Ѓорчев:

Народот е незадоволен, оваа гарнитура треба да си замине што поскоро

Интервју на Владимир Ѓорчев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за порталот Прес 24

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја гледа оваа 2019 година, како голема надеж и за Македонија, но и за своето позиционирање на политичката сцена, како идна владејачка партија. Претстедателските избори се првиот тест. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, во интервју за Прес 24 вели дека на Македонија и треба Претседател кој ќе донесе нова надеж.

- Важно е нашиот претседателски кандидат да биде личност околу која ќе се собира опозиционото и растечко незадоволство кон власта на Заев и СДСМ. Ни треба личност која што може да го артикулира тоа незадоволство и личност која што ќе донесе нова надеж во Македонија. Убеден сум Македонија ќе го каже и даде одговорот на владиното фијаско на секое поле за време на претседателските избори, вели Ѓорчев во интервјуто за Прес24.

Албанските гласачи како важен фактор во претседателските избори, според Ѓорчев веќе се свесни дека од ветувањата на власта нема ништо.

- Албанците секојдневно се разочаруваат од политиките на Зоран Заев и неговите министри. Многу се вети, а ништо конкретно не се исполни. Последниве недели тоа го повторив повеќе пати во Собранието. Голем број на Албанци на социјалните мрежи ми даваат поддршка и се согласуваат со моите оценки. Во наредниот период уште повеќе ќе зборуваме за лажните ветувања на Заев и СДСМ кон Албанците, затоа што Заев и власта нив ги излажа исто како Македонците и сите останати, вели Влатко Ѓорчев во интервју за Прес24.

 

ПРЕС24:  2018, веројатно беше една од најдинамичните на политички план. Како Вие ја оценувате оваа година?

ЃОРЧЕВ: Ова апсолутно беше лоша година за Македонија. Без поддршка од народот се премина на промена на уставното име Република Македонија, а целиот процес беше прилично насилен и со отворени уцени кон пратениците. Економските состојби се лоши и секојдневно се влошуваат. Истовремено, ВМРО-ДПМНЕ се консолидираше и претставува водечка партија во државата, околу која се собира растечкото опозиционо расположение, кое станува доминантно во државата.

ПРЕС24: Опозициските оценки во основа се темелат на критики кон власта, но ако се направи пресек каде најмногу грешеше власта, дали е тоа политичкиот или економскиот сектор?

ЃОРЧЕВ: Двете. Со невидена леснотија се рушеа македонските позиции и црвени линии кои беа градени 200 години. Народот јасно порача што мисли за сето тоа со фијаското на референдумот од 30-ти септември 2018 година. Економски Македонија е земја со убедливо најмал раст на БДП во цела Европа. Сведоци сме на невидено иселување и егзодус од Македонија. Тоа доволно зборува за сите политики на владата на Заев и неговите 30 министри.

ПРЕС24:  Каква беше 2018 за ВМРО-ДПМНЕ. Веројатно по десетина години стабилност на партиското ткиво, оваа година се случаја серија внатрепартиски потреси, исклучувања од партијата, поделби...?

ЃОРЧЕВ: ВМРО-ДПМНЕ се консолидираше и веќе се гледа трендот на засилена поддршка од јавноста, заедно со постепено преземање на првото место во анкетите. Христијан Мицкоски како претседател на партијата вложи голем напор, во доста тешки околности за државата и партијата. Затоа треба да му се даде признание и поддршка. Очекувам да се засилува поддршката за ВМРО-ДПМНЕ затоа што секојдневно расте незадоволството од власта на СДСМ и потезите на Заев.

ПРЕС24: Дали следната 2019 ВМРО-ДПМНЕ е консолидирана и подготвена да влезе во претседателската трка?

