Лука Кржалоски од УМС на ВМРО-ДПМНЕ:

Новата визија која ќе ја понудиме ќе биде од младите за младите

Интервју на Лука Кржалоски, Претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ за порталот fakulteti.mk

Претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Лука Кржалоски, кој го води подмладокот на опозицијата речиси два месеца, вели дека сака да бидат активно вклучени во носењето на законот за млади 

Во Македонија е отпочнат процесот на креирање закон за млади. Според најавите, тој ќе ги третира нерегулираните аспекти кои се од значење за подигнување на квалитетот на живот на младите, младинското учество и организирањето на локално и на национално ниво, младинските политики... Каков закон ни е потребен, во каква атмосферата живеат и работат младите во земјава, како да ги задржиме и што треба државата да направи за да им го подобри животот? Ова се прашањата за кои одговор побаравме од Лука Кржалоски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. 
 

Тој го води подмладокот на опозицијата речиси два месеца и вели дека сака да бидат активно вклучени во носењето на овој закон. 

- Со оглед на тоа што процесот е во почетна фаза, како претседател на УМС, сметам дека е добро да се отпочне процес на широки консултации за содржината на законот за млади. На предлог на УМС, Владата на Република Македонија уште во 2011 година водеше процедура за донесување закон за млади. Таквиот закон требаше да им овозможи зголемени права на младите луѓе во Македонија. За жал, поради политички причини поттикнати од различни центри, таквиот закон не беше донесен – вели Кржалоски. 

Каков закон за млади ни е потребен? 

 - Законот треба да нуди решенија кои ќе ги гарантираат правата на младите, ќе овозможат и ќе поттикнат нивно слободно здружување и ќе ги регулираат одговорностите на институциите на системот во врска со младите луѓе. Како политички подмладок кој секогаш силно ги бранел интересите на младите, се залагаме за инклузивен и широк консултативен процес, во кој сите млади што имаат свој став по повод регулирањето на нивните права ќе можат да си го кажат своето видување. Се надеваме дека Владата и засегнатите институции и организации нема да посегнат кон затворање на процесот на донесување на овој и тоа како важен закон во која било негова форма. Законот не би смеел да дозволи монополизација на младинското здружување и влијание само од одреден извор на моќ и финансии, туку мултивалентност, слобода и соработка во здружувањето.



Какви предлози испрати Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ за овој предлог-закон? 



- Имено, Законот за млади е во процес на јавна расправа при што повеќе општествени чинители како политички партии и младински организации даваат предлози и го кажуваат својот став, за тоа како би требало да изгледа финалната верзија на овој закон, кој треба да биде инклузивен за сите. ВМРО-ДПМНЕ се вклучи во тој процес, и јас како претседател на Унијата на млади сили имав свое обраќање во Собранието на Република Македонија, каде што ги кажав нашите ставови. Како најмногубројна младинска организација во државата, ние сме подготвени активно да придонесеме во овој процес со наши претставници, гледишта и мислења, дискусии и предлози, за да постигнеме едно квалитетно решение кое ќе биде за доброто на сите млади во државата. Им стоиме на располагање на Собранието, другите државни институции, како и невладините организации, за учество на секаков вид работни групи кои ќе придонесат за поквалитетен закон за млади. 



На Република Македонија ѝ е потребен закон кој ќе го поттикне, овозможи и поддржи здружувањето на младите и само организација на сите нивоа од локално, па до централно ниво, ќе даде законски простор и модус за финансирање на сите облици на здружување на младите, ќе утврди мерки и препораки поврзани со младите и младинските активности, ќе го зајакне учеството на младите во носењето одлуки, јавниот живот и нивното информирање на сите нивоа, ќе ги поттикне волонтерството, младинските активности и младинските работи,како и закон кој ќе ги гарантира недискриминацијата, солидарноста и етиката во сите активности кои се однесуваат на младите. 



Едни од најгорливите проблеми на младите денеска се невработеноста и беспарицата, поради што многумина не гледаат иднина во оваа земја. Тоа е и причина за миграцијата во странски земји. Како, според Вас, може да се спречи тоа? 



- Само квалитетно осмислени економски мерки и креирање услови за секој еден млад човек да може да остане да живее и да гради кариера тука во Македонија можат да придонесат младите да гледаат иднина во државата. Потребни се реални мерки, не само декларативни заложби. Оваа Влада даде голем број ветувања и ги поттикна очекувањата кај младите, но како поминува времето, во секојдневното живеење не гледаме дека се остваруваат, и разочарувањата кај младите се оправдани. Се зборуваше за 600.000 иселени од државата. Сега помина една година, не гледаме дека нешто посебно се менува, трендот на иселување не само што е ист, туку и се зголемува. Тоа е така затоа што само се зборува, а не се работи. Не се презема ништо конкретно, а на младите се гледаше само како на гласачи лесни за манипулација. 



