Мицкоски за „Независен“:

Со уставните измени стануваме бинационална творба

Интервју на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за порталот Независен

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски стравува дека со најавените уставни измени, покрај менувањето на името, ќе дојде и до редефинирање на државата со што Македонија ќе стане бинационална творба. Покрај тоа, изразува сомнеж дека премиерот Заев договорил нова бенефиција за албанската заедница во пресрет на претседателските избори. Повторува дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е непроменлив: тие се против договорот со Грција, но остава секој од граѓаните да размисли како ќе постапи. Во интервјуто за „Независен“, Мицкоски вели дека потпретседателот Митко Јанчев делува согласно нивната стратегија, а не против него лично. Уверен е дека тие што ќе апстинираат и тие што ќе гласаат „против“ договорот со Грција ќе бидат побројни од оние што ќе гласаат „за“.

Јавноста со месеци го очекуваше партискиот став во однос на референдумот. На крајот, иако вашиот став се наѕираше од последните излагања, остана впечаток дека не собравте храброст да се изјасните прецизно. Не ли сметате дека како лидер на една од двете најголеми политички партии во земјава требаше да имате јасен став за ова исклучително важно прашање?

- Овде не се работи за храброст туку за сериозност и за значењето на самото прашање. Се работи за тема која е надпартиска и значајна за нашата земја, прашање со кој се опфаќа нашиот идентитет, историја и традиција, кое практично го дефинира нашето опстојување и препознавање во светот. Токму затоа ние вршевме консултации со граѓаните, имаше расправа во Централниот и во Извршниот комитет и со пратеничката група. Заеднички беше тоа што оценивме дека овој договор е штетен и неприфатлив, дека се познати сите аргументи кои говорат за неговото штетно влијание и, врз основа на сето ова граѓаните сами да одлучат по сопствено убедување како ќе постапат. И овој став е јасен, многу појасен од онаа медиумска армадила на власта, која корумпирајќи сѐ пред себе, наметнува лажен впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ нема став. Тоа што имаме став кој не им се допаѓа, не е исто и со немање на став, ниту пак ќе се случи СДСМ нам да ни наметнува став и, среќа, што тоа не е така. Ние сме против промена на Уставот со цел промена на уставното име. Но, ајде да погледнеме и од другата страна, од страната на премиерот и неговата свита и да видеме кој е нивниот став. Тие имаат позиција градена врз лаги и манипулации. Велат биле за европска иднина на Македонија, а на маса имаме договор за промена на името во Северна Македонија. Па велат дека здравството во ЕУ ќе било бесплатно, а половина Грција што е членка на ЕУ - се лекува во Гевгелија, Битола или Охрид. Или, пак, она дека имало бесплатно образование. Еве, јас дел од своето образоваие го имам стекнато во Германија и во Италија и ќе ви кажам, не е така, образованието се плаќа. Така што кога ќе погледнете, единствено јасно во ставот на власта е дека поддржуваат штетен договор за промена на името и ништо повеќе. Еве нека излезат и нека кажат за колку години ќе биде нивната светла иднина? По 15, 20 години...? Нека бидат попрецизни. Со ваков начин на работа на владата, ЕУ станува невозможна мисија.

Што се однесува до ставот на ВМРО-ДПМНЕ, не гледам во моментов друг поголем субјект кој има појасен став во однос на договорот со Грција и кој погласно го кажува. Со сопствени сили и средства одиме низ градовите и сме заедно со народот во моменти кога повеќето кои би важеле за општествени авторитети по линија на помал отпор, веројатно за некакви лукративни цели или притисоци, а на штета на националните и државни цели, се раководат по онаа народната 'наведната глава сабја не ја сече'. Ние имаме обврска кон огромното мнозинство на граѓани да ги кажеме работите такви какви што се, а тие се поразителни за власта.

Одбегнувате да одговорите дали вие лично ќе излезете на гласање и велите дека тоа ќе се знае на 30 септември. Дали тогаш некому воопшто ќе му биде важно како ќе постапите, особено што изјавите на политичарите мора да се објават по завршувањето на гласањето?