ЃОРЧЕВ: Да, интензивно се подготвуваме за претседателските избори. Наредниве недели ќе почне целата процедура и после тоа ќе го имаме претседателскиот кандидат. На една страна ќе ја имаме власта со своите секојдневни автоголови и офсајди, со скандали и лажни ветувања, со разочарувања кои секојдневно ги гледаме, а од друга страна ќе биде ВМРО-ДПМНЕ со мнозинството граѓани на Македонија кои се разочарани, но силно мотивирани да си ја вратат државата.

ПРЕС24: Дали претседателскиот кандидат ќе се бира од редот на партиските членови, или пак во игра е кандидат кој би бил натпартиско решение?

ЃОРЧЕВ: Самата процедура и конвенција ќе го дадат одговорот. Важно е нашиот претседателски кандидат да биде личност околу која ќе се собира опозиционото и растечко незадоволство кон власта на Заев и СДСМ. Ни треба личност која што може да го артикулира тоа незадоволство и личност која што ќе донесе нова надеж во Македонија. Убеден сум Македонија ќе го каже и даде одговорот на владиното фијаско на секое поле за време на претседателските избори.

ПРЕС24: Во претседателските избори важен момент се албанските гласови. ВМРО-ДПМНЕ изминативе неколку години има сериозен хендикеп во поглед на довербата кај Албанците. Како мислите да се премости овој јаз?

ЃОРЧЕВ: Албанците секојдневно се разочаруваат од политиките на Зоран Заев и неговите министри. Многу се вети, а ништо конкретно не се исполни. Последниве недели тоа го повторив повеќе пати во Собранието. Голем број на Албанци на социјалните мрежи ми даваат поддршка и се согласуваат со моите оценки. Во наредниот период уште повеќе ќе зборуваме за лажните ветувања на Заев и СДСМ кон Албанците, затоа што Заев и власта нив ги излажа исто како Македонците и сите останати.

ПРЕС24: Колкави се реалните шанси заедно со претседателските да се случат и вонредни парламентарни избори?

ЃОРЧЕВ: Тоа треба да го одлучи власта, затоа што таа го има мнозинството. Ние сме во секој случај подготвени, а тоа ќе значи Пржинска влада во која ВМРО-ДПМНЕ ќе има свои ресори. Очекувам следниве недели и месеци да јакне разочарувањето кон власта и да расте рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, како централна сила која ќе ја составува следната влада.

ПРЕС24: Ако ВМРО-ДПМНЕ ги загуби следните претседателски избори, дали тоа би било доволна причина за одговорност од новото раководство на партијата?

ЃОРЧЕВ: Мислам дека власта ќе доживее големо, големо непријатно изненадување на претседателските избори. Едноставно немаат ниту еден позитивен проект, а имаат секојдневни скандали. Една тотална неспособност, проследена со алчност и ароганција. Што се однесува на следните парламентарни избори, нашиот кандидат за премиер е Христијан Мицкоски и убеден сум дека ќе понудиме програма која ќе ги даде клучките одговори за нашето општество. Следната влада на Република Македонија ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.

ПРЕС24: Веќе по божикните празници на 9 јануари во Собранието почнува пленарната седница за уставните измени. Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на таа дебата?

ЃОРЧЕВ: Објавивме дека нема да учествуваме, затоа што не сакаме да даваме легитимитет на целата постапка. Промената на уставното име Република Македонија нема поддшка од народот и мнозинството граѓани, а тоа се виде со дебаклот на неуспешниот референдум.

ПРЕС24: Ако поминат уставните следната 2019 година ќе биде година на почеток на процесот на имплементација на Преспанскиот договор. Како Вие како опозиција ќе се позиционирате во тој процес?

ЃОРЧЕВ:Ни самата влада нема компас и идеја како да го тера целиот процес. Факт е дека на тој начин не се завршуваат процесите, туку на граѓаните ќе им бидат приреден еден куп непријатни изненадувања во повеќе области. Потпишан е лош договор, кој ќе продолжи да нанесува негативни последици. Но, борбата за Македонија никогаш не запира. Македонија ќе најде сили да ја помине и издржи оваа гарнитура, која треба да си замине час поскоро.

2 јануари, 2019 - 14:24