Во наредниот период Унијата на млади сили ќе понуди конкретни политики и проекти во кои ќе може да се пронајде секој млад човек. Токму поради тоа што младите се мотор на едно општество, на нас останува иднината, ние тоа го знаеме и сакаме да понудиме реални решенија за проблемите на младиот човек. 

 

 



Унијата на млади сили секогаш била место од кое произлегувале квалитетни идеи и решенија. Пример за тоа е и одлуката на актуелната власт, која во недостаток на свои идеи продолжи дел од успешните проекти на претходната Влада, мерки и политики и истите ги примени. Како такви би ги навел математичката гимназија, која е од исклучително значење за продуцирање на квалитетни кадри во природните и техничките науки, како и субвенциите за музички инструменти, мерка која што произлезе од средба на претставници на Унијата на млади сили со млади музичари. 



Таканаречениот одлив на мозоци, односно иселувањето на млади, паметни луѓе кои економска перспектива и кариерен развој бараат на друго место е исто така голем проблем. Заминуваат млади инженери од техничките и компјутерските области, медицинските науки... Тешко дека ќе ги вратиме, но како да ги мотивираме другите да останат? 



- Иселувањето кај младите е тренд кој е особено застапен во целиот регион на Југоисточна Европа и ние сме свесни дека претставува предизвик за секоја Влада, како во моментов така и во минатото. Лично сметам дека за да мотивирате еден млад човек кој со своето образование припаѓа во струка како што се техничките и компјутерски инжeнери или лекарите вие мора да понудите систем во кој младите ќе се стимулираат да работат повеќе, а со самото тоа и да напредуваат и да се надградуваат. Не може да очекувате млад претприемач или иноватор да остане тука, ако во исто време ги зголемувате даноците и го казнувате затоа што е по продуктивен. Младите бараат еднакви услови за сите и ние како држава мора тоа да го гарантираме. Ние ќе понудиме фер услови за сите и квалитетен концепт со голем број на мерки. Мора да создадеме предуслови според кои тие што се посветени на работата, што се попродуктивни, иновативни и преземаат ризици да се чувствуваат почитувани и мотивирани да продолжат да го прават она во што се најдобри. 



Младите во помалите градови и во руралните средини речиси и да немаат услови за културно-забавен живот. Какви мерки предлагате за заживување на овие места?

 

- Како подмладок на ВМРО-ДПМНЕ се залагаме за рамномерен регионален развој. Сепак тенденциите на миграција од село во град се започнати од средината на минатиот век со почетокот на забрзаната индустријализација, за жал во руралните средини и малите градови допринесе за замирање на животот. Како партија сме предлагале мерки и проекти за заживување на помалите градови и рурални средини, а во моментов заедно со општинските комитети работиме на новата визија во кој ќе се предвиди збогатување на културно забавниот живот насекаде. Во следниот период ќе оствариме средби со голем број на млади од сите краеви на Македонија и би сакал да упатам апел, доколку некој има идеја за тоа како може да се подобрат условите за младите преку општинските комитети и комисиите да не контактира и да размениме мислење, да најдеме заеднички предлог решенија и истите да ги понудиме во новата визија. Новата визија која ќе ја понудиме ќе биде од младите за младите.



Што вие, како Унија на млади сили, правите за младите во оваа земја? 

 

- Во почетокот на мандатот на владата која ние ја предводевме беше намалена партиципацијата за студирање на државните факултети, со што студирањето од привилегија го направивме достапно за секој млад човек кој сака да учи, тоа да може да го стори. Дополнително во изминатиот период имавме голем број на проекти, кои произлегле од Унијата на млади сили и биле реализирани за општо добро на младите, како што се бесплатниот автобуски превоз за студентите во Скопје, проектите за спортските сали низ државата, големиот број мултинаменски спортски терени во секое маало, почеток на реновирање на студентските домови, односно се реновираа два блока во студентскиот дом „Гоце Делчев“ и се изградија нови простории во „Стив Наумов“, се зголеми бројот и износот на стипендиите и многу други проекти. Во постојан контакт сме со младите и гледаме кои се потребите на младиот човек. Потребна е поголема соработка на факултетите со приватниот сектор, со што на младите ќе им се нуди поголема достапност на пракса и на работни места и можност за вработување.

14 мај, 2018 - 11:13