- Судејќи по изјавите на власта, нивната заинтересираност, како и заинтересираноста на дел од медиумите кои некритички ја следат работата на власта, не би рекол дека е сеедно. И наметнувањето на самата таа дилема, за која веќе сум дал одговори и не би сакал да се повторувам, на извесен начин преставува обид за дефокусирање од она што навистина се случува. Знаете ли што во овој момент е вистински важно, покрај договорот со Грција и референдумот? Тоа се уставните амандмани кои власта ги наметнува, но ги крие од јавноста, и јас би бил навистина среќен кога медиумите повеќе би се позанимавале со нивната содржина, бидејќи таму се крие пандорина кутија не само на промена на Уставот со цел преименување, туку и редефинирање на државата. Треба Заев и власта да одговорат дали има нешто плус што се крие во нив и дали практично власта ќе ги чести соседите со нешто дополнително што сега не го соопштува. Бидејќи станува збор за Уставот, еве нека кажат дали можеби ќе има и некоја дополнителна измена која ќе биде исполнување на уште некое барање кон втората по големина заедница во пресрет на претседателските избори во државата. Дали покрај менување на името следува редефинирање на државата во бинационална творба?

Постојано напоменувате дека сте за ЕУ и за НАТО, но има ли ВМРО-ДПМНЕ стратегија како да постапува доколку договорот со Грција не помине на референдумот, а подоцна и во Собранието?

- На вашето констатирачко прашање би одговорил со контрапрашање, дали вие реално мислите дека доколку биде успешен референдумот и доколку повеќето се изјаснат 'за' - веднаш ќе влеземе во Европската Унија? Па оваа влада имаше година и пол, не доби датум за преговори, а со темпото на работа на владата патот до Европската Унија ќе биде сличен на оној со Турција каде вечно ќе бидеме во чекалницата. Супер изгледа розевата слика на екраните и скапите реклами платени со народни пари, но тој сон во реалноста го нема. Ако пред парламентарните избори лажеа дека ќе дошол живот, сега лажат со работи и зборат за време кое ќе дојде, под услов сѐ да се одвива перфектно (што ви велам дека нема се случи), за период од 20 или 30 години. Сега нам ни се потребни резултати, а не да имаме нови загубени животи. Колку животи треба да потрошиме за да дојде подобро време? Мојата прогноза е дека референдумот нема да успее, бидејќи граѓаните не го одобруваат договорот, а за тоа е виновна власта. Целокупната политика на власта доживува дебакл, и овие денови практично тие се соочуваат со реалноста која покажува дека народот го отфрла со сила натурениот договор, нешто на што предупредував. Во таква една состојба оваа недела, власта и медиумските мегафони влегуваат во сценарио на наоѓање на виновници за тој нивен крах, односно сценарио за префрлање на вината, бидејќи вложени се пари, даден е зборот, но нема резултати, бидејки народот не наседнува на нивните лаги. Оваа е недела на лов на виновници, па затоа наутро ќе слушнете дека лошото ВМРО-ДПМНЕ има комитети за бојкот, веќе вечерта ќе чуете дека имало некаков раскол или нешто слично, невистина до невистина. Затоа сега интензивно ќе се трудат вината за пропаѓањето на политиките да ја префрлат на ВМРО-ДПМНЕ, кое мора да биде виновно за нивниот неуспех. Но, сега не е ниту 27 април 2017, ниту 2016 година, сега сме септември 2018 година и ВМРО-ДПМНЕ никако не може да биде виновна за неуспехот на нивниот договор. За тоа единствено е виновен Заев, кој го потцени народот.

Дали партијата ќе ги поддржи уставните промени доколку се исполни цензусот на референдумот и повеќето од граѓаните гласаат „за“?

- За да помине референдумот треба да излезат над 900 илјади граѓани и повеќето од нив да гласаат 'за'. Ако тоа се случи, нешто во што не верувам, тоа ќе биде волјата на народот. И, јас немам намера да одам против неа. Не можете да велите дека сте демократ, а да не ја почитувате волјата на народот, но воедно очекувам и доколку не биде успешен - тоа да го почитува власта. Го слушам Никола Димитров пред некој ден кажува дека без оглед на тоа каков е референдумот, уставните амандамни ќе ги прателе во Собрание. Почекајте малку, тоа така не оди. Како ќе праќаат амандмани, а народот не се изјаснил за договорот кој значи себепрекрстување? Какво е ова множење со нула на народот? Па ако е така, еве Димитров и Заев нека владеат доживотно, нека нема избори. Но, не е така. Од друга страна, дали е ова најава дека власта знае оти договорот нема да има зелено светло од народот и сега се обидува да го прескокне? Зошто тогаш трошеа милиони за да ги убедуваат граѓаните во нешто што е штетно? Неуспешен референдум ќе значи дека договорот не поминал. Тоа јас не го велам, тоа го вели законот. И тука извртувања на тезата која ја прави Димитров не држи, од типот ќе одлучуваат само оние кои ќе излезат. Ова не е држава само на тие кои излегуваат на гласање, ова е држава на сите граѓани. Втора работа, ако одиме по тој принцип, да учествуваат во одлуките оние кои гласаат, тогаш ајде да ја вратиме и територијалната организација пред референдуот во 2004 година. Мнозинството граѓани не ја поддржа новата територијална организација, која сепак стапи во сила, а токму потпретседателката Радмила Шекеринска беше таа која велеше некои прашања не заслужуваат одговор.

