање за 2, 4 секунди, кој на нас ќе ни гарантира дека на 50-60 изборни места ќе имаме излезеност 98%, физички луѓето не се наоѓаат таму. Кој ќе ни гарантира, имаме ли некакви гаранции,  немаме еве просто ќе ви кажам. Може да гарантира само техничка Влада а техничка Влада можеме да имаме само доколку имаме парламентарни избори во случајот тие избори мора да се предвремени.

Господине Мицкоски сте разговарале со ДУИ за нивната идеа за консензуален кандидат за претседател или со која било друга партија на Албанците за меѓусебна поддршка?

Нашиот став е дека претседателски кандидат,  односно претседател на Република Македонија треба да биде предлог кој што ќе биде обединител, односно еве да речеме татко, мајка на сите граѓани. Ако тргнеме по таа логика тогаш еве да разговараме и со Србите, Ромите, Турците, Бошњаците.  Зошто,  тие се граѓани од втор и трет ред во оваа држава? Сите ние сме  граѓани во оваа држава и токму поради тие причини ние треба најпрвин да ги почекаме резултатите  пред било што да  поларизираме. Ние сме поделено општество како никогаш досега. Двата етникума, вклучително и политиките на Зоран Заев до таа мерка го поделија општеството , што никогаш порано Македонија не се наоѓала во една ваква алармантна ситуација. Јас сум свесен дека Зоран Заев нема дополнителни адути за ниту овие претседателски избори, ниту за предвремени или редовни парламентарни избори. Нему сега му е Македонија во раката и Македонија ја става на маса како залог. Да не биде дека не сме кажале, предупредувавме и за Тиранската  платформа, предупредувавме и за ова што се случуваше со името, сега ќе предупредиме и за тоа што тој го има како адут во овој момент, а тоа е Македонија.

Вашиот актуелен  почесен претседател, Никога Груевски е во Унгарија и не доаѓа на работа во Парламентот.  Од друга страна зема плата од буџетот на Република Македонија, сметате дека треба да зема плата во услови кога не доаѓа на работа?

Јас сметам дека треба да се почитуваат законите и процедурите во оваа држава, бидејќи Македонија во последно време наликува на се само на правна држава и држава во која што владее правото и Уставот.  Така што се што е поврзано со законите треба да биде испочитувано. Доколку законот не дозволува да пратеник кој што е подолго време отсутен зема надомест, се разбира дека не треба да го зема тој надомест, доколку дозволува согласно законот, апсолутно стојам зад тоа што е пропишано во законот. За мене повеќе ме загрижува тоа што вицепремиерите во услови на тешка сиромаштија во оваа држава си ги зголемуваат своите примања за 8.000 денари. Луѓето кои што до пред некој месец по различно меѓу себе се пушкараа по медиумите дека овој оди на работа, оној не оди на работа. Тоа е многу поалармантно за мене.  Поалармантно за мене е што се покачени даноците,  што им се закинува на пензионерите, што се малтретираат овие пазарџии  по пазарите. Поалармантно за мене е што нема студентски град, што нема зголемени стипендии,  што нема зголемени плати за јавната администрација. Тоа се работи за копи што ние треба да дискутираме. Ние можеме за Никола Груевски од сега да почнеме и да збориме до задутре, но тоа нема да ги реши овие проблеми.

 

3 февруари, 2019 - 11:57