Со работливост, упорност и посветеност од Центар ќе создадеме функционална и здрава општина

Зошто од успешен спортист и човек кој оставил белег во спортот, одлучивте да се занимавате со политика?

ЈОВАНОВСКИ: Роден и пораснат сум во Центар, и секој еден дел од општината ме поврзува со одредено време од мојот живот,  во делот на образованието, спортот, друштвото, дружењето и слично. Оттука, сакам да бидам дел од еден континутет на создавање на услови за подобар живот  во општината за сите нас, за нашите деца за нашите внуци.  

Обично велат дека од политиката тешко се излегува чист. Не стравувате ли заради политиката дека можете да ја засените вашата успешна спортска кариера?

ЈОВАНОВСКИ: Во спортот правилата се јасни и секој се стреми да го даде својот максимум. Во тоа бев успешен.

Јас сум дипломиран правник на универзитетот  Св. ,,Кирил и Методиј,, и се чуствувам способен, со доволно позитивна енергија, комплетно да се вложам во предизвиците кои ме очекуваат во водењето на Општина Центар. Станува збор за црти од мојот карактер во насока на работливост, упорност, посветеност, транспарентност и чесност во носење на одлуките, секогаш поткрепени со аргументи. 

Мојата цел е реализирање на нашите проекти и враќањето на функционалноста на Општината која треба да биде вистински сервис на граѓаните и која ќе биде отворена и достапна за секого.

Дали битката за центар е и битка за поддржувачите на „Работнички“. Двајца противкандидати на политичката сцена, а во спортските сали на исти страна?

ЈОВАНОВСКИ: КК Работнички е светол момент на нашата општина. Јас сум дете на Работнички и сум му благодарен на клубот што ми овозможи да станам професионален кошаркар, со што го исполнив својот сон. Работнички секако ќе биде подржан од секој аспект, вклучително и реконструкција и модернизирање на салата  Градски парк.

Исто така, ќе поведеме сметка да обрнеме доволно внимание и подршка на сите останати спортски клубови од сите спортови, во однос на нивното секојдневно функционирање.

Што за Вас е приоритет за општина Центар?

ЈОВАНОВСКИ: Генерално нашите проекти можеме да ги поделиме во неколку групи - зеленило и хигиена, инфраструктурни и сообраќајни  идејни решенија, урбанизам, образование,  како и решавање на проблеми кои засегаат одделни категории на граѓани, како на пример млади, пензионери, лица со посебни потреби, сопственици на миленичиња и слично.

Здравата животна средина, хигиената, релаксираниот сообраќај, со други зборови – приоритет е да го направиме Центар  мирно, здраво, хумано и пријатно место за живеење и работење.

Како според Вас најсоодветно треба да се реши сообраќајниот метеж, особено во Дебар Маало  и строгиот центар на градот?

ЈОВАНОВСКИ: Во делот на решенијата кои ги нудиме, а во насока на релаксирање на сообраќајот, предвидуваме изградба на пет нови монтажни гаражи, воведување на нови пешачки зони и патеки, нови велосипетски патеки, како и обезбедување на достапни и безбедни тротоари за граѓаните. Сето ова, на писмено ќе го ставиме во нашата Студија за развој на сообраќајот, наменета за периодот 2018-2028 година.

Хигиената, воздухот... Центар во некои периоди од денот во некои месеци како да не е „срцето“ на метрополата. Постои ли план за почист Центар?

ЈОВАНОВСКИ: Планираме поставување на контејнери за примарна селекција на отпадот,  ќе воспоставиме рециклирачки центри и собирни пунктови каде ќе се складира селектираниот отпад, а најмалку 50% од постоечките контенјери ќе бидат заменети со подземни.  Ќе ги реконструираме постоечките и ќе изградиме нови паркови, зелени површини и блоковското зеленило. Предвидуваме воведување на гасификација на Општина Центар, во соработка со Владата на Р.М и градот Скопје, при што ќе се овозможи користење на еколошки чист енергенс кој дополнително не ја загадува животната средина, а ќе влијае врз пониски трошоци за корисниците.

10 октомври, 2017 - 15:41