Во Македонија секој ден доаѓаат странски државници чија порака е унисона - поддршка на Договорот од Преспа. Дали ВМРО-ДПМНЕ ризикува да биде оценета од европските партнери како партија која не може да го препознае европскиот наратив?

- Не би се согласил со вашата констатација. ВМРО-ДПМНЕ во својата суштина и во формата на делување е прозападно ориентирана и залудни се обидите за лепење на било какви други етикети. И ќе кажам дека е добредојдена поддршката која ја даваат странските партнери кон евроатлантските интеграции на земјава, сепак, тоа се стратешки цели кон кои се стреми и нашата партија. Да ги погледаме работите од нивна перспектива: се постигна договор после долгогодишен спор и нормално е тие да го поддржат тоа, но суштината е што ние како граѓани на оваа земја треба да живееме со тој договор. А што е реалноста? Реалноста е промена на име, идентитет и јазик. Самата тема за ориентацијата на ВМРО е наметната од страна на власта. И ова ќе биде тема со која ќе се дефокусира јавноста, но нема да биде тема што власта прави груба злоупотреба на деца во кампања, што е кривично дело, а притоа никаде го нема ниту ОЈО, ниту народниот правобранител. Што се трошат илјадници евра државни пари за кампања. Притоа, исто така, нема да биде тема ниту тоа што премиерот бега од дебата за најважното прашање, оти ако не дебатираме за договорот - за кое друго прашање ќе дебатираме? Човекот не го пуштаат на дебата, зошто посигурно му е да одговара на наместени прашања на неговите трибини. На ТВ-дуел ќе мора да одговори за името кое се сака да се смени, за идентитетот, за криминалот кој се прави на дневна основа.

Од доаѓањето на функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ испраќате порака за обединување на членството, но место тоа потпретседателот Митко Јанчев се изјасни дека е против партискиот став за референдумот. Според новиот статут што се подготвува, ќе се санкционира секој што во јавноста ќе излезе со став поинаков од веќе донесениот во рамките на партијата? Што е подобро за партијата - железна дисциплина или идејна разноликост која има една цел?

- Ќе ве корегирам, ставот на Јанчев, исто како и ставот на Антонио Милошоски се движи во рамките на партискиот став, а заедничко е што тие се против договорот со Грција и го сметаат за штетен. ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија и секако дебатата за различни теми е посакуван елемент од внатрепартискиот живот. Што се однесува до статутот, ве уверувам дека тој ќе ги содржи најдобрите практики кои ќе помогнат во дејствувањето на партијата.

Се забележува дека ВМРО ДПМНЕ е неуверлива и не верувате дека договорот ќе помине на референдум. На што ги темелите вашите проценки?

- Велат дека ВМРО-ДПМНЕ била неуверлива за да нѐ потценат, секој ден кога ни се закануваат - отвораат случаи со кои рафално нѐ критикуваат. Демек нѐ имало вакви и такви, неконструктивни и конструктивни, пријатели, непријатели... но еве сега влегуваме во финишот, а ставот на ВМРО-ДПМНЕ изразен низ бројките на референдумот ги опфаќа сите незадоволни од договорот: значи оние кои ќе седат дома, но и оние кои ќе гласаат против. И што мислите, на крај од денот кои ќе бидат повеќе? Од една страна оние кои се за договорот или од друга страна оние кои ќе одлучат да се спротивстават молчејќи и оние кои ќе гласаат против? Јас мислам дека се побројни оние што се против договорот и ве уверувам во тоа. ВМРО-ДПМНЕ останува со народот.

26 септември, 2018 - 